27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПарализираниот авиосообраќај резултираше со огромни загуби на ТАВ Македонија

Парализираниот авиосообраќај резултираше со огромни загуби на ТАВ Македонија

Авиосообраќајот не само кај нас туку насекаде во светот е еден од најпогодените сектори од кризата. Затворени граници, блокирани аеродроми и граѓани кои не ни помислуваат да заминат ниту на патување во близина, а да не зборуваме за некоја подалечна дестинација за која најчесто одлуката е да се патува со авион. Нефункционирањето на двата македонски аеродроми, во Скопје и во Охрид секако резултираше со огромни финансиски загуби за концесионерот ТАВ Македонија. Податоците велат дека во периодот од јануари до септември годинава бројот на патници во споредба со истиот период лани е намален за дури 1,5 милиони лица.

Во моментов од Меѓународниот аеродром во Скопје може да се патува до Истанбул, Виена, Загреб, Белград, Цирих, Малме, Базел, Лондон, Дортмунд, Минхен (Меминген), Гетеборг, Ајндховен, Франкфурт, Стокхолм, Келн, Фридрихшафен, Хамбург, Нирнберг, Берлин , Копенхаген, Турку. Што се однесува пак до авиокомпаниите кои сообраќаат од аеродромот во главниот град се : Визер, Ер Србија, Кроација ерлајнс, Аустриан ерлајнс, Туркиш ерлајнс, Пегасус ерлајнс, Еделвајс, Чер ерлајнс.

„Двата аеродрома беа затворени 3,5 месеци помеѓу март и јули, како резултат на владините мерки за спречување на влез и ширење на КОВИД-19 во земјата. Вкупно 18 авиолинии беа откажани од и до аеродромите во Скопје и Охрид; 4 редовни линии од Скопје и 14 сезонски линии од Охрид. Од 1 јули ограничувањата се укинуваат постепено, во зависност од индивидуалните одлуки на земјите и регионите, а воздушниот сообраќај и авиокомпаниите се враќаат во функција врз основа на овие одлуки. Откако ќе бидат укинати сите ограничувања, очекуваме да се вратат сите авиокомпании“, велат за Денар од ТАВ Македонија.

Официјалните бројки покажуваат дека во периодот од јануари до септември ТАВ Македонија има пад од 69 отсто на патничкиот сообраќај. Податоците велат дека во првите девет месици од годинава има само 632.581 патник на двата македонски аеродрома, во споредба со истиот период од 2019 година кога имаше 2.052.829 патници и на скопскиот и охридскиот аеродром. Во истиот период бројот на летови е намален за 59 отсто. Но позитивни се информаците и најавите од компанијата Визер. Од таму најавуваат дека од десетти декември тие треба да започнат повторно со летање кон Братислава, Париз, Малта, Баден-Баден, Брисел, Будимпешта, Рим, Венеција и Милано. Од аеродромот во Охрид, во моментов е оперативрен само Цирих додека од средината на декември од компанијата се надеваат дека повтрно ќе летаат до Лондон, Базел, Малме, Виена и Дортмунд. Сепак велат дека треба да се земе предвид дена поради ситуацијата со Ковид – 19, авиокомпаниите многу често го менуваат распоредот на летови, така што сите објави може да бидат предмет на промена.

„Во однос на делот за намалениот интерес, би сакалe да појасниме дека најголемиот предизвик за македонскиот воздушен сообраќај во моментов не е намалениот интерес на патниците, бидејќи бевме сведоци на поинаква состојба во текот на летните месеци, кога имавме полни чартер-летови од скопскиот аеродром. Ова покажува дека луѓето кои имаат потреба и сакаат да патуваат, ги следат мерките на претпазливост, ги преземаат потребните заштитни мерки и патуваат по воздушен пат. Најголем предизвик на македонскиот воздушен сообраќај се ограничувањата на патување за македонските граѓани воведени од земјите-членки на ЕУ. Имено, граѓаните со македонски пасоши не можат да влезат во ниту една од земјите на ЕУ, освен ако се работи за есенцијално занимање, претежно се мисли на медицински работници или ако патникот има одреден вид виза – зависи од земјата. Дополнителен проблем е фактот што различни држави на ЕУ имаат различни ограничувачки политики воведени како резултат на КОВИД-19. Ова е надворешен фактор што ние како оператор на аеродромот не можеме да го ублажиме“, додаваат од ТАВ Македонија.

Од ТАВ Македонија велат дека и покрај драматично намалените приходи компанијата со сите сили се обидува да го одржи во живот бизнисот, и вработените да добиваат редовна плата. Признаваат дека поддршката на Владата им е од огромна важност за закрепнување на воздушниот сообраќај. Велат дека имајќи ги предвид сите предизвици со кои се соочува авијацијата на глобално ниво и ограничувањата за патување во ЕУ за македонските граѓани, тие се обидуваат условно кажано да „преживеат“. Сметаат дека компанијата е една од најпогодените од оваа здравствено-економска криза.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП