17 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАРафајловски: Државата ќе мора да се задолжи за нови 3 до 5...

Рафајловски: Државата ќе мора да се задолжи за нови 3 до 5 милијарди евра за да го спаси стопанството

Два брана на Ковид – 19 од март до сега, парламентарни избори и уште еден бран на здравствена криза во најава – многу  пострашен од првите два, кој се очекува на есен. Која е цената која ќе ја плати  државата, стопанството, но и граѓаните, за да се пребродат вакви „сеизмички“ потреси незабележани никогаш во историјата?!

Познавачите коментираат дека ако државата набрзо не се задолжи за нови 3 до 5 милијарди евра, за да го спаси стопанството, тогаш не очекува страшна криза од која ќе настрадаме сите. Според даночниот експерт Горан Рафајловски, не очекува неизвесност во која без финансиска инекција за одржување на бизнисите тешко ќе може да се справиме. Третиот бран на есен тој очекува да донесе пад од 25 проценти во стопанството.

„Моите лични проценки се дека ние ќе имаме сериозен пад во стопанството заклучно со октомври, заради тоа што ова е специфичен вид на криза и не зависи од Македонија. И светот веќе покажува 10 до 15 проценти пад на светските економии. Мора да се донесе генерална одлука на ниво на свет дека мора да се продолжи со животот и да се работи. А последиците во Македонија од оваа криза ќе бидат незамисливи”, изјави за „Денар“ Рафајловски.

Според него, единствен начин тоа да се превенира е да не се чека, туку веднаш да се направи таканаречен систем на чаура, односно да се слеат огромни средства во економијата, главно кредити и помош.

„Потребни ќе бидат дополнително, неколку милијарди евра, според моите проценки од 3 до 5 милијарди евра. Секако тие пари потоа ќе се враќаат, но вака превентивно ќе овозможиме добар старт за стопанството кога ќе заврши кризата“, вели Рафајловски.

Рафајловски е дециден дека тоа може да го изведе само професионален, експертски  тим, а не партиски избрани луѓе. Според него  потребни се професионални кадри со визија и без страв.

„2019 година, најдобрата економска година во светот, за земјава беше просечна, тоа значи дека многу сме го умориле стопанството. Ако не го направиме тоа, да му дадеме да земе воздух, ризикуваме да го пропаднеме бизнисот. А тоа ќе значи кога ќе се отворат границите луѓето масовно ќе се иселуваат. Последна шанса е сега со сериозен напор да направиме се што се ветуваше 30 години наназад. За да се спаси македонското стопанство мора да се позајмат многу пари, кои нема да бидат поклон, туку ќе се враќаат во подобри години“, вели Рафајловски.

Според него од 1 мај до сега, создадовме погрешна  слика дека е се во ред и се опуштивме.

А помалиот пад на буџетските приходи во јуни од очекувањата, создаде задоволство и оптимизам  кај првите луѓе  во секторот финансии. Министерката Нина Ангеловска оцени дека  и покрај предизвиците со кои се соочува македонската економија, во услови на справување со КОВИД-19, извршувањето на буџетот се одвива по план, а ликвидноста е обезбедена. Потенцира дека преземените мерки даваат резултат. За разлика од експертите таа очекува и во третиот и четвриот квартал од годинава постепено опоравување на домашната економија. Ангеловска истакна дека реализацијата на вкупните приходи во јуни е значајно подобра од очекувањата, односно дека е за 9,6 отсто пониска во однос на јуни минатата година, додека во сценариото, како што рече, бевме подготвени за 20 отсто пониски.

Таа појасни дека во периодот јануари – јуни, вкупните буџетските приходи се остварени на ниво од 44 отсто од ребалансот (годишниот план) или во износ од 87,4 милијарди денари. Ова, како што додаде, е за девет отсто помалку во однос на истиот период лани, а процентот на остварување во однос на планот, е речиси ист како и минатата година. Тоа, според неа, укажува дека е задржана динамиката на наплата на приходите.

Напомена дека даночните приходи во првата половина од година бележат пад од 13 отсто на годишно ниво и изнесуваат 47,3 милијарди денари. Досега се реализирани 44 отсто од планот, што е речиси непроменета реализација во однос на планот споредено со лани.

Само за јуни, согласно сценариото од ребалансот, проекциите беа во надолна линија со очекуван пад од нешто над 20 отсто, додека остварениот пад е 14,4 отсто. Ова е позитивна разлика од околу 700 милиони денари. По падот од 31 отсто и 29 отсто во април и мај респективно, се забележува позитивно придвижување и подобрена наплата кај даноците, рече Ангеловска.

Според министерката, расходната страна во првото полугодие бележи раст на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки за справување со КОВИД-19 кризата.

“Вкупните расходи изнесуваат 113 милијарди денари, што е зголемување од 9,9 отсто на годишно ниво или 10,2 милијарди денари што е 46,7 отсто од буџетираните расходи. Оправданоста за ваквиот пораст на расходите се должи на поддршката за фирми и граѓани погодени од КОВИД-19 во износ од околу 5,4 милијарди денари или 88 милиони евра. Повеќе од половина од поголемите расходи е токму исплата на ковид програмите, а останатиот дел на повисоки пензи, социјална помош, повисоки плати на здравството, образование, рече Ангеловска.

Дефицитот во буџетот во првото полугодие е во износ од 25,9 милијарди или 3,8 отсто од БДП, и е согласно проекциите, односно се одвива според планираната динамика. А јавниот долг до мај се искачи на 53,3 % од БДП, а податоците за вториот квартал ќе бидат обајвени наскоро.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП