19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКлиматските промени опасност за почвата, а загадената почва поттикнувач на климатските промени

Климатските промени опасност за почвата, а загадената почва поттикнувач на климатските промени

Климатските промени се глобален предизвик кој нема граници, што значи е потребна координирана работа од страна на сите земји во борбата за намалување на последиците. Експертите сметаат дека треба да биде јасно, климатските промени не можат да се избегнат. Ефектите од климатските промени веќе се чувствуваат. Експертите посочуваат дека треба како граѓани да се бориме преку примена на мерки кои помагаат во намалување на климатските промени. Дополнитено, неодговорното однесување кон природата, предизвикува несакани последици, меѓу кои е и глобалното затоплување изразено преку сушите и поплавите кои се главните услови за климатските промени во почвата.

Заедно со промените на температурата, климатските промени предизвикуваат промени и на глобалните количини на врнежи и нивна дистрибуција. И бидејќи температурата и водата се два фактори кои имаат големо влијание врз процесите што се одвиваат во почвите, тоа значи дека климатските промени предизвикуваат промени во почвите, а промените во почвите потоа влијаат на климатските промени. Еден од гасовите на ефектот на стаклена градина, јаглеродниот диоксид (CO2) што ја задржува топлината во атмосферата се разменува меѓу почвата (почвениот воздух) и атмосферата. Почвата е најголемиот резервоар на јаглерод во форма на органска материја. Со намалување на органската материја во почвата, се ослободува поголемо количество на CO2 во атмосферата кое влијае на климатските промени. Промените во начинот на користењето на почвите драматично можат да ги зголемат емисиите на стакленички гасови. Според универзитетската професорка Татјана Миткова, потребно е под итно да се донесе Закон за почви. А со него да се воведе посебен мониторинг со кој би се спроведувало заштита на земјоделското земјиште. А тоа подразбира систематска контрола на плодноста на почвата, испитување на содржината на тешки метали и други штетни материи во почвата, проучување на влијанието на ѓубривата и на пестицидите врз квалитетот и приносот од земјоделските култури и промените на хемиските својства на почвата и квалитетот на водите за наводнување. Но и мониторинг на почвите од аспект на заштитата на животната средина и одржливиот развој или систематско следење на квалитетот на почвите преку следење на индикаторите за оцена на ризикот од деградација на почвите, како и преземање и спроведување на ремедијациони мерки за отстранување на последиците од контаминацијата и деградацијата на почвите без разлика дали тие се случуваат по природен пат или станува збор за антропогена деградација.

„Органскиот јаглерод на почвата, како суштинска компонента на здравјето на почвата, игра клучна улога во целокупното однесување на почвите и е столб на органската материја на почвата. Со текот на годините, улогата на почвите и органската материја во нив во климатскиот систем, особено во адаптацијата и ублажувањето на климатските промени, е препознаена и научно потврдена низ целиот свет. Зголемувањето на содржината на органскиот јаглерод во почвите го подобрува целокупното здравје и плодност на почвите, еластичноста и одржливоста на земјоделството, како и безбедноста на храната и исхраната. Земјоделците и другите засегнати страни можат да помогнат во намалувањето на емисијата на стакленички гасови од почвата со практики познати како Добра земјоделска пракса (ДПЗ). Овие активности го зголемуваат внесувањето на органска материја во почвата и го регулираат нејзиното разлагање во почвата”, вели за Денар професорката Татјана Миткова.

Климата не е статична и се менува со текот на времето. Но, експертите посочуваат дека  потребно е да се нагласи и неразделната врска помеѓу трите компоненти кои ја сочинуваат, а тоа се воздухот, водата и почвата, така да климатските варијации и климатските промени кои поинтензивно се чувствуваат во атмосферата и воздухот, истите се пренесуваат и влијаат на климатските промени во почвата.

Агромереорологот Ангелко Ангелески за Денар вели дека фактот што педогенезата е непрекинат процес кој трае и ќе трае, а борбата за храна и борбата за нејзино производство, за што е потребна подлога, го наведуваат човекот да врши дополнителни зафати како би ги зголемил површините но и плодноста, со што антропогенезата зазема посебно место во целиот овој процес.  Поројните врнежи со големи количества за кратко време, предизвикуваат и пореметување во педогенезата на почвата, нема континуиран пристап на вода, напротив има деградација преку транспортирање и губење на површинскиот плоден слој што претставува враќање назад за неколку десетици или стотици години колку што се потребни да се санира таа состојба и да се врати овој површински слој во приближно слична состојба како пред деградацијата, или воопшто да не може да се обнови.

„Од сите параметри земени во предходните анализи за климатските промени се доаѓа до податокот дека температурите на воздухот се ,,благо,“ покачени (за 1-1,5 оС) а додека врнежите се намалени или се во границите на просечните вредности, но проблем претставува нивниот поизразен нерамномерен распоред во текот на годината, при што се јавуваат суши поради долготрајни периоди без врнежи, и поплави заради паѓање на големи количества на врнежи за кратко време, кои почвата не е во состојба да ги апсорбира при што доаѓа со излевање на истите, најчесто со поплави и ерозија на нагибните терени, која во овој момент е и најголемиот проблем како резултат на овие климатските промени. Но, мора да се каже дека и земјоделството е значаен извор на стакленички гасови, како резултат на активностите во интензивното земјоделско производство, каде доаѓа до брзо распаѓање на органската материја во почвата и деградација на природната вегетација, зголемената употреба на пестициди, употребата на вештачки минерални ѓубриња и сл. што предизвикува ослободување на огромни количини јаглерод диоксид во атмосферата. Но исто така земјоделството придонесува за најголем дел од глобалните емисии на метан и азотен оксид во атмосферата“, вели за Денар Ангелко Ангелески, агрометеоролог.  

Ова истражување е дел од проектот на ENV.net кое има за цел да ја подигне општествената одговорност на компаниите и граѓаните и заеднички да започнат посвесно да се размислуваат и делуваат кон животната средина.  Главната причина за климатските промени е глобалното затоплување, предизвикано од ефектот на стаклена градина, природен процес со кој атмосферата задржува дел од сончевата топлина, овозможувајќи на Земјата да се обезбедат потребните услови за живот. Без ефектот на стаклена градина, просечната температура на Земјата би била -180C. Но, проблемот со кој се соочуваме денес е зголемувањето на ефектот на стаклената градина пред се како резултат на активностите на човекот кои предизвикуваат зголемување на температурата на Земјата.

И.П                                                                      

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП