29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКорона-кризата ја дозадолжи земјава, јавниот долг се искачи на историски 60,7% од...

Корона-кризата ја дозадолжи земјава, јавниот долг се искачи на историски 60,7% од БДП, земјава должи речиси 6,6 милијарди евра

Корона-кризата удри врз домашната економија, земјава забрзано се задолжува.

Откако на полугодие ја урнавме границата на јавен долг од 60 проценти од БДП, па заклучно со јуни тој изнесуваше 60,3 проценти од БДП, податоците на Министерството за финансии покажуваат дека заклучно со третиот квартал, јавниот долг на земјава се искачи на 60,7 проценти од БДП. Земјава заклучно со септември должи 6 милијарди 571 милион евра. За само шест месеци од пандемијата, или од март до септември јавниот долг на земјава пораснал за над 1 милијарда евра или за 9,3 проценти од БДП. Од јули до септември пак кога земјава беше во избори и формирање на нова влада, долгот пораснал за нови 44,5 милиони евра. Нови задолжувања се предвидени и со вториот ребаланс на буџетот за годинава.

Министерот за финансии при презентацијата на ребалансот рече дека не очекува со новите задолжувања јавниот долг до крајот на годината да се зголеми за повеќе од 1 процентен поен или тогаш предвидуваше дека ќе биде до 60,5 проценти од БДП. Но оваа граница ја пробивме во третиот квартал, па сега никој не прогнозира со колкав јавен долг земјава ќе ја заврши годината.

Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека во третиот квартал во однос на вториот, пораснал надворешниот долг на земјава за над 30 милиони евра, а внатрешниот за над 10 милиони евра.

Црни прогнози за економијата стигнуваат и од Меѓународниот монетарен фонд кој најави дека светот запаѓа во длабока рецесија предизвикана како последица на пандемијата со Ковид -19.

ММФ очекува глобалниот бруто домашен производ (БДП) да падне за 4,9 проценти оваа година, Светската банка (СБ) предвидува пад од 5,2 проценти, а Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) проценува дека падот ќе биде 6 процени.

А кризата и забрзаното задолжување се главните теми околу кои веќе пет денови расправаа и пратениците во Собранието. Расходите во државната каса се проектирани на 4,1 милијарда евра. Предвиден е буџетски дефицит од 8,5 проценти од БДП или ќе недостасуваат вкупнио 920 милиони евра кои дел ќе се бараат со нови задолжувања.

Опозицијата го спори кратењето на капиталните инвестиции со ребалансот, како и задожувањето.

„Празен ви е буџетот, не можете да го наполните. Предвидувате раст секоја година, нема раст во буџетот, предвидувањата се само дека ќе расте дупката. Следната година како ќе најдете пари, и тие пари што ќе ги барате се премногу скапи. Затоа, следната година ќе немате ниту еден капитален проект иако ветувате многу повторно ќе излажете“, рече Владо Мисајловски- пратеник на ВМРО- ДПМНЕ.

За власта  има доволно капитални проекти кои ќе се реализираат до крајот на оваа година.

„Ако добро сте го прочитале буџетот ќе видите дека предвидуваме 644 милиони денари во овој ребаланс до крајот на оваа фискална година, од кои 500 милиони денари одат директно за капитални проекти за помошта директно за општините. Од тие 644 милиони, 144 одат директно во јавните претпријатија и тоа е грижа за граѓаните“, рече Костадин Костадинов- пратеник на СДСМ.

Според власта ребалансот беше неопходен за финансирање на четвртиот сет антикризни мерки тежок 470 милиони евра за справување со последиците од пандемијата со корона вирусот.

Инаку податоците на Министерството за финансии покажуваат дека пример во 2008 година јавниот долг изнесувал 1,55 милијарди евра или 23% од БДП. На крајот од 2016 задолженоста достигна 4,71 милијарди евра, или 50,1% од БДП. До 2011 година јавниот долг на земјава бил под 2 милијарди евра, по што почнува драстично да расте. Меѓународните финансииски институции алармираа да се внимава со задолжувањето предизвикано од пандемијата. А експертите беа категорични дека ако кризата продолжи и наредната година, треба да се запрашаме како ќе ги враќаме парите кои сме ги позајмиле.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП