18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФинансиската помош од третиот пакет на Владата под лупа на антикорупционерите!

Финансиската помош од третиот пакет на Владата под лупа на антикорупционерите!

Антикорупциска будно ќе ја следи реализацијата на владините мерки, а особено на исплатата на финансиски средства на граѓаните од третиот пакет. Од Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси, на Владата и порачаа мерките да не се користат за маркетиншки цели и да се внимава кај кого точно завршуваат парите од државната каса.

„Да не се врши промовирање на мерки чие спроведување е веќе во тек и за кои јавноста е веќе запознаена, како и на мерки кои не се непосредно поврзани со санирање на последиците од здравствената криза. Да се внимава едно лице да не користи надоместоци од различни мерки. Да се обезбеди целосна транспарентност за лицата кои како корисници ќе бидат опфатени со секоја мерка поединечно. Можноста преку електронска платформа секој граѓанин да го следи процесот ќе обезбеди почитување на начелото на транспарентност во спроведувањето на мерката“, укажуваат антикорупционерите.

Антикорупционерите остварија и средба со Министерката за финансии Нина Ангеловска и со владиниот советник за економски прашања Фатмир Битиќи. Од нив антикорупционерите побарале да дадат детали и да одговорат на прашања поврзани со третиот сет мерки. Прашањата биле насочени кон можно влиание на мерките врз гласачите доколку предвремените избори наскоро се одржат. Еве дел од прашањата кои членовите на ДКСК ги поставиле на владините претставници:

„Дали мерките се носат поради неопходна потреба, нужност и итност, односно дали се тесно поврзани со причина која предизвикала настанување на вонредната состојба?

Кои се критериумите за определување на целната група корисници?

Дали се почитува начелото на транспарентност и отчетност?

Според информациите министерката Ангеловска и советникот Битиќи одговориле дека мерките на Владата се подготвуваат според препораките на Европската Комисија и Меѓународната економска организација за соработка и развој. Според владините претставници, мерките се темелат на спроведена анализа и проценка на состојбите во домашната економија. Направена била и компаративна анализа со земјите во регионот, како и анализа на ефектите од веќе преземените мерки.

„Мерките биле подготвени низ екстензивен консултативен процес со многу експерти и претставници на коморите и претставници од политички партии од опозицијата, со единствена цел да се стимулира потрошувачката и да се поткрепи домашната понуда, односно да се намалат последиците од кризата во економијата. Станува збор за мерките: домашна платежна картичка од 9.000 денари; поттикнување на домашен туризам преку ваучери од 6.000 денари; и домашна платежна картичка од 3.000 денари со кои се опфатени ранливи категории и семејства кои имаат приход помал од 15.000 денари. Изборот на корисниците на оваа мерка ќе се врши системски, односно електронски врз основа на вкрстување на податоците од Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика и Управата за јавни приходи, при што во Генералниот Секретаријат ќе се креира платформа на корисници. Со тоа се избегнува ризикот од селективен избор на корисниците, а краткиот рок од 30 дена за реализација на мерките дава уверување дека преку зголемената потрошувачка на населението ќе се ублажат последиците што ги трпи економијата од кризата”, изјавиле владините претставници Ангеловска и Битиќи.

Пред неколку дена и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, предупреди дека не само третиот пакет на мерки туку и останатите два се класичен предизборен поткуп за граѓаните. Тој во својата изјава ги повика токму и антикорупционерите да ја испитаат работата на Владата околу исплатата на финансиските средства предвидени со мерките. Мицкоски истакна дека третиот пакет мерки на Владата за помош на економијата не може да се испорача, и наведе неколку причини за тоа. Според него, во централниот буџет нема доволно пари за исплата на ветените мерки. Дополнително вели, во случај да бидат распишани предвремените избори, вонредни исплати на финансиски средства за граѓаните и компаниите ќе биде на незаконски начин.

„Еве да речеме дека на 30-ти мај завршува вонредната состојба и ние имаме избори во следните 60 дена, тоа значи околу 30 јули отприлика. Изборниот законик е јасен, ова се вонредни плаќања, членот 8А стапува на сила и тука никој нема дилема. Што значи дека секоја исплата вонредна која ќе се случи во рамките на тие 60 дена, пред денот на гласање, или во случајот распуштање на парламентот, што тогаш се бројат во нормални услови, сега ќе биде по завршување на вонредната состојба. Самата уредба вели се суспендира членот 8А и со завршување на вонредната состојба престануваат вонредените исплати. Не само што тие не можат ова да го испорачаат, туку е и незаконски“, изјави Христијан Мицкоски.

Освен третиот пакет, антикорупциска ќе ги чешла и финасиските извештаи на Владата за реализацијата на првите две мерки, односно ќе се анализира кои компании добија државна помош поради тоа што се погодени од кризата. Под лупа ќе бидат и сите јавни набавки на Владата реализирани во текот на вонредната состојба.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП