19 март, 2024
ПочетнаКОЛУМНИМисла на неделата - Црни Неделко во Австралија

Мисла на неделата – Црни Неделко во Австралија

Неделно утро. Врелото кафе чадеше во филџанот пред него, а Неделко седеше на балконот и уживаше во неработното утро. Иако од балконот на станот не се гледаше, сепак се чувствуваше мирисот на океанот.

Синоќа на враќање од работа ја собра поштата од сандачето во влезот во зградата. Сметки, флаер во кој се нуди работа во северните територии, тешка пустелија што би рекол другар му и писмо од адвокатска фирма од дома, Јужна Заминисимуја. Ја виде змијата како се спрема да го касне за срцето.

Реши да не го отвора пликот и си го пушти мозокот на пасење. Помина една година откако дојдоа во Австралија. Другарот што го викаше во Австралија  си го одржа зборот. Ги пречека, ги угости и го слушаше Неделко долги ноќи за неговите маки и фрустрации. Му најде и работа и го запозна со основите на системот (државата). Неделко дојде делумно подготвен, долго и нашироко читаше за Австралија, праќаше своја биoграфија и бараше работа уште пред да пристигне овде.

Проблемот беше тоа што беше време на “К индустриската револуција”. Време кое настапи после големата светска пандемија од вирусот К. За време на пандемијата голем број работници работеа од дома и бизнисот сфати (или само им беше изговор) дека многу работни места се непотребни, односно дека истата работа може да се работи и надвор од канцелариите и на тој начин да се заштеди на струја, вода, сапуни и слично. Иако од една страна се затворија милиони работни места, од друга страна се отворија многу мали фирми кои работеа услужни дејности за големите фирми. Но сепак, ударот беше страшен. Имаше дури и банки во западна Европа кои започнаа да работат со агенти за продажба на кредити и полиси за осигурување. Започнаа со кредити на население, но се размислуваше и корпоративното банкарство да го работаат надворешни агенти. Се изгуби трошокот за обработка на кредитни фајлови и грижа за клиенти. Агентите кои работеа за провизија и бонуси не се жалеа за работното време, немаше веќе многу вработени кои се бунеа за плати, годишни одмори и боледувања.

Во такви услови Неделко можеше да започне само со физичка работа. Со малку од парите што ги донесе со себе, тој и семејството се преселија од кај другар му во мало станче во сомнителен кварт на градот. Но тоа беше само за привремено (барем така мислеа). Среќа беше што кога заминаа децата беа на летен распуст, а учебната година не беше започнала во Австралија. Децата требаше да се вратат една година наназад во образованието но тоа беше ризик што беа спремни да го превземат.

Неделко отпи од кафето и се насмеа колку беа среќни со сопругата тоа време. Нов почеток, нова шанса. Децата беа друга приказна. Тажни дека се разделија со другарчињата и познатата околина станаа многу депресивни но на моменти и агресивни. Неделко се трудеше да не се обзира многу на ова и ја остави сопругата да се бори со тоа. Тој работеше дури и прекувремени часови. Запиша и некои курсеви за да добие сертификати и вештини кои ќе му овозможат подобра работа, а се надеваше еден ден и на приватен бизнис.

За да ја убијат носталгијата се дружеа со други доселеници од дома. И колку и да му беа тие интересни на почетокот, со време Неделко почна да верува дека сите приказни кои ги слушал за нашата дијаспора се вистинити. На почетокот беше, од кај си, кој си? Зошто дојде? Ја продадоа државата. Лопови. А од друга страна дел од тие луѓе и после 15 години во Австралија одеа два пати годишно назад каде ги садеа нивите (или ги даваа под наем) и одеа за да ја продадат бербата да заработат пари. Врв беше кога се договорија да прават пикник со скара во дворот на куќата кај другар му. Дојдоа и дел од пријатели и роднини од другарот. Неделко зеде еден килограм месо, салати и пијачки и сето тоа го собра во две кесиња. Другите, леле мајко другите. Сите по пет кесиња со месо и пијачки.  “Нека видет комшиите, колку имам и можам. То шо нема да го изедиме ќе оди во фризот, па ќе си го стоплиме.” Неделко имаше чувство дека голем дел од “нашите” се застанати во развојот, односно дека се ментално уште во годината во која ја напуштиле Заминисимуја. Театар, концерт, музеј тоа беа мислени именки за голем број од нив.

Веќе после месец и половина, почнаа работите да се влошуваат за Неделко. Депресијата ја стигна и неговата сопруга. Многу плачеше, на моменти го обвинуваше Неделко дека си напуштила убава работа (технички беше на неплатен одмор уште еден месец) и дека тој никогаш не е дома, а таа шета низ сомнителен кварт со децата и оди по продавници сама. Не се изненади кога набрзо му кажа дека се враќа назад и дека кога тој ќе обезбеди подобри услови за сите, таа и децата ќе се вратат во Австралија. Неделко се претвори во камен. Знаеше дека е донекаде во право, но го болеше тоа што не можеше заедно со него да ја види поголемата слика и светлото на крајот од тунелот.

Се изнаплака на аеродром кога ги испраќаше назад. Се врати во станот, испи пола литар виски за 15 минути и потоа два дена беше болен од мака и од алкохол.

Не поминаа ни три месеци, а веќе беше обележен и таму како неспособен маж кого жена му му избега назад. Но тоа не го разочара. Работеше вредно преку ден, а навечер учеше. Се слушаше и гледаше со своите преку интернет. На почеток секој ден, потоа на неколку дена, а сега еднаш на две недели. Децата и сопругата си го продолжија животот без него, на старата работа односно училиште, а болката во неговото срце растеше.

Каков што беше Неделко, секогаш сакаше да смени некои работи на подобро. Во заедницата започна идеја да се формира фонд, подржан од матичната држава, во кој нашинците ќе можат да се информираат за можностите за инвестирање дома. Членовите на овој фонд би можеле да инвестираат дома. Инвестирањето би било во форма на купување на државни обврзници за одреден интерес (камата) а со кои воедно би можело да се купат удели во приватни и државни комапнии, патишта и други инфраструктурни објекти во Јужна Заминисимуја. Да се откупува државно земјиште и слично. Државата во случајот ќе беше гарант дека обрзниците се важечки и дека не е никаква измама. Зборуваше во клубовите на нашинците, пишуваше писма до амбасадорот, министерствата дома. Побара помош за оваа идеја и од претставниците на црквата на Заминисимуја во Австралија. Напиша и отворено писмо во еден елктронски медиум од дома.

Има една анегдота за народот од Јужна Заминисимуја: “Ако некому му оди добро, сопни го или повлечи го надоле. Да му дојде умот.”

Не само што доживеа неуспех оваа идеја, туку беше исмеван и омаловажуван во заедницата. Максимално изигнориран од државните органи и институции на Јужна заминисимуја. Беше дури и повикан на информативен разговор (пријавен од совесен граѓанин на новата држава) во Австралиската полиција каде беше испрашуван од полиција и даночната управа околу оваа негова идеја. Се чуствуваше како де не си заминал од Заминисимија.

Последниот месец се изолира од сите, само одеше на работа и се спремаше за завршниот испит на курсот што го посетуваше. Требаше да стане квалификуван бравар, а тоа ќе му овозможеше подобра плата и поголема можност за работа.

Кога сакаше да отпие од кафето сфати дека нема повеќе во филџанот. Сонцето почнуваше да го пече балкoнот и сакаше да влезе внатре. Тогаш го виде писмото од Адвокатската фирма од дома. Го отвори и со големи потемнети букви пишуваше. Наслов: Барање за развод.

Змијата конечно го касна за срцето. Го остави пликот на масата и тешко воздивна. Иако го бараше океанот сепак не можеше да го види. Го зеде флаерот за работа во северните територии кој нудеше добро платена работа и можност за нов почеток. Се намевна за себе и гласно рече “Блеки Сандеј и не е така лошо име за нов почеток.”

М-р Раде Чоловиќ

Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК

За англиска верзија кликнете ТУКА / For english version click HERE

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП