19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРадијаторите ладни, регулаторот вели – жалете се, БЕГ тврди дека сѐ е...

Радијаторите ладни, регулаторот вели – жалете се, БЕГ тврди дека сѐ е по пропис

И покрај стартот на грејната сезона, во јавноста, а особено на социјалните мрежи последниве неколку дена врие од реакции на граѓани кои не се задоволни од топлинската енергија која ја добиваат во своите домови или во деловните простории. Реакциите на граѓаните се дека радијаторите не само што се ладни во делот од денот кога температурите надвор се над 10 целзиусови степени, туку дека неподносливо е во утринските и вечерните часови кога парното е целосно исклучено.

Денар побара одговори од Регулаторната комисија за енергетика, дали е дозволиво компанијата која дистрибуира топлинска енергија, по своја проценка да го уклучува греењето и повторно да го исклучува доколку оцени дека нема потреба од греење на граѓаните. Од оваа независна институција ни посочија дека квалитетот на греењето е утврдено во Правилата за снабдување со топлинска енергија и согласно правилникот снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимална температура од 20 плус еден степен во грејните простории во период од шест часот до дваесет и два часот во текот на еден ден. Во случај да не е обезбедена пропишаната температура, потрошувачот има право да побара проверка на квалитетот на греењето од страна на снабдувачот, по што се врши мерење во внатрешните простории и ако температурата е под минималната се дава процентуално ослободување од фактурата за топлинска енергија за една грејна сезона. Но исто така од РКЕ велат дека постои можност потрошувачите да побараат зголемена испорака на топлинска енергија на ниво на објект, со доставување на барање до Снабдувачот од страна на Заедницата на сопственици на станари.

„Во однос на поплаките од граѓаните кои пристигнуваат и до РКЕ, веднаш реагираме до снабдувачот со ургенција да се постапи и да се разреши проблемот и за исходот мора да не информираат. Правилата гарантираат ниво на температура, но она што е клучно во време на пандемија дека личната и корпоративна одговорноста да се обезбедат топли домови за сите е приоритет. РКЕ пристапи и кон измени на Законот за енергетика во кој ќе бидат пропишани казни далеку повисоки од оние кои се сега на сила, од 5 000 евра до 7 000 евра. Во иднина казните ќе бидат врзани со процент од вкупен приход што го остваруваат енергетските компании, што е и сугестија од Енергетската Заедница. Со зголемување на казните, ќе делуваме превентивно и ќе се дисциплинираат операторите на дистрибутивните системи да не се чувствуваат комотно и сериозно да ја сфатат својата улога, а со тоа ќе ги заштитиме потрошувачите. Дополнително измените ќе бидат и во насока веднаш да може да добијат пониски сметки, доколку не ја добијат услугата – а не како сега на крај од грејната сезона во порамнителните сметки”, велат од Регулаторната комисија за енергетика.

Што се однесува до Балкан Енерџи Груп, компанија која врши снабдување на најголем дел од потрошувачите на топлинска енергија во Скопје, од таму велат дека компаниите во состав на групацијата Балкан Енерџи Груп АД Скопје, кои вршат производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија се регулирани енергетски компании и сите активности се одвиваат во строго регулирани правила согласно законски и подзаконски акти. Од компанијата за Денар велат дека за домаќинствата и правните субјекти во Скопје кои се приклучени на централниот систем за топлинска енергија со кој управува БЕГ, од 15 октомври започна регулираниот период за редовна испорака на топлинска енергија, кој вообичаено трае, сѐ до 15 април следната година. Во рамките на овој период, испораката на топлинска енергија се врши од 6-22 часот по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури.

„Доколку надворешните температури се пониски, во текот на регулираниот период се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 +1 степен Целзиусов. При одредени атмосферски услови на доволно топло време, кога не е потребно никакво греење, се прекинува испораката на топлинска енергија во периодите на високи надворешни температури, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности, греењето повторно се вклучува. При испораката на топлинска енергија се обезбедува оптимална потрошувачкa на топлинска енергија со минимални трошоци за греење на корисниците“, велат од БЕГ.

Од БЕГ додаваат дека во моментов, нема дефект на централниот систем за греење со кој управува компанијата и нема затворен објект за испорака на топлинска енергија по тој основ. Тврдат дека топлинска енергија се испорачува до сите објекти приклучени на системот. Од БЕГ велат дека секој потрошувач може да пријави дефекти и рекламации за квалитет на греење во компанијата. Дополнително, потрошувачите имаат обврска да се грижат за функционалноста и исправноста на внатрешната грејна инсталација самостојно или со ангажирање на компании или стручни лица кои се занимаваат со одржување на системи за греење. Од БЕГ велат дека  единствен критериум за квалитетот на греењето е собната температура, а не колку се радијаторите загреани. Температурата на водата во нив се регулира автоматски во топлинската станица, во зависност од температурата на надворешниот воздух. Кога надвор е поладно, потребата за греење на објектот е поголема, па радијаторите се позагреани. Обратно, на потопло, потребно е пропорционално помалку топлинска енергија, за одржување на постојана собна температура. Доколку потрошувачот е незадоволен од квалитетот на греење во станот, може да поднесе барање за проверка на квалитет.

Инаку, во периодот август-април се испорачуваат авансни сметки-фактури до потрошувачите, а порамнувањето се врши во израмнителните сметки. Топлинска енергија се испорачува на 54.000 домаќинства и правни субјекти кои се приклучени на централниот систем на греење со кој управува БЕГ. Годинава, споредено со минатата година, бројот на нови потрошувачи е зголемен за 4% или 2222 потрошувачи, од кои 1428 се потрошувачи од новоизградени објекти. Во тек на 2020 година од системот се исклучиле 56 потрошувачи. А на последните состаноци на РКЕ со градежните комори, дел од нив посочија дека кај објектите кои се изградени по енергетско ефикасни стандарди истите трошат и до шест пати помалку струја за загревање, а онаму каде што греењето е решено со парно потребно е да се намали испораката на топлинска енергија затоа што поради квалитетот на вградените материјали и со пропишаната температура во просториите има повисока температура од потребната.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП