8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА60% од граѓаните кои пазареле на Интернет не се задоволни од производот!

60% од граѓаните кои пазареле на Интернет не се задоволни од производот!

Купувањето од дома зема сè поголем замав. Онлајн потрошувачката повеќе не е само момент на ново искуство туку потреба која се почесто ќе се практикува во земјава. Истражувањето на Организацијата на потрошувачи на Македонија покажува дека во време на пандемија граѓаните на земјава сè почесто се одлучуваат на е-трговија. Податоците велат дека 55% од вкупниот број на потрошувачи се одлучиле за онлајн купување, додека 45 отсто од испитаниците не сакаат да го напуштат традиционалниот начин на пазарување. Но, тука се отвора прашањето, колку онлајн купувањето е безбедно, и што доколку не сме задоволни од производот?

Дури 60% од потрошувачите кои што се одлучиле за онлајн купување на производи, се соочиле со некаков проблем. 40 отсто пак се изјасниле дека немале никаков проблем при онлајн купувањето. Голем процент од потрошувачите кои што се изјасниле дека се соочиле со проблем при онлајн купувањето, односно 26% од нив имале проблем со несоодветниот квалитет на производот, а на 16% од испитаниците производот им бил испорачан надвор од предвидениот рок во договорот со продавачот. 14% од испитаниците немале начин да го вратат производот и да си ги вратат платените пари, поради тоа што не можеле да воспостават контакт со продавачот, односно поради неговата недостапност. На 13% од потрошувачите купениот производ воопшто и не им бил доставен, а ист процент од испитаниците одговориле дека испорачаниот производ според неговите карактеристики воопшто не одговарал со нарачаниот, станувало збор за различен модел, различна боја, или несоодветна големина. На 10 отсто од испитаниците при испораката на производите не им била издадена фискална сметка за производот кој што го платиле во готово или на фактура за електронско плаќање. А на шест отсто при купување на бела техника и технички апарати, за производите кои ги купиле и подлежат на гаранција не им бил издаден гарантен лист.

„Ако сте измамени при купување од Интернет, или сте незадоволни од испорачаните производи и/или услуги, а притоа не сте сигурни каде да се обратите, можете да нѐ контактирате на онлајн платформата за пријавување на ОПМ, на електронската адреса [email protected], или на телефонскиот број 02/3179 592. Доколку сте измамени или незадоволни од непрехранбени производи купени онлајн, туристички патувања и други туристички услуги, или од цените и начинот на истакнување на цените (кога се работи и за прехранбени производи во ваков случај), треба да пријавите во Државниот пазарен инспекторат. Ако сте купиле онлајн прехранбени производи, а не сте задоволни или се чувствувате измамени, тогаш случајот треба да го пријавите во Агенцијата за храна и ветеринарство, на бесплатната телефонска линија 0800 3 2222, при што треба да оставите податоци (име и презиме, адреса и телефонски број за контакт) со точен опис на проблемот“, велат од ОПМ.

Податоците покажуваат дека граѓаните најчесто се одлучувале онлајн да купуваат текстил и текстилни производи, тоа го сториле дури 44 отсто од потрошувачите. Компјутери и компјутерски делови пак по електронски пат купиле 32 отсто од потрошувачите. Околу 25 отсто од потрошувачите купувале обувки, а 20 отсто козметика.

Но истражувањето покажало дека секој петти потрошувач купува и прехранбени производи од Интернет, или 20 отсто од потрошувачите решиле наместо во маркет да пазарат од пред компјутер и на тој начин да ја избегнат гужвата на каса и блискиот контакт со други лица во маркетите.

Истражувањето на Организацијата на потрошувачите вели дека околу 15 отсто од  граѓаните се одлучиле онлајн да купуваат бела техника. Најчесто купувале фрижидери, машини, шпорети, мали технички производи – фенови, тостери, пегли и слични апарати за во домаќинство. Најмал дел од испитаниците, односно само 11% се одлучиле да купат електронски апарати како мобилни телефони, телевизори, лаптопи.

Од анализата на поплаките ова се најчесто поставуваните прашања од страна на граѓаните и нашите одговори:

Граѓанин – Како можам да го вратам производот кој го купив, а не го употребував?

ОПМ –  Имате право да го вратите купениот производ или да го замените со нов, задолжително со приложување на фискалната сметка, најдоцна во рок од 15 дена, доколку се зачувани фабричките етикети и употребните својства на производот, а исклучок од ова право е доколку сте побарале специјално да ви биде изработен производот врз основа на писмен договор (најчесто мебел по нарачка).

Граѓанин – Кои се моите права доколку не ми е испорачан производот (бела техника, мебел, производи купени онлајн и сл.) навремено?

ОПМ –  Доколку со продавачот имате склучено договор или доколку во кој било друг писмен документ е наведен рокот на испорака на производот, тоа е обврска на продавачот за која доколку не ја исполни, имате право да го раскинете договорот, односно да ви бидат вратени сите парични средства или доколку трговецот не постапи според вашето барање, да го пријавите кај Државниот пазарен инспекторат.

Граѓанин – Имам проблеми со високи сметки за струја, каде да се пожалам?

ОПМ– Најпрвин треба да се обратите со поднесок до давателот на услугите за решавање на проблемот, а во случај на спор со давателот на таа услуга, надлежен државен орган до кого треба да се пожалите е Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Граѓанин – Купив производ преку Интернет, од онлајн продавница од социјалните мрежи и производот го платив на рака при достава, но сфатив дека не е квалитетен и сакам да го вратам. Кои се моите права?

ОПМ–  Доколку е купен производ од лице кое не е регистрирано за вршење дејност, станува збор за нелегална трговија при што не се плаќа данок, а притоа, доколку лицето не издава фискална сметка или друга потврда, нема да можете да ги остварите своите законски права.

Во вакви или слични случаи од Организацијата на потрошувачите велат дека ќе треба да се пријави во Државниот пазарен инспекторат и во Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал, со цел да го откријат продавачот и да спречат такви измами во иднина.

Исто така оваа организација која е заштитник на правата на потрошувачите во земјава предупредува од нови онлајн измани, односно велат дека треба да се  биде внимателен доколку се забележи дека трговците при нивните маркетинг кампањи ги користат следниве пораки :

„Се сугерира дека производите можат да превенираат или излечат инфекција од Ковид 19, упатуваат на здравствени професионалци, експерти или други неофицијални извори тврдејќи дека производите можат да превенираат или излечат инфекција од новиот вирус, упатуваат на име или лого на владини институции кои, наводно, ги потврдиле производите што се нудат на продажба без да дадат линк до службените документи кои тоа тврдење го потврдуваат. Се користат тврдења дека има големи побарувања за продаваните производи, односно нивен недостиг, користејќи термини како што се: „достапни само денес“, „побрзајте со нарачката, производите ќе бидат бргу распродадени.“

Според истражувањето 69 отсто од испитаниците сметаат дека во е-трговијата спаѓа и тргувањето преку социјалните мрежи, а само 31% се изјасниле дека во е-трговијата не спаѓа и тргувањето преку социјалните мрежи.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП