24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако отпадот станува капитал, кружната економија сè поактивна во Македонија!

Како отпадот станува капитал, кружната економија сè поактивна во Македонија!

Кружната економија зазема се поголем замав кај ново отворените бизниси во земјава. Повеќекратното искористување на еден производ е сè поатрактивно кај младите претприемачи „крадејќи“ ги идеите од странство или пак настапувајќи со иновативни проекти за кои и државата дава свој придодес и финансиска поддршка. Освен финансиски бенефит за компанијата, загарантирана е и заштитата на животната средина и се помага во борбата против климатските промени.

Денар подготви истражување во кое вклучи три компании кои се дел од кружната економија и кои беа препознаени од Фондот за иновации, при што и добија финансиска помош за остварување на нивната иновативна инвестиција. ФИТР од пред три години воведе двостепен процес на селекција:

– фаза на претселекција која ја вршат над 200 домашни експерти од различни области, и

– финална селекција која ја спроведува петчлен Комитет за одобрување на инвестиции составен од странски експерти избрани на меѓународен јавен конкурс. Комитетот ја носи конечната одлука за финансирање на предлог проектите врз база на однапред определени критериуми за избор. Еден од клучните критериуми е и влијание, со кој се оценува влијанието на предлог проектот и врз животната средина и во општеството.

Во земјава има компании кои се дел од така наречената кружна економија, на кои производствто им е со материјали кои се класичен отпад. Денар се обиде на еден сликовит начин да ја долови работата на овие иновативни компании.

Компанијата Акрон се занимава со отпадно стакло. Пред речиси дваесет години од оваа компанија велат дека нивната идеа за преработување на отпадното стакло не била ни најмалку атрактивна. Постоеле компании кои се занимавале со хартиен отпад, со пластика, железо, алауминиум но, не и со отпадно стакло. Од самиот старт на идејата, добивале одговори дека работата со отпадното стакло е економски неисплатлива. Но потоа, по долго истражување се решиле со нивната идеја да аплицираат за поддршка од државата преку Фондот за иновации. Од Фондот во два повика добиле 350 илјади евра. Вкупната инвестиција на компанијата до сега е над 750 илјади евра.

 „Посетивме неколку европски земји, Англија, Италија, Германија, Унгарија, за потребите на истражување на пазарот отидовме дури до Флорида, САД. Сето тоа беше поврзано со трошоци, но ние бевме одлучни да најдеме рентабилно решение за отпадното стакло. Доколку стаклениот отпад го пласирате во нетретирана форма, тогаш навистина целокупната операција е нерентабилна, но доколку го третирате и му обезбедите додадена вредност, тогаш доаѓaте до рентабилни води. Најголем дел од нашиот производ завршува на северно-американскиот пазар како репро-материјал за производство на композитни материјали кои се применуваат за ентериерни решенија. Дел од количините завршуваат во Бугарија за производство на ново амбалажно стакло. Напоменуваме дека ја третираме целокупната количина на стаклен отпад која пристигнува во нашата фабрика и 100% од готовиот производ е наменет за извоз, при што се остваруваат девизни приливи во нашата економија“, изјави Александар Пенев.

Интересна и несекојдневна е и следната иновативна инвестиција. Станува збор за компанијата Бионовел која има производство на калциум додатоци во исхраната од лушпи од јајца. Информациите кои ги добивме за овој изум се дека лушпата од јајцето имаа голема сличност со структурата на човечките коски, а калциумот кој се состои во лушпата од јацето има најголема биорасположливост или апсорција во човечкиот организам.

„Лушпите од јајца се значително тешки за преработка поради големите физички и микробиолошки загадувања. Од тука, со нашите патентирани иновативни методи на нивната преработка водиме постојана контрола во производните процеси како би ги зачувале сите бенефити кои во себе ги содржат лушпите од јајца, со цел истите да би биле сигурни и безбедни за употреба за нашите потрошувачи. Водени од нашата грижа за одржување и надградување на квалитетот на производството, процедурите на производство се стандардизирани според високите стандарди за производство на храна. Во моментов се вработени две лица во компанијата. Поради проблемите со светската пандемија оваа година, нашите планови за дополнителни вработувања се забавени, но детерминирани сме во определбата за постојан раст и развој. ФИТР со својата улога ни помогна во критичен момент на нашиот развој со проект во времетраење од септември 2018 до март 2020 година, овозможувајќи ни грант во износ од близу 6.5 милиони денари додека со сопствени средства во реализацијата на проектот учествувавме во износ од близу 3 милиони денари“, велат за Денар од оваа компанија.

Третата иновативна компанија која е дел од ова истражување за кружна економија доаѓа од текстилната индустрија. Компанијата НЕТАМ својата идеа ја црпи како што велат од секојдневната работа. При самиот производен процес останува отпад од текстилот, за чие отстранување се потребни финансиски средства, објаснуваат од компанијата. Дополнително, текстилниот отпад ја загадува околината, бидејќи претежно е неразградлив, и неговото отстранување е врзано со многу проблеми. Од друга страна има се уште употребна вредност. Во нивниот случај текстилниот отпад служи за изработка на градежни материјали за топлотна изолација. Нивниот проект чини околу 7,5 милиони денари, а од Фондот за иновации добиле 70 отсто од потребните средства.

„Основната цел која сакавме да ја постигнеме со имплементација на овој проект е собирање, рециклирање, преработка и изработка на нов производ од отпадните материјали од текстилната индустрија во Република Македонија и пласирање на новоизработените производи – изолациони панели, ролни, геотекстил и други изолациони материјали за градежната и другите индустрии. Проектот опфаќа собирање на отпадот, воведување на иновација во процесот на негова преработка и инсталирање на нова производна линија, изработка на готов производ и негова продажба на домашниот и странските пазари. Главна цел на проектот е неговата еколошка димензија – справување со технолошкиот отпад од текстилната индустрија, чие складирање во депониите преставува посебен проблем, (заради хемиско загадување, неразградливост, токсичност при согорување), и економскиот аспект, производство на нови изолациони производи од репроматеријал кој има многу ниска цена и манипулативни трошоци“, вели Ацевски Сашо.

Ова истражување е дел од проектот на EVN.net кое има за цел да ја подигне општествената одговорност на компаниите и граѓаните и заеднички да започнат посвесно да се размислуваат и делуваат кон животната средина. Кружната економија може да се каже дека е нов тренд на водење компанија и е еден од начините за справување со климатските промени. Инаку, ваквиот тип на економија според познавачите е поврзан со неколку цели и тоа дизајнирање, производство, консумација, одржување, искористување, поправање и крајно рециклирање. Познавачите велат дека во иднина бизнисите на долг рок ќе успеат само доколку водат сметка за животната средина. Преку различни инструменти на ФИТР досега се поддржани 7 проекти кои се директно вклучени во областа на кружна економија. Вкупниот обем на инвестиции во овие проекти е над 1.3 милиони евра од кои 900.000 евра е ко-финансирање од Фондот, додека над 400.000 евра се влог на самите компании. Тие се од различни области меѓу кои енергетика, градежништво, прехрамбена индустрија и екологија. 

Инаку, Фондот во своето портфолио до сега финансира и околу 50 проекти од областа на заштита на животна средина и енергетска ефикасност со вкупен обем на инвестиции од над 7 милиони евра. Дополнително, прашањата поврзани со екологијата се важен сегмент во процесот на аплицирање на сите инструменти на ФИТР. Апликантите задолжително доставуваат и пополнет прашалник во кој го образложуваат влијанието при имплементација на проектот врз животната средина.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП