25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЧетвртиот пакет мерки чека на пратениците, бизнисот алармира дека нема пари за...

Четвртиот пакет мерки чека на пратениците, бизнисот алармира дека нема пари за октомвриска плата, УЈП апелира исплатете ќе ви дадеме

Додека се чека на пратениците да ги изгласаат законите со кои ќе може да стартува четвртиот пакет антикризни мерки тежок 470 милиони евра, бизнисот и граѓаните се во неизвесност кога ќе ги добијат парите, а експертите со низа забелешки и за овој, но и за останатите три пакети мерки кои ги подготви владата.

Ниската реализација на претходните пакети придонесе да немаат доверба ниту во четвртиот кој уште не почнал да се реализира. Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека од наредната недела се очекува мерките да бидат оперативни. Но кога точно ќе почне реализацијата никој не знае. Првично треба до крајот на неделава да се изгласаат во Собранието законските акти, потоа за секоја мерка треба да има правилник за кој ќе важат и кој може да аплицира и да ги користи пакетите за помош од пандемијата. Дури потоа да се аплицира и институциите да одговорат дали условите се исполнети или не, па после тоа да се исплатуваат парите на погодените компании и граѓани од кризата.

Со четвртиот пакет, платежни картички за купување на домашни производи од 6.000 денари треба да добијат пензионерите со пониска пензија од 15.000 денари, самохраните мајки и над 83.000 пасивни баратели на работа. Проекцијата е дека треба де се поделат над 280.000 платежни картички за купување на домашни производи.  Продолжува и субвеницирањето на платите во стопанството последните три месеци од годинава од октомври до декември, но овој пат скалесто – фирмите ќе може да добијат од 14.500 до 21.700 денари, според загубите кои ги прикажале поради корона-кризата.

Во пакетот кој содржи 31 мерка се предвидуваат грантови и за игротеките, ресторантите за свадби, туристичкките агенции, минимални плати за туристичките агенции. Безкаматни кредити до 100 милиони евра за компаниите, ќе се намали ДДВ за ресторанските услуги за храна и пијалоци на фиксни 10 проценти. Владата очекува со четвртиот пакет да опфати над 600.000 корисници.

Според експертите ниската реализација на претходните три пакети, ја разнишала довербата кај инвеститорите и во четвртиот пакет.

Институтот „Finance Think“ излезе со анализа на економските мерки на Владата за справување со последиците од корона-кризата. Анализата  „Како пазарот ги оцени економските мерки против Ковид-19“ покажала дека четвртиот пакет не придонесе кон враќање на довербата на инвеститорите во македонската економија. Пазарот негативно го оцени првиот пакет економски мерки, но оптимистички реагираше на вториот, докажувајќи дека формата и големината на мерките беше соодветна за поттикнување на економијата. Инвеститорите беа резервирани по објавите на третиот и четвртиот пакет мерки, веројатно затоа што веќе ја имаа вградено информацијата за ниската реализација на мерките од претходните два пакета. Ги анализирале движењата на приносите на компаниите кои котираат на Македонската Берза околу објавите на четирите пакета економски мерки, со цел да утврдат како пазарот ги оцени мерките на Владата.

Сумирајќи ги резултатите од реакцијата на пазарот на сите четири настани ФТ заклучуваат дека магнитудата на мерките е важна.

„Првиот пакет мерки беше минимален и не само што не успеа да го подигне сентиментот на пазарот, туку го продолжи неговиот пад. Ниту банкарскиот сектор не беше имун на ударот од пандемијата покрај смирувачките пораки од Народната Банка за стабилноста на финансискиот систем, стои во заклучоците, вториот пакет) се позитивно оценети од пазарот. Инвеститорите, посочуваат, оценија дека формата на вториот пакет мерки е соодветна и ги зголемија своите влогови на пазарот на капитал вреднувајќи ја перспективата на компаниите и банките како позитивна. Мерките насочени кон побарувачката (посебно во третиот пакет) се прифатени со резерва од пазарот. Иако со овие мерки се таргетирани одредени сектори (како што се туризмот и трговијата), тешко е да се утврди како би се прелеале позитивните ефекти од овие мерки врз останатите во економијата. Иако немаше реакцијата на третиот пакет мерки, ваквите мерки беа потребни за стимулирање на побарувачката во одредени сектори. За ваквите мерки да го зголемат оптимизмот на пазарот, потребен е поголем опфат и износ“,  стои во заклучоците на „Finance Think.

Од ФТ во заклучоците порачуваат дека комуникацијата е важна, но реализацијата е уште поважна.

„Разликите во реакциите на вториот и четвртиот пакет мерки (иако беа слични во формата и опфатот) докажува дека пазарот брзо учи и ја вградува ниската реализација во своите очекувања. Пазарот останува резервиран во однос на секоја најава на мерки поради ниската реализација, иако иницијално позитивно реагираше на најавата на вториот пакет мерки. Секоја наредна најава на мерки ќе биде слично консумирана, се додека не се подигне процентот на реализација“, заклучува ФТ.

Според анализата, бизнисот долго го очекуваше четвртиот пакет мерки кој требаше да претставува значаен стимул за економија во пресрет на есенскиот бран од пандемијата.

„Објавувањето на четвртиот пакет следуваше по објавата на процентот на реализација на претходните мерките каде Владата успеа да реализира приближно 35.3 проценти од планираниот износ за мерки. Иако последниот пакет мерки беше комбинација и продолжение на вториот и третиот пакет и најобемен, тој не предизвика реакција на пазарот на капитал. Четвртиот пакет не придонесе кон враќање на довербата на инвеститорите во македонската економија во пресрет на есенскиот бран на пандемијата. Инвеститорите останаа внимателни, земајќи ја предвид релативно ниската реализација на мерките и чекајќи го развојот на пандемијата во наредниот период.“, стои во анализата.

А додека законите чекаат да бидат изгласани од пратениците, а бизнисот одамна стравуваше дека помошта нема да стигне за да ја исплатат октомвриската плата, заклучно со 15 ноември, УЈП денеска излезе со соопштение – ги повика газдите, ако имаат пари да ги исплатат платите на работнците, а штомм се изгласа законот ќе ја добијат помошта од државата.

„Имајќи го предвид фактот дека законот сè уште не е донесен како и краткиот рок за поднесување на барањето за финансиска поддршка за исплата на платите на работниците, работодавачите кои имаат можност за исплата на платата, може истото да го сторат веднаш, а по донесувањето на законот ќе имаат можност да го поднесат барањето и да направат корекција на МПИН образецот за користење на финансиска поддршка за исплата на платите“, велат од УЈП.

А откако еднаш се изгоре со злоупотребите на финансиската помош за исплата на минималец, кога стотици газди наместо на работниците, парите си ги ставија во џеб, Владата сега ги стегна механизмите и санкциите за газдите.

Па така кривична пријава за работодавците кои ќе добијат субвенции за плати на работниците врз основа на лажна изјава за финансиската состојба на компанијата и за број на работници, како и глоби во висина од 500 до 10.000 евра за разни злоупотреби со овие пари добиени од државата, се предвидуваат со новиот Предлог на закон за реализирање на оваа мерка од четвртиот антикризен пакет.

Па така газдите кои нема да ги искористат парите наменски ќе треба да ги вратат, ќе заработат прекршочна а потоа и кривична пријава за злоупотребата.

Предвидени се глоби од 500 до 1.000 евра за микро, од 500 до 2.000 евра за малите, од 1.000 до 6.000 евра за средните и од 1.000 до 10.000 евра за големите компании ако исплатат пониска плата од примената финансиска поддршка и ако не ги вратат добиените пари заедно со камата за јавни давачки, кога ќе се утврди дека не исполниле услови за добивање на парите. За овие прекршоци глобите за одговорното лице во правното лице се од 100 до 500 евра, за физичките лица се движат од 100 до 250 евра.

Овој закон треба да се донесе по скратена постапка, но во него има и рок за аплицирање за мерката, кој истекува на 7 ноември. Во предлогот на законот стои дека подзаконските акти треба да се изготват во рок од 10 денови.

Оваа мерка тежи 70 милиони евра, а владата планира со неа да се поддржат 83.000 работни места преку субвенционирање на вкупно 250.000 плати за октомври, ноември и декември.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП