24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДенар анализа: Субвенциите на странски инвестиции - благодет за бизнисмените или поддршка...

Денар анализа: Субвенциите на странски инвестиции – благодет за бизнисмените или поддршка за економијата?

Привлекувањето на странски директни инвестиции последнава деценија е една од омилените теми на политичарите не само во земјава туку во целиот регион. Политики на привлекување странски капитал преку државни субвенции, голем број на мерки и програми, но и законски решенија скроени по мерка на потенцијалните инвеститори. Денар подготви анализа за тоа како се убедуваат бизнисмените од странство да вложуваат во земјите од Западен Балкан.

Сите земји од окружувањето првиот чекор го направија преку носење на закон за функционирање на слободни економски зони. Прва тоа го стори Црна Гора во 2004-та и до денес во земјата има една слободна економска зона, две години подоцна стартуваше Србија која сега има дури 14 економски зони. Земјава започна со поагресивно привлекување на странските инвестиции пред 13 години, и досега се отворени 15 економски зони, најмногу во регионот. Албанија процесот на привлекување странски инвестиции го почна во 2007-ма и досега изгради три зони, следува БиХ која од 2009-та па наваму изгради четири зони. Косово својот старт го имаше во 2013-та и во најмладата држава во регионот има три економски зони.

Кај сите држави од Западен Балкан се забележува дека поддршките за странските инвеститори се јавуваат преку фискални и не-фискални стимулации. Но во белешките на извештаите на Европската Унија околу транспарентноста и капацитетите за справување на законите во регионот редовно се нотира дека висината на државната помош е поголема од онаа која е евидентирана и има мера на спротивност од правилата за доделување државна помош. Повреди првенствено се забележани кај правилата за заштита на конкуренција.

Центарот за економски анализи направи истражување на тема привлекување странски инвестиции, па нивните податоци велат дека доколку се споредат трошоците и бенефициите од странските инвестиции се заклучува дека најголемиот проблем тука е нетранспарентноста, неочетноста, и немањето можност јасно да се оценат бенефициите од доделената државна помош. Проблематичен е и степенот на постигнување на зацртаната цел на овие политики, како и ефикасноста при трошењето на јавните средства.

Податоците кои може да се забележат низ годините се дека приливот на странски инвестиции во Западен Балкан бележи различни трендови, во различни периоди. Но исто така има и големи разлики помеѓу земјите.

Од 2000 година до финансиската криза во 2008 година сите земји во регионот бележат видлив раст на СДИ, а потоа кај дел од земјите на регионот истиот опаѓа. По овој период стапките се стабилизираа, но со тренд на стабилен просечен пораст. Во периодот 2008-2010 во Црна Гора се истакнуваат значајно повисоки стапки од просекот на СДИ, кои достигнуваат вредности и од неколку десетици проценти од БДП како во 2009 од 36.7%. Истото се забележува и во Албанија каде СДИ во однос на БДП континуирано има вредност од 8% до 10% на годишно ниво. Во РС Македонија која има значаен број на бенефиции, мерки за привлекување на странските инвестиции, барем по бројот на бенефиции кои се воведуваат од 2007 години, бележи поголемо учество на СДИ во периодот 2007- 2008 година по што истите се стабилизираат на околу 2% до 3% од БДП. Во истиот период во Србија која исто така нуди значајни бенефиции, бележи во просек барем двојно поголемо учество на СДИ на годишно ниво. Просечно на годишно ниво СДИ, како процент од БДП  во последната деценија за периодот 2010- 2018г. за секоја од земјите изнесува: 3% во РС Македонија, 8.4% во Албанија, 6% во Србија и 2.3% во БиХ.

Податоците за вредноста на државната помош директно наменета за СДИ во слободните зони во најголема мера не постои односно, не може да се издвои од достапните податоци на надлежните. До 2017 година вредноста на државната помош за странските компании се сметаше од „доверлив карактер“ и класифициран податок.

„Уште во 2016 година, Центарот за Економски Анализи во студијата за трошоците и придобивките од СДИ е дадена процена на трошоците и бенефитите и јасно укажуваше на потребата на отворање на податоците и потребата од транспарентност на целосната државна помош по препораките на ЕУ со цел да се прават анализи но, и да се носат информирани одлуки“, велат од Центарот.

Доколку се анализираат трендовите на земјите во регионот, државната помош во периодот од 2008-ма до 2018-та се движи од 1.3% со намалување до 0.7% од БДП, додека во истиот период на просечното ниво на ЕУ, релативната вредност на државна помош се движи од 0.5% до 0.7%. Доколку се разгледа секоја земја, особено се истакнуваат високите релативни индикатори над 1% од националниот БДП на годишно ниво и тоа во Србија 1.5% и  Црна Гора 1.2%. Во Македонија процентот е значително понизок и изнесува 0,2 отсто.

Во извештајот на ЦЕА се наведуваат главните начини на кои стимулациите насочени кон привлекување на странските директни инвестиции можат да бидат непотребни или неекономични.

„Неефективност – придобивките за економијата која е домаќин на СДИ не ги надминуваат буџетските трошоците за нивно привлекување. Ова е резултат на немање или лошо направена кост-бенефит анализа на програмите за привлекување на СДИ.

Неефикасност – кога придобивките ги надминуваат трошоците, но властите не успеваат да ги максимизираат придобивките или да ги минимизираат трошоците.

Опортунитетни трошоци, кога ограничените јавни ресурси се распределуваат на стимуланси за СДИ кога можеле да бидат алоцирани на попрофитабилни алтернативи“, стои во извештајот на ЦЕА.

Надлежните, во обид да одржат ниво на фер игра со домашниот деловен сектор се чувствуваат обврзани да ја неутрализираат ситуацијата со субвенции и за други претпријатија, но тоа го прават преку делење на дарежливи пакети на стимулации при што се зголемува нивото на очекувањата, така што идните инвеститори во најмала мера ќе ги очекуваат истите или подобри субвенции.

Инаку, Светската банка како дел од Глобалниот извештај за конкурентност на инвестициите, во 2018 година објави детален извештај за мотивите и причини на странските инвеститори при носење на одлуката за избор на локација каде да инвестираат. Информациите велат дека инвеститорите земаат предвид широк спектар на фактори, а најважно е пред се постоењето на политичка стабилност и безбедност како и деловно-правното и регулаторно опкружување. Овие се примарните фактори кои се рангираат според важноста пред другите фактори како што се инфраструктурата, квалификациите, талентот и вештините на работната сила како и ниските трошоци на работната сила.

„Значително подолу на листата на приоритети, но сепак важни, се наведуваат ниските даноци и евтината работна сила, пристап до недвижнини и пристап до финансирање. Во делот на тоа колку критични се стимулативните мерки, а кои се користат и се присутни и кај земјите со високи доходи и кај земјите во развој, инвеститорите ги рангираат на четвртото место од шест карактеристики за деловното инвестициско опкружување“, велат од Центарот за економски анализи.

Севкупно, само еден од пет инвеститори смета дека отсуството на стимулации за инвестиции е одлучувачки фактор за инвестирање, а дополнително една третина сметаат дека стимулациите се важни, но не и одлучувачки. Ова укажува дека стимулациите не можат да бидат целосно елиминирани, но тие, сами по себе, веројатно нема да ги убедат инвеститорите да ја изберат дадената локација, за нивната инвестиција. Основната препорака за политиките и за носителите на политиките е дека најпрво инвестициската клима мора да биде адресирана пред да се прибегне кон стимулативни мерки како средство за привлекување инвеститори. Оттука имајќи го предвид регионот на Западен Балкан кој се соочува со непредвидливи политички кризи и нестабилност, нискиот степен на владеење на правото, непредвидливото регулаторно опкружување и слично, се значајни фактори и имаат голем удел во релативно ниското ниво на странски инвестиции во минатото.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП