29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААвтомобилскиот сектор бара одложена финансиска помош, пари од буџетот да добијат до...

Автомобилскиот сектор бара одложена финансиска помош, пари од буџетот да добијат до крајот на идната година

Автомобилскиот сектор е сериозно погоден од Ковид -19. Освен проблемите во глобалниот ланец на добавувачи започнати со иницијалното ширење на заразата во Вухан и трговската војна помеѓу Соединетите американски држави и Кина, сега со ескалацијата на заразата во светот постои опасност од ново затворање или намалување на обемот на работа на погоните за производство на возила во Централна и Западна Европа. А добар дел од тие добавувачи се од фабриките на инвеститорите лоцирани во Македонија. Дополнително, состојбата се влошува од притисокот на конкуренцијата за воведување на нови технологии. Тука се и строгите протоколи за здравствена заштита на работниците во погоните, потоа растот на инфицирани, а со сето тоа и падот на побарувачката на нови возила. Оваа криза го погоди автомобилскиот сектор уште во средината на јануари, и сега очекувањата се овој сектор најспоро да закрепнува.

Од Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство посочуваат дека државата треба да ги помогне компаниите од автомобилскиот сектор едноставно преку извесно адаптирање на мерките за поддршка на економијата. Ставот на компаниите со странски капитал е дека потребно е овозможување на финансиска поддршка за брзорастечките компании од преработувачкиот сектор, комплетно извозно ориентирани фирми кои во минатата и тековната година имаат инвестирано во земјава сериозен износ на средства. Претседателот на асоцијацијата Виктор Мизо смета дека несоодветен е условот за финансиска поддршка. Несфатливо според Мизо е споредбата на падот на овогодишните приходи со месечните приходи од минатата година. Тој вели дека овие инвеститори имаат сериозен пад на приходите во споредба со проектираниот раст за годинава. Наместо пад на приходите, нивниот предлог е како критериум за градација за овие компании да биде нивото на инвестицијата како процент од реализираните приходи во претходната година. Да не се заборави вели, дека помошта се однесува за плати на вработените, а не за сопствениците на компаниите. Државата би имала многу поголеми буџетски трошоци доколку вработените во автомобилскиот сектор и поврзани дејности останеа без работа, отколку да поддржат дел од нивните плати за лимитиран период.

„За компаниите прифатливо би било да ги добијат средствата и одложено, по стабилизирање на состојбата согласно кондицијата на буџетот до крајот на 2021 година. Ова веќе беше и предложено преку Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија. Компаниите од секторот продолжуваат со инвестициите и покрај сите потешкотии. Сепак не поради нивна вина, состојбата пртедизвика доцнење на одредени проекти, а со тоа и одложување на дел од инвестициите. Неопходно е на сите инвеститори од секторот да им се даде можност за одложување на крајниот рок за исполнување на инвестицијата, реализирање и одржување на вработувањата кои се предвидени со договорите за доделување на државна помош за 6-12 месеци. Ова би креирало простор за двете страни, за државата и компаниите еден партнерски пристап, да ја одржат инвестицијата и да креираат можност за идни проширувања на капацитетите по завршување на кризата. Во некои економски мерки од уредбите видовме несреќно формулиран критериум за подобност на компаниите, а тоа е во 2019-та година да не  искажале негативен финансиски резултат односно загуба. Ова е рестриктивно и несоодветно ограничување на кругот на потенцијални корисници на поддршката“, вели за Денар Виктор Мизо, од Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.

Од Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство велат дека треба да се направи усогласување со правилата на Европската Унија каде ваквата помош не се дозволува само на „претпријатија во потешкотии“. Ова според нив е поширок поим од финансиска или сметководствена загуба или пад на приходи. Финансиската загуба или таканаречениот финансиски негативен резултат не може да биде сам по себе единствен индикатор за состојбата на потешкотии во кои се наоѓа компанијата.

„Ваквиот критериум треба дефинитивно да се избегнува од мерките и законите, посебно ако се земе во обзир дека првите неколку години капитално интензивните инвестиции имаат огромен сметководствен трошок за амортизација на опремата како и дополнителни трошоци неопходни за доведување на првичниот обем на производството на задолжително ниво при што капацитетите не секогаш се целосно искористени како и ефикасноста на кадарот не е на највисоко ниво од каде што произлегува потребата и за сите неопходни трошоци за првични обуки. Сите овие категории формираат значителен дел од негативниот финансиски резултат во нивните финансиски извештаи“, додава Мизо.

Асоцијацијата на странски инвеститори со напредно технолошко производство поднесе предлог до Владата за усогласување на царините за увоз на 30-тина тарифни кодови, со царините апликативни во земјите на Европската Унија. Подолг период овие компании беа во дискусија со надлежните институции околу потребата и важноста која го има ова прашање за подобрување на конкурентноста на компаниите на странските пазари. Зеленото светло кое го добија од Владата која донесе одлука за автономна мерка за усогласување на висината на царините за оваа првична група на производи минатата недела велат дека  е за поздравување. Усогласувањето според бизнисмените ќе креира можност за дополнителни инвестиции и креирање на нови работни места од страна на постоечките инвеститори во земјава кои во процесот на регионализација на своите производни локации многу посериозно ќе ја гледаат Македонија како потенцијална инвестициска дестинација. Во меѓувреме останува обврската на Асоцијацијата заедно со Владата во следниот период да работат на трајно решение за усогласување и на дополнителни тарифни броеви преку инкорпорирање на истите во законско решение кое ќе се спроведе во неколку фази.

Инаку, пред дваесетина дена компаните со германски капитал кои работат во земјава, но и во Германија на властите од Македонија им посочија дека се соочуваат со сериозни проблеми во функционирањето предизвикано од пандемијата. Токму најголемиот дел од тие компании се дел од автомобилскиот сектор во земјава, пред се сместени во индустриските зони. И германците најавија нови инвестиции по завршувањето на кризата, но побараа и тие соодветни мерки за подигнување на ликвидноста и предвидливоста во водењето бизнис.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП