29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПандемијата ги намали приходите на општините за 25 милиони евра!

Пандемијата ги намали приходите на општините за 25 милиони евра!

Ковид кризата удри и врз општинските финансии во Македонија. Приходите на Единиците на локалните самоуправи се најпогодени во првите три квартали од ланската година. Најголемо влијание за влошената финансиска кондиција е поради намалените приходи на општините. Центарот за економски анализи подготви истражување за импликациите врз јавните финансии кај општините во време на пандемија. Пресекот на студијата е направен заклучно со третиот квартал во 2020 година.

Според истражувањето на ЦЕА, намалувањето на приходите е резултат на намалената наплата на данокот на имот, даноците од специфични услуги и даноци кои се собираат од вршење на разни дејности. Податоците од студијата покажуваат дека сопствените приходи на општините во првите три квартали се намалиле за дури 18 отсто, во однос на истиот период во 2019 година. Тоа претставува намалување за речиси 25 милиони евра. Ситуацијата со пандемијата предизвика и да биде намалена  реализацијата на капиталните расходи на општините. Процеките на ЦЕА се дека во 2020 година вкупните планирани приходи на Единиците на локалните самоуправи ќе се бидат намалени за близу четири отсто во однос на планираните. Информациите од истражувањето велат дека капиталните расходи се намалени за 19 отсто во однос на првите три квартали во 2019 година. Во анализата се опфатени и податоци околу задолженоста на општините.

„Пандемијата со Ковид-19 од 2020 година предизвика дополнително оптоварување на јавниот долг поради потребата за финансирање на негативните влијанија, заедно со финансирањето на пакетите за економско олеснување и помош. Дискреционите политики во изминатиот период доведоа до значително зголемување на јавниот долгот и неповолни финансиски и економски последици, во изминатата деценија. Во периодот помеѓу 2009 и 2019 година, јавниот долг е зголемен за три пати и на крајот на К3 2020, изнесува 405,4 милијарди МКД со релативна вредност од ~61% од БДП. Дополнително е зголемен во првите девет месеци на 2020 за 64,745 милиони денари т.е. дополнителни 11 п.п. од БДП, а иницирано од дополнителната потреба за финансирање во услови на пандемија за економска помош и пад на јавните приходи при зголемени расходи“, стои во анализата на ЦЕА.

Општо познато е дека општините во земјава се зависни од парите кои ги добиваат од државната каса, а тие учествуваат со повеќе од половина од вкупните приходи на локалните самоуправи. Во 2019та од централниот буџет на локално ниво учеството било 60 отсто, 2018та 64 отсто, 2017та 62 отсто. Што се однесува до очекувањата на општините во однос на расходната страна на буџетот во најголема мера се дека ќе има намалување на вкупните расходи од 10 отсто. Но сепак, за речиси 20 отсто од општините очекувањата се дека нема да има промени во висината на вкупните расходи. За 40 отсто од општините очекувањата се дека во следниот периот ќе има зголемување на вкупните расходи во однос на планираните. А 45 отсто од локалните самоуправи сметаат дека во периодот што следи ќе имаат намалени вкупни расходи.

„Она што не е видливо од буџетите на ЕЛС е долгот кој се акумулира врз основа на доспеани, а неплатени обврски на општините кон различни добавувачи. Овој долг предизвика преседан во 2018 година. Со законот за финансиски поддршка на ЕЛС за финансирање на доспеаните обврски од централниот буџет кои во трет квартал на 2018 година изнесуваа над 81 милиони евра и учествуваа со вкупно 27% во вкупните доспеани обврски на јавниот сектор (тогаш 305,4 милиони евра). Во текот на 2019 година доспеаните, а не платени обврски на општините во апсолутна вредност опаѓаат (споредено со 2018 година), но веќе во текот на 2020 година, а особено во третиот квартал повторно се зголемуваат и кумулираат“, стои во истражувањето на ЦЕА.

Како дополнителен проблем кој се јавува кај општините е тоа дека тие не спроведуваат брза анализа на финансиските импликации врз локалните финансии и покажуваат слаба поврзаност на стратешки планови со финансиските планови и итните реакции како и со оперативни стратегии за управување со ризици. Препораките на ЦЕА се дека е потребно да се отвори прашањето за успешноста на децентрализацијата во Македонија. Тоа да се направи преку анализа на сите столбови, како што се доделување на надлежности, приходи, расходи, трансфери и задолжување. Ставот на ЦЕА е дека општините треба да ја подобрат комуникацијата со даночните обврзници и да работат кон унапредување на даночното однесување и морал како принцип за подобра даночна администрација.

„Расходите за субвенции за комуналните претпријатија во првите три квартали се со поголема реализација (86% од годишниот буџет) споредено со претходната година (65%). Доколку се одржи ваквата реализација до крајот на годината како ефект на Ковид-19 истите би се зголемиле за 140 милиони денари. Ова на долг рок треба да се адресира доколку ваквиот резултат претставува рефлексија на недоволните финансиски средства кои ги прибираат комуналните претпријатија и дали истите се доволни за покривање на цените на услугите кои ги плаќаат граѓаните“, стои во анализата.

Инаку, во истражувањето стои и дека потребно е Единиците на локалните самоуправи да го унапредат следењето на работата на јавните претпријатија кои се под нивна надлежност. Кризата од Ковид-19 ги откри недостатоците во одностите помеѓу јавните претпријатија и локалните власти. Како приоритет треба да бидат услугите за граѓаните кои ги обезбедуваат јавните претпријатија. Но општините и треба поефикасно да ги планираат и имплементираат системите за управување со кризи, Локалните самоуправи немаат функционални системи за рано предупредување и справување со кризни ситуации како што е кризата поврзана со Ковид 19. Општините исто така многу малку ја користат буџетската резерва која е планирана за вонредни ситуации како што е епидемијата. Податоците велат дека од јануари до септември лани општините искористиле помалку од резервите во однос на 2019 година. Од планираните 1,6 милиони евра искористени биле само една четвртина или 400 илјади евра.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП