20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветот ќе произведе 70 милиони возила помалку, во Македонија засегнати над 30...

Светот ќе произведе 70 милиони возила помалку, во Македонија засегнати над 30 илјади вработени во автомобилскиот сектор

Продажбата на нови и половни возила на глобално ниво забележува огромен пад. Во Европа во март и април е забележан  пад на новорегистрирани возила од близу 95 отсто, што е и до некаде очекувано имајќи предвид дека целиот континент беше во  форма на карантин. Што се однесува до Америка, продажбата е за нијанса подобра поради фактот дека каналите на дистрибуција се на понапредно ниво, што од продажба онлајн, но и поради големите попусти кои се нудат од страна на компаниите на овој континент. Од автомобилскиот сектор во земјава велат дека загрижувачки е тоа што Азиските пазари први излегоа од карантин, но тие не се враќаат со очекуваната динамика.

„Се поевидентно е дека нема да има целосно опоравување се дури не се развие вакцина што ќе ја врати довербата на потрошувачите. Таканареченaта состојба на „shell shock“  и реалниот ризик од втор бран на пандемијата го прават сценариото на “V” опоравување не толку веројатно. Со пролонгирање на рестриктивните мерки еден цел подсектор од рент-а-кар и други услуги за мобилност е во целосна хибернација без знаци на скоро опоравување. Дополнително, како ефект на суспензијата на корпоративните инвестиции за да се зачува ликвидноста, многу од стандарните инвестиции во корпоративни флоти се целосно избришани0“, вели за Денар Боријан Борозанов потпретседател на Асоцијацијата на странски компании од автомобилската индустрија во Македонија.

Податоците се загрижувачки ако се напомене дека производството на автомобили годинава во светот би се намалил за околу 30 отсто, што би значело дека ќе се произведат околу 70 милиони возила помалку. Ваквите состојби се на ниво од кризата во 2009 година.

„Овие прогнози не ги земаат во предвид евентуалните нови владини програми за стимулација на потрошувачката од типот на „замена старо за ново“ и „енвиронментални кредити“, но маневарскиот простор за вбризгување на екстра побарувачка на краток рок е лимитиран. Никој во овој момент не може со сигурност да прогнозира од причина што оваа економска криза е невидена во нашите животи и замрзнувањето на глобалната економија може да ги достигне нивоата на периодот после светските војни и големата депресија од 1929/30“, додаваат од автомобилскиот сектор.

Ризиците во светската економија допрва доаѓаат, во САД за 6 недели бројот на невработени се зголеми за 30 милиони и процентот на невработеност се искачи на 15% споредено со 4% пред кризата. Сериозноста на ситуацијата ја покажува и фактот дека во големата финансиска криза од 2008/09 ваквиот пад на економијата и зголемувањето на невработеноста се одвиваше во пролонгиран период од 2-3 години, а сега целиот свет се замрзна во еден месец. Проекциите за намалување на БДП на водечките Г7 економии се дури и двоцифрени. Од Автомобилскиот сектор се на став дека сето ова најавува процес на рекомпонирање на многу индустрии вклучително и нивната.

„Во наредниот период може да очекуваме поголема консолидација и партнерства, зголемен број на банкротирања, но и пофокусиран обем на инвестициите во селектирани нови технологии како електрични возила и батерии, но и генерално повисоко ниво на инвестиции во автоматизација. И пред кризата имаше доминантен конзенсус дека индустријата е афектрирана од големи фиксни трошоци“, вели Борозанов.

Во Македонија во овој момент не се забележува драстично прилагодување на производствените капацитети согласно нивоата на продажба. Многу од компаниите се одлучија да ги апсорбираат загубите на краток рок, а со тоа да ја заштитат досегашната инвестиција во човечки капитал, вели Борозанов. И додава дека, со оглед на глобалната ситуација, како и отсуството на посериозни локални мерки за поддршка, во наредните неколку месеци ќе мора да се донесат многу тешки одлуки.

„Автомобилскиот сектор е еден од најзначајните компонентни на македонската економија со близу три милијарди евра или 50% од вкупниот извоз на државата во 2019.  Покрај триесет илјади директно вработени, македонските компании основани со странски капитал од овој сектор имаат сериозен мултипликатор ефект преку врските со локалните добавувачи, но и создаваат значајна платформа за трансфер на технологии,  а со тоа и на иден индустриски развој. Истовремено, овие компании се активни учесници во македонското општество преку многубројни иницијативи што во овие кризни времиња е особено значајно. Овие компании се составен дел на синџирите на добавување на најголемите светски компании и се директно изложени на последиците од пандемијата на Ковид-19 и веќе се поевидентни во глобалната депресија“.

Во првиот квартал автомобилскиот сектор во Македонија забележува  намалување на производствените активности помеѓу 10 % и 20% споредено со претходната година, но веќе вториот квартал ударот од кризата е поразителен и доведува до досега невидено намалување од 80 до 90%.

„Многу од компаниите ги суспендираа операциите целосно во месец Април и работат со минимални волумени во месец Мај. Дополнително, иако некои од поголемите светски брендови го рестартираа производството симултано со релаксирањето на мерките против пандемијата, прогнозите за Јуни и понатаму за третиот квартал покажуваат споро и болно опоравување што ќе има директно влијание и на рестартирањето на македонските компании. Се уште е рано да се сумираат егзактни податоци, но првичните проценки укажуваат на загуби од десетици милиони евра. Но она што е поважно е дека постојат структурни ризици на среден и долг рок кои може да ја афектираат целокупната инвестициона активност во овој сектор. Без системска подршка, а во контекст на глобалното рекомпонирање на индустријата, многу од компаниите може да се одлучат на консолидација и рационализација во наредните 1-3 години“, објаснува Борозанов.

Во однос на владината помош кон стопанството од автомобилскиот сектор велат дека досегашните мерки и покрај тоа што претрпија повеќе промени се насочени кон малите и средни компании во поедини сектори и се со многу лимитиран нето ефект. Големите компании присутни во Македонија се со повеќе од солиден кредитен рејтинг и најчесто немаат директна потреба од инјекции за краткорочна кеш ликвидност во облик на заеми. За разлика од други земји со кои што може да се споредуваме досега не видовме храбри и добро дизајнирани мерки насочени кон стратешките развојни сектори на државата, вели Борозанов.

„Асоцијацијата на компании со напредно производство при Советот на Странски Инвеститори од Стопанската комора на Македонија во континуитет доставува информации, компаративни анализи, но и предлага конкретни мерки по официјалните канали до Владата. За жал до овој момент не сме добиле соодветен одговор и ризиците што ги посочуваме не се адресирани. Сите компании членки се заинтересирани за партнерски однос во однос на заедничката цел за зачувување на работни места, но и на стандардот на живеење и малку зачудува сегашната форма на недостаток на дијалог.

Разочарани се дека од надлежните  недостасуваат јасни и транспарентни стратешки приоритети на тема економски раст, образование, дерегулација, зголемување на продуктивност на администрацијата, елиминирање на парафискални давачки, реформа на тотално анахрониот систем на царински тарифи итн.

И пред кризата беа забележливи неколку силни структурни промени во автомобилската индустрија. Покрај трговските војни кои имаат директен импакт на синџирите на добавување, присутен е и трендот на замена на погонските технологии, зголемени стандарди за заштита на околината и пенетрација на напредните системи за асистирано и автономно возење. Од финансиска страна, секторот е во многу подобра позиција споредено со 2009 година, со многу помали нивоа на задолжување и со поконсолидирани инвестиции. Многу од меѓународните корпорации имаат различни сценарија во своите стандарни стрес тест рутини и евидентно е дека многу од нив ги активираа овие протоколи уште со самото прогласување на ризик од пандемија на крај на јануари. Но треба да разбереме дека ваков тип на системска криза со дистрес на многу од фундаметалните постулати е многу тешко да се моделира и соодветно на тоа противмерките се релативно ограничени.

Според последните изјави на топ монетарни чинители од Федералните Резерви, ММФ и Европската Централна Банка, доколку нема втор бран на пандемијата може да се очекува релативна стабилизација во третиот квартал, со мал потенцијал за раст во четвртиот квартал.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП