4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИ спортот дише на шкрги

И спортот дише на шкрги

Речиси и да нема индустрија во земјава но и на светско ниво која не добила сериозен удар од пандемијата со корона вирусот. Како многу сектори кои принудно беа затворени, така и спортот на глобално ниво неколку месеци беше комплетно парализиран. Тоа во превод значи празни спортски сали и  стадиони, намалени спонзорства, раскинати договори кон спортистите, скратени плати и премии, со еден збор катастрофална спортска сезона гледано од финансиски аспект. Податоците кои доаѓаат од терен велат дека клубовите најголемиот дел од буџетите ги пополнуваат преку ваучерите од државата. Но наплатата годинава ќе биде многу проблематична.

Денар разговараше со спортски работници и спортски новинари, како и со Агенцијата за млади и спорт сѐ со цел да ја долови вистинската слика и да ја објави точната состојба поврзана со ликвидноста на спортските клубови во земјава. Добро упатените во оваа проблематика потврдуваат дека ударот од оваа здравствено-економска криза дефинитивно е голем, а последиците допрва ќе се чувствуваат. Велат дека пандемијата го намали профитот на компаниите, а со тоа и данокот кој треба да се плати кон државата, а тоа значи празнење на делот за спонзорства на спортските колективи. Што се однесува до директните спонзорства, тие во последниот периот бележеле сериозен пад, а со пандемијата нивниот како што велат ендемски вид целосно ќе исчезне, а тоа значи дека дупките во клубските буџети дополнително ќе се продлабочат.

„Генерално гледано, ударот е еднаков во сите спортови. Сигурно, според скалата на атрактивност на спортот за рекламирање, ударот ќе биде поголем кај помалку атрактивните, кои и досега мака мачеа да обезбедат основни средства за функционирање. Но, секако, сумите се далеку поголеми кај врвниот спорт, а со тоа и ударот е пожесток. Слушаме за откажани или пролонгирани спонзорски договори и проблеми со наплата. Но, има и спротивни примери, како ракометот. Во време на пандемија ние покрај Вардар добиваме уште два силни и конкурентни тима, Еурофарм Пелистер и Металург, кои летово се натпреваруваа кој ќе донесе поатрактивно странско име, што не е можно ако немате пари. Така да, сѐ се сведува на умешното менаџирање на клубот, поради што не постои општа генерализација по ова прашање“, вели за Денар Игор Крстевски, долгогодиеш спортски новинар.

Крстевски додава дека клубовите од земјава поголема помош од државата од каде добија ваучери не можеа ниту да очекуваат. Вели, за најголем дел од нив тоа е и единствениот начин за егзистирање. Згора на тоа, спортистите беа вклучени во дел од мерките за помош при справувањето со кризата поради пандемијата со коронавирусот. Нормално дека секогаш за сѐ може повеќе и подобро. Најави за такво нешто има, сега треба да почекаме на реализацијата.

„Неофицијално, слушаме за разни модели со кои тимовите се справуваат, но мора да се знае дека не е исто да се најде решение со спортисти кои заработуваат 300 или 500 евра, со тие што месечно инкасираа 3.000 или 5.000 евра. Знам дека голем број од спортистите ја искористија помошта од државата, што значи дека не останале без приходи, знам и клубови кои имаат исплатено сѐ, додека тие со поголеми примања во најлош случај добиле осум плати претходно чиј износ е повеќекратно над македонскиот просек. Секогаш ќе има задоволни и незадоволни, но по мене најважно е спортистите од оваа ситуација да извлечат поука и да почнат институционално да се борат за своите права. Да се изборат за место во државата, за свои синдикати по спортови, па зошто не и еден целосен, наменет за сите спортисти. Да наметнат решение да може да бидат пријавени во Заводот за вработување како фудбалери, кошаркари, ракометари, што сега не знам дали е баш можно, но и да бидат подготвени дел од месечните плати да им бидат одвоени за социјална сигурност“, додава Крстевски.

Податоците пак кои ги добивме од Агенцијата за млади и спорт велат дека за април и мај државата поделила 17 милиони денари на повеќе од 586 спортки клубови кои работат со младински категории. Клубовите за тие два месеци добија по 500 евра. Дополнително за истите месеци од Агенцијата за млади и спорт исплатиле и минимлна плата  од 14 500 денари на спортистите и спортските работници од земјава.

„14.500 денари добија сите клубови кои имаат регистрирано минимум 40 млади спортисти до 18 години во индивидуалните спортови, односно минимум 80 млади спортисти до 18 години во екипните спортови. Финансиски средства за реализација на Националниот спортски систем на сите Национални спортски федерации до крајот на 2020 година. Финансирање на програмите на индивидуалните врвни спортисти од олимписките спортови. Предлог за 50% намалување на цените на услугите на спортските објекти во надлежност на институциите. Ослободување од плаќање годишна членарина или котизација, што клубовите имаат обврска да ја платат до крајот на 2020 година“, велат за Денар од Агенцијата за млади и спорт.

Не само спортистите и спортските клубови, туку се потежок во Македонија е и опстанокот на спортското новинарство. Во спортското новинарство очајна е ситуацијата најмалку една деценија, велат спортските новинари. Ситуацијата со пандемијата само ја влоши ситуацијата, како економски, така и од аспект на морал и желба за работа. Веќе шест месеци нема домашен спорт, нема натпревари, нема возбудувања на терените, а без тоа нашата професија е сведена на обични преведувачи. Тоа можеби е интересно за помладите колеги, но тоа не е новинарство.

„Да се надеваме само дека сето ова набрзо ќе остане зад нас како лош сон и дека сите ние ќе се вратиме во старата нормалност. А, тоа за нас значи дерби-пресметки, приказни од терените, текстови за херои и за трагичари, големи настани, пишување за шампиони. Тоа е адреналинот поради што и понатаму сме во оваа професија, за која сѐ уште романтично се надеваме дека некогаш пак ќе биде достоинствена и пред сѐ – почитувана“, вели Игор Крстевски.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП