25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКризата удри по работниците, правна помош од ССМ барале вработени во фирми...

Кризата удри по работниците, правна помош од ССМ барале вработени во фирми кои бројат над 20.000 лица

Испраќање на работници на принуден одмор, па делење откази додека се на принуден, притисоци да потпишат спогодбени откази, трансформации на договорите за вработвање по желба на газдите. Илјадници работници за време на коронакризата ги губат работните места и уживаат помалку права од тоа што им го гарантира законот. Податоците на агенцијата за вработување покажаа дека само за месец и пол, односно март и април работа изгубиле околу 9.000 лица.

Само до Сојузот на синдикатите на Македонија правна помош побарале многу од нив. Прецизни бројки синдикалците немаат, велат ќе ги имаат кога ќе заврши корона кризата. Но работниците кои побарале помош се од фирми кои вработуваат над 20.000 лица.

„Немаме целосно сумирана евиденција на обраќањата на работниците од целата држава, односно целосна слика и извештај ќе имаме по завршувањето на вонредната состојба и здравствената криза, во овој момент сме фокусирани да одговориме на обраќањата на работниците и да обезбедиме нивно информирање и заштита на нивните права од работен однос. Во периодот на март и април до ССМ се обратиле работници од: Мак Примат, Каст Инвест, Раде Кончар, Интер Тоурс ДООЕЛ, ТАВ, Далма кетеринг, Пелистер, Кромберт и Шуберт, Дрекслермаер, Ки Сејфти систем, Оилко, Баргала, Џонсон Мети, Joyson safety sistems Кичево, Тетекс Јарн лимитит, Сан инвест, Мермерен комбинат и др. Компаниите од каде работниците се обратиле до ССМ имаат повеќе од 20.000 вработени. Во текот на мај имаме обраќања од ФЗЦ 11 Октомври Куманово во врска со прекинот на работниот процес и упатувањето на работниците дома со право на плата од 50% со образложение дека компанијата нема да работи поради ,,виша сила“, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Во дел од нив, при разговорите со компаниите ССМ успеала да издејствува почитување на законите, таму каде што немало разбирачка, се пратени претставки до Трудовиот инспекторат.

„Голем е бројот на анонимните јавувања најчесто по електронски пат , за права од работен однос на кои претставниците на ССМ одговараат телефонски или по меил со совет и упатување за начинот и постапката за остварување на правата. Генерално обраќањата се во врска со: упатување на годишен одмор или принуден одмор без решенија, престанок на работниот однос додека сеуште трае принудниот или годишниот одмор, принуден одмор за хронично болни лица и мајки со деца до 10 години. Исто така, дел обраќања се однесуваат на тоа дека работодавачите неосновано им го трансформираат работниот однос од работен однос на неопределено време во работен однос на определено време, како и во врска со притисоците врз работниците да потпишат спогодбен престанок на работниот однос. Дел обраќања се во врска со  договорите за дело, непријавената работа, привремените вработувања преку приватните агенции за привремени вработувања и сл., велат од синдикатот.

Најголемиот број на обраќања биле од работници кои не се синдикално организирани што ја отежнувало работата на ССМ за нивната заштита.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска вели, растот на бројот на невработени за времне на корона кризата е очекуван, и очекува дека владините мерки ќе дадат резулатат за да се сочува секое работно место.

„Во периодот од 11.03 – 30.04.2020 година, во Агенцијата за вработување, по основ на прилив од работен однос, евидентирани се 8160 невработени лица, што значи дека податокот се однесува на лица кои се стекнале со статус на невработени, а претходно биле во формално-правен работен однос. Во истиот период, во Агенцијата за вработување се поднесени приближно 3900 барања за остварување на право на паричен надоместок во случај на невработеност, од кои досега позитивно се решени 1800 барања, 100 барања се одбиени поради неисполнување на условите за остварување на ова право, а во тек е обработка на останатите барања“, изјави Јовановска.

Најголемите ефекти од корона кризата институциите ги очекуваат во вториот квартал од годинава или месеците април, мај и јуни. Колку работни места ќе успеат да се спасат со економските мерки на владата со кои дели помош за исплата на минимална палта од 14.500 денари за работниците, до прва ќе се пребројува. Според последните податоци на Управата за јавни приходи помош за исплата на плата за април до сега е одобрена на 16.546 компании за 103.307 вработени. Вкупниот износ на до сега одобрената финансиска поддршка изнесува 1.447.278.909 денари или нешто помалку од 24 милиони евра., а останатите барања уште се обработуваат.

Владата со помош од околу 100 милиони евра за исплата на плати во приватниот сектор за април и мај очекува да спаси над 200.000 работни места.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП