26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМузичарите бараат излез од сивата зона, не им треба социјална помош од...

Музичарите бараат излез од сивата зона, не им треба социјална помош од државата туку протокол за работа!

Музичарите сметаат дека крајно време е да се отвори прашањето за нивните права. Владината одлука за стопирање на секаков вид на музички настани во угостителските објекти дополнително ги мотивираше тие да го кренат гласот, но овој пат не преку песна туку со дијалог и договор со надлежните да се изнајде решение за функционирање на нивната дејност. Сметаат дека доволно беа во како што велат „сивата зона“ и нивна намера е сега тие да ја регулираат својата работа преку плаќање на придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Додаваат дека од државата не им е потребна краткорочна финансиска помош, туку итни протоколи за работа кои треба да бидат строги и сите да ги почитуваат.

„Идеите, плановите и целите на нашето здружение не се краткорочни и не го создадовме за да побараме еднократна или двократна помош, туку програмата и идеите се базираат на долгогодишно ниво и чекор по чекор се надеваме дека и преку законски измени и дополнувања на одредени веќе постоечки закони, ќе успееме да го кренеме нивото на културата во Македонија, а истовремено и самите творци и двигатели на тој културен бран ќе можат да ги остварат прават што е повеќе од јасно дека ги заслужуваат. Ова не е ништо ново, функционира скоро беспрекорно во многу земји, и затоа не гледаме причина зошто тоа не би функционирало на истиот начин и кај нас“, велат за Денар од Здружението на музичари „Музика сега“.

Од ова здружение напоменуваат дека се формирани само за една цел а тоа е унапредување на правата на музичарите и сметаат  дека треба да се направи што е можно поскоро ревизија на сите донесени протоколи од страна на властите кои се однесуваат на нив и нивната работа. Музичарите веќе имаат подготвено свои мерки и протоколи кои се подготвени да ги достават како предлози до Владата и до Комисијата за заразни болести. Здружението на музичари се надева дека со нивните предлог мерки ќе придонесат за олеснување на правилата кои забранија секаков вид на жива музичка програма во локалите. Свесни се за опасностите од пандемијата но велат дека поради неколку несовесни угостители кои не ги почитувале првично донесените протоколи не треба да трпи цела музичка индустрија во земјава. Музичарите бараат од Комисијата за заразни болести барем еднаш во месецот да одржува состаноци со Здружението за унапредување на правата на музичарите, каде би се разгледувале тековните и актуелни проблеми поврзани со нив.

„Сведоци сме дека состојбата, мерките и протоколите поврзани со пандемијата се менуваат многу често. Така што во директен договор помеѓу двете страни многу работи ќе има можност да се менуваат на дневна основа, протоколите да се адаптираат во согласност на случувањата со пандемијата“, велат од здружението.

Музичарите имаат намера да и предложат на Владата, на Министерството за култура, како и на Заедниците на единиците на локалните заедници од своите годишни буџети да одвојуваат еден дел од финансиите за организирање на музички настани на територија на цела Македонија.

„Пред се, Министерството за култура, сметаме дека треба да биде наш заштитник, поддржувач и помагател на сите проекти кои што вредат и заслужуваат да бидат претставени пред јавноста, на крајот на краиштата овие органи треба да постојат за унапредување на културата, културно издигнување на индивидуалецот, продуховување и давање можност публиката да ужива во прекрасната музика од домашните автори кои што цел живот го посветиле на создавањето музика која што едноставно мора да биде споделена со јавноста преку концертни настапи со присуство на публика, а не преку онлајн преноси, кои што никогаш и никако нема да можат да го заменат комплетното доживување на поединецот кога присуствува на концерт“, додаваат музичарите.

Од здружението размислуваат и за изнаоѓање на решенија преку законски измени за поголема застапеност на македонските музичари во медиумите. Сметаат дека на тој начин, преку поголема застапеност во електронските медиуми, телевизиите или радијата тие ќе можат да остваруваат за неколку проценти поголеми приходи од Здружението за заштита на авторски права, средства кои би помогнале во дополнително инвестирање во музиката, нова опрема, снимање албум, видео запис и останати трошоци кои им се редовни за нормално функционирање.

„Искрено се надеваме дека ние како здружение за унапредување и заштита на правата на музичарите можеме да бидеме иницијалната каписла за обединување на сите постоечки здруженија во една голема македонска Унија, која што искрено и без скриени намери би помогнала во унапредувањето на сите музички субјекти во државата, од која сите би имале бенефит, а на крајот на денот тоа може и да придонесе за поголемо развивање на македонската музичка сцена која што одамна е на маргините и никако не може да застане на здрави и цврсти нозе, како што беше случај некогаш порано.“

 Музичарите се надеваат дека надлежните ќе имаат слух и сериозно ќе ги разгледаат нивните предлози. 

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП