19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата треба да работи на подобрување на транспарентноста и очетноста при...

Владата треба да работи на подобрување на транспарентноста и очетноста при делењето на државната помош за Ковид – 19

Потребно е Владата да ја подобри транспарентноста при делење на државната помош за граѓаните и компаниите погодени од пандемијата. Ова е клучниот заклучок на Центарот за економски анализи кој спроведе истражување за отчетноста на процесот на доделување и контрола на државната помош за Ковид – 19. Анализата е направена по параметри кои ги опфаќаат вториот и третиот сет на мерки.

Во однос на стандардите кои се применуваат во развиените земји, поточно во државите членки на Европската Унија, анализата на Центарот за економски анализи покажува дека транспарентноста на државната помош која Владата ја дели на граѓаните и компаниите погодени од Ковид – 19 укажува на потреба дека е потребно подобрување на транспарентноста и контролата на државната помош воопшто, и тоа преку унапредено обелоденување на целосни и навремени информации. Наодите од истражувањето покажуваат дека земјава продолжува да го следи повеќегодишниот тренд на недостаток на доволна транспарентност при доделување на државната помош воопшто и вклучително на државната помош за справување со Ковид – 19. Од ЦЕА за Денар велат дека клучната препорака за државната помош во Македонија е да се следи регулативата и праксата на Европската комисија и земјите членки во начинот и формата на обелоденување на сите информации во процесот на доделување и контрола на државната помош. 

„Транспарентноста на државната помош во РСМ може да се подобри преку следење на регулативата и праксата на земјите членки на ЕУ, имено тоа значи да се започне со редовно и навремено објавување на целосно информации и податоци. Потребно е објавување на информација за планирана државна помош, објавување на барањата за одобрување на планираната државна помош, објавување на решенијата за државна помош која се дозволила, воспоставување на регистар на планираната и на доделена државна помош, објавување на податоците за давателите на државна помош како и за корисниците на државна помош по мерки: која институција дава, по која мерка, кој е корисник, и во која вредност. Сето тоа треба да биде интегрирано на едно место, по примерот на ЕУ земјите членки, каде сите податоци и информации се објавуваат од страна на Европската Комисија”, вели за Денар Весна Гарванлиева Андонова од ЦЕА.

Инаку, во земјава надлежно тело кое врши контрола на државната помош е Комисијата за заштита на конкуренцијата и таа е институцијата каде се вкрстуваат овие информации. Препораката на ЦЕА е дека потребно е да се врши најадекватно прибирање и консолидирање на податоците и да се врши нивно навремено објавување и при тоа редовно да се врши ажурирање на податоците. Дополнително, во анализата е наведено и дека решенијата за државната помош за вториот и третиот сет се донесени релативно брзо од страна на надлежните, но нивното објавување на веб страната на Комисијата за заштита на конкуренцијата следи по речиси четири месеци и не постои пракса за обелоденување на барањата.

„Имајќи во предвид итноста поради Ковид-19, доделувањето односно одобрувањето на доделување на државната помош бара побрз одговор од надлежните институции (наместо рокот од 60 денови), имено кај членките на ЕУ првите мерки се одобрени во рок од два дена од доставеното известување. Сепак итноста не ја поништува постапката односно процесот и процедурите за известување, испитување и изготвување на решение кои се неопходни пред да се додели државна помош. Информациите кои се достапни од аспект на објавени информации од давателите кои планирале да доделат државна помош и од надлежното тело укажува на недостатоци при следење на процедурите од страна на давателите на државна помош но и на непочитување на законските одредби за транспарентност и јавност на информациите за државна помош од страна на надлежното тело“, стои во анализата на ЦЕА.

Дополнително, потребно е унапреување на  транспарентноста кај така наречената помош од мало значење што би значело помош чија висина за еден економски оператор не надминува 200 илјади евра за три години, за која според законот не е потребно решение со одобрување од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Меѓутоа, за економија со обем каков што имаме можеби и овој праг е превисок, па оттука препорачуваме и оваа помош да се објавува, како по примерот и на други земји како и некои од земјите од регионот. 

Податоците велат дека од издадените решенија на давателите на државна помош за вториот и третиот пакет мерки кои се објавени планираната и одобрената помош изнесува 177,7 милиони евра.

Она што може да се забележи исто така е и дека на страната на КЗК се уште нема регистар или јавно достапна евиденција на државната помош иако оваа е долгогодишна забелешка која се повторува во земјава, а е нотирана во извештаите на Европската Унија.

„Друг вид на мерки кои што ги преземаат државите за ублажување на ефектите од пандемијата, а кои не се квалификуваат како државна помош, се мерки како: суспендирања/одложувања на плаќања на даноци како данок на добивка, данок на додадена вредност или социјални придонеси, а кои се во корист на сите претпријатија без исклучоци“, додава Весна Гарванлиева Андонова од ЦЕА.

За да добиеме илустрација за големината на планираната државна помош во Европската Унија за Ковид 19, во време на финансиска криза во ЕУ21 која е програма за спас на Ирска таа изнесувала 85 милијарди евра, додека во екот на кризата со Ковид -19, во само еден Комисијата одобрила пакет на државна помош на барање на Франција во висина од 300 милијарди евра. Сепак висината и уделот на државната помош во ЕУ зависи од секоја земја засебно.

Државите извојуваат од сопствените буџети за сопствената економија па оттука и огромните разлики во апсолутната и релативна вредност на одобрена државна помош на ниво на земја-членка. Износот кој секоја земја го планира и издвојува, а по одобрување и го доделува варира во зависност од големината на економијата, политиките, фискалниот простор, можностите за задолжување и финансирање на планираната помош, па оттука и уделот на секоја земја членка. Имено, заклучно со 14 септември учеството на одобрената државна помош за Германија учествува со околу 41% од вкупната одобрена на ниво на ЕУ или околу 644 милијарди евра, Франција со 25% околу 385 милијарди евра, Италија 15% околу 234 милијарди евра и останатите 25 земји со вкупно 19%.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП