28 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПриходите на „Газпром“ од извоз на гас се намалија за 42% до...

Приходите на „Газпром“ од извоз на гас се намалија за 42% до ноември 2020-та

Приходите на „Газпром“ од извоз на природен гас се намалија за 41,8% во периодот од јануари до ноември 2020-та година, покажуваат податоците на руската Федерална царинска служба. Гасниот гигант пријави приход од 122 милијарди долари за време на периодот.

За 11-те месеци од 2020-та година, „Газпром“ продаде 10,5% помалку природен гас во странство на годишно ниво, покажува извештајот. Компанијата во овој период извезла 178,4 милијарди кубни метри природен гас.

Според федералната служба, цената на природниот гас во ноември пораснала – на 155,48 долари за 1000 кубни метри, во споредба со 145 долари во октомври. Просечната цена на „Газпром“ во септември достигна 123 долари, а во летните месеци цената на природниот гас паѓа дури и под 90 долари за 1.000 кубни метри.

Ова зголемување во ноември ја одразува зголемената потрошувачка во текот на зимските месеци од годината.

Вкупно, во анализираниот период, руските компании извезувале стоки во вредност од 511,4 милијарди долари, што претставува пад од 16,3% на годишно ниво. Трговскиот биланс беше позитивен на 92,7 милијарди долари.

Основата на рускиот извоз се традиционално енергетски производи (50,4% од структурата на извозот). Општо земено, приходите од извоз според оваа ставка се намалија за 37,3% и физичките количини за 6,6%. Податоците покажуваат и намалување на извозот на електрична енергија (42%), керозин (13,5%) и нафта (11%). Но, има зголемување на извозот на бензин (за 26%) и течен природен гас (5,5%).

Постојат две компании кои имаат дозвола за извоз на течен природен гас од Русија – „Јамал ЛНГ“ и „Сахалин Енерџи“. Тие извезуваа 6,2 милиони кубни метри течен гас, но приходите паднаа за нешто повеќе од 15% до 6,5 милијарди долари. „Газпром“ поседува 50% од капиталот на „Сахалин Енерџи“. Другите акционери во компанијата што работат на полето „Сахалин 2“ се „Шел“ (27,5%), „Митсуи“ (12,5%) и „Митсубиши“ (10%).

Главни трговски партнери на Русија во овој период беа Кина, Германија и Холандија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП