Сите се во очекување на новиот сет економски мерки, како поддршка за исплата на плати и помош за компаниите. Колку тие ќе дадат резултати и ќе помогнат на граѓаните и стопанството? Експертите децидни помошта да стаса до граѓаните и фирмите што поскоро. Подобрување на состојбите треба да се очекува по процесот на вакцинација. Бизнисмените сметаат дека ситуацијата во приватниот сектор е критична и големите проблеми ќе започнат кога државната помош ќе секне. Сега стопанствениците бараат субвенции на плати, нови кредити и замрзнување на дел од даноците. Власта најави дека новиот сет мерки ќе стартува од февруари.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески смета дека мерките од Владата треба да продолжат во насока на зачувување на работните места. Но и за зачувување на доходот на ранливите категории на граѓани. Професорот е дециден, помошта од државата не може да оди до бескрај поради се поголемиот фискален притисок кој го создаваат мерките. Така што е потребна рационализација во тој дел, вели за Денар, Петрески. Но во случај кога се гледа светлото на крајот на тунелот со процесот на вакцинација се очекува дека ќе има промена на компонентите и тоа од социјална во развојна, односно властите ќе поддржуваат сектори во економијата кои може да придонесат за раст во економијата по ковид кризата.

„Генерално гледано Македонија во корона кризата на економски план не направи ништо различно од она што во просек го правеа другите земји и земјите од опкружувањето и развиените земји. Во смисла на тоа, кога прв пат се соочивме со ударот на кризата што предизвика ризик за работните места и губење на доходот на населението се дизајнираа мерки кои што горе долу ги видовме насекаде низ светот, а тоа реков предизвика притисок на јавните финансии. Сега во која мера ние сме рационализирале на расходната страна од буџетот, тука би рекол дека постоеше некој дополнителен простор каде што можеше да се направи рационализација, и особено да се поводи сметка на некој начин сите групи во општеството да го поднесат товарот од кризата. Тука зборувам за јавната администрација и за пензионерите, а Владата одлучи тоа да не го направи со што ланската беше и изборна година меѓутоа се на се земено ситуацијата со јавните финансии во моментов е прудентна и се надеваме дека ќе може да преминеме кон фискална консолидација, веднаш штом се разреши кризата. А тоа го гледам по процесот на примање на вакцина. Спротивно, доколку тој процес се одложи или не дај боже биде неефективно тогаш ќе имаме нова ситуација, остануваме во состојба на криза, што значи и понатаму ќе притиска на јавните финансии и ќе има потреба од нови задолжувања“, вели професорот Петрески.
Освен експертското мислење во однос на државната помош, побаравме и размислување и од Стопанските комори. Ставот на бизнис здруженијата е дека мерките се неопходни, особено на малите и средни претпријатија, но помош е потребна и на извозно ориентираните фирми.
„Државата навистина помогна, тоа што можеше, се задржа структурата на бизнисот и тоа е факт. Но, кога ќе почне да престанува нејзината помош ќе дојде критичниот момент. Тогаш ќе треба да се поддржат успешните компании, а тоа се, меѓу 300 и 500. За нив ќе треба да се направи некој фонд, чии критериуми ќе бидат врзани со иновативни и инвестициски решенија, нови технологии, за нешто што ќе придонесе да се реструктуира стопанството. Ризиците ќе бидат помали ако извршиме дисперзија и на извозот и на најголемиот трговски партнер. Значи, да НАТО, да и ЕУ, но ни требаат и нови пазари. Не можеме да останеме на сегашната ситуација според која 80 отсто од извозот е во ЕУ, а од нив 70 проценти одат само една држава, Германија, од нив 50 – 60 отсто се од една компанија. Тоа се сериозни ризици“, сметаат од Стопанската комора.
Што се однесува до Сојузот на стопански комори, бизнисмените сметаат дека заради сигурност и предвидливост Владата мора да објави нов сет на мерки до крајот на месецов. Финансиската поддршка на плати според нив треба да биде приоритет и на компаниите да им се помогне од јануари до април. За најпогодените фирми, од ССК велат дека потребна е неповратна финансиска помош.
Барањата пак на Стопанската комора на Северозападна Македонија се однесуваат во однос на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Велат, животот станува се поскап, а квалитетот на животот е се полош. Од ова бизнис здружение пак апелираат да се отворат делумно затворените сектори од туризмот, да продолжи мерката субвенционирани плати во износ од 14.500 денари најмалку до месец март 2021 и зголемување на фондот на развојната банка за кредити со ниски каматни стапки.
„Увозот на суровини да биде со нула проценти акциза, да се предвидат финансиски средства за компании кои вложуваат во дигитализација, да се укине данокот на добивка до 2022 година за најпогодените компании и да се поништат сите одлуки за мораториум на деталните урбанистички планови во општините со кои се спречуваат градежните инвестиции вредни над 500 милиони евра“, сметаат од Комората на северозападна Македонија.
Од Владата пак веќе најавија дека со новиот петти сет мерки ќе бидат опфатени најпогодените компании од здравствено економската криза. Со буџетот за годинава од Илинденска број два обезбедиле 50 милиони евра. Најавите на властите се дека новиот пакет мерки ќе почне да се реализира од следниот месец. Новите мерки тврдат дека се проектирале во заедничка комуникација со коморите и со синдикатите.
И.П