25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзработката на заштитни маски ја спаси текстилната индустрија од Корона кризата

Изработката на заштитни маски ја спаси текстилната индустрија од Корона кризата

Огромата потреба од изработка на маски и заштитни скафандери и ракавици придонесе текстилната индустрија да не трпи големи загуби во оваа криза. Последениве два месеци се увиде дека текстилната индустрија е многу значаен сегмент на економијата, односно дека таа е стратешка индустрија. Ова се првичните оценки на текстилниот кластер во земјава. Ставот на Маријана Перковска која е Претседател на текстилниот кластер е дека во Македонија не се поставени работите како што треба со оваа индустрија. Оваа криза, вели Перковска, треба да ни е школа и посериозно во иднина да се посвети внимание на работењето на текстилната индустрија.

„Ние малку доцниме, тоа ни е како по некое правило. Не сакам да бидам сфатена дека критикувам на празно. Најмалку сакам да биде ова политизирано бидејќи секогаш вака постапувам и не е политички, туку ја кажувам реалноста. Ние на пример, изгубивме многу време во чекање на Уредбите да се ослободи извозот на маски. Голем дел од компаниите изгубија период за работа од месец и половина но, еве ги полека почнуваат да се преструктуираат“, вели за Денар Маријана Перковска од текстилниот кластер.

Перковска уште еднаш го потенцира најголемиот проблем на текстилната индустрија, кој во последниве два месеци излезе на виделина, а тоа е недостатокот на работна сила. Таа тврди дека има компании кои што затворија, меѓутоа поголемиот дел од вработените од тие компании, од непознати причини не сакаат да го менуваат работното место. Перковска изјави дека една домашна и една странска поголема текстилна компанија веќе ставија клуч поради корона кризата но, чудно е тоа што сега ги нема работниците од тие компании да излезат на пазарот на труд, а нивниот број е сериозен.

Владините мерки кои се понудени за спас на стопанството од текстилната индустија тврдат дека не се во корист за овој сектор. Нивните податоци велат дека текстилните компании многу малку ги користат мерките. Како проблем Перкова наведува дека е и неможноста за работа во смени, или работа во одредено време, па макар и работа со скратено работно време. Од друга страна, една група на луѓе постојано се дома и досега никој не потенцираше дека во вакви услови всушност останатите ги покриваат и работат за тие што седат дома.  Единствена позитивна страна во оваа насока е што околу 20-30 проценти од вработените во текстилните компании кои останаа дома за време на кризата, делуваа превентивно во насока на спречување на ширењето на вирусот.

„Во животот секогаш не е материјалното највредно. Се јавува револт и незадоволство кај останатите жени бидејќи на сите свеста не им е на исто ниво, без никого да навредам. Меѓутоа се јавува револт зошто некој да работи и да зема плата која е за неколку илјади денари поголема од некој кој ќе седи три месеци дома. Тоа мислам дека требаше подобро да се моделира за оние кои работат и за останатите, и за државната администрација што седи дома и за тие со мали деца и слично. Се грижевме само за тие што ќе седат дома, а не кажавме ништо за тие што работат и на свој грб ги носат компаниите“, вели Перковска.

Според Перковска, најпогодени се оние текстилни фабрики кои што работеле за големите трговски куќи. Тоа се големите текстилни компании кои не се застапени во земјава. Генерално извозот на текстил е минимално намален, но вистинската слика за текстилната индустрија ќе се види кон крајот на јули и август.

Здужението на граѓани кое се бори за правата на текстилните работници „Гласен текстилец“ моменталната ситуацијата со правата на работниците од овој сектор генрално ја оценува како многу подобра во април во однос на март. Граѓанското здружение обвинува за делење откази и грубо прекршување на Законот за работни односи, незаконско прекинување на договори за вработување и слично.

„Она што се случуваше во март, беа колективни откази, претежно фирмите се затвараа со изговор дека ќе бидат повторно повикани вработените веднаш по кризата со вирусот. Известени сме за повеќе колективни откази низ целата држава, забележано е дека при истите тие откази, за вработените кои биле на договор на определено, не е проблем да се одјават, но таму каде вработените беа со договори на неопределено работно време, им се прекинуваше работниот однос или со некаков спогодбен прекин на договор или поради кршење на ред и дисциплина од страна на работник. Станува збор за колективни откази за над шестотини  вработени од текстилна и чевларска индустрија.

Инаку во месец април, според Кристина Ампева, која е прв човек на ова граѓанско здружение, забележани се повеќе пријави од страна на вработените кои беа опфатени со времените мерки за заштита и спречување од Ковид 19 како бремени жени, родители – најчесто мајки на деца до 10 годишна возраст и хронично болни лица. Пријавите се поради притисоци од страна на работодавачите да се вратат на своите работни места во спротивно ќе добијат отказ и неисплаќање на минималната плата, иако има јасни и децидни Уредби од страна на Владата дека ваквото отсуство се смета за оправдано отсуство, па со оглед на таквото толкување, вработените имаат право на минимална плата.

„Има намалување на некој процент на платите и во дел од компаниите кои работеле нормално без прекин, но сметаме дека и тие имаат проблеми и доколку платата редовно се исплаќа во законскиот предвиден рок, не реагираме. Не дека е во ред, но треба да ги гледаме и двете страни, но и нашите капацитети во организацијата, кои гледаме максимално да ги искористиме за поголеми прекршувања во овој кризен период. Секако во фирмите каде знаевме дека има синдикат, а имало помала исплата на плата или каснење, алармиравме кај претседателот на ССМ за да реагира и му стоиме на располагање за било каква помош.“

Од „Гласен текстилец“ напоменуваат дека сепак има и работодавачи кои го слушнаа нивниот апел, да им се даде на користење годишен одмор на вработените со цел пикот да мине без последици и да не може да влезе во тие производствени погони. Мал дел работат и со шест часовно работно време и не помислуваат на прекувремена работа и работа на празници.

Ампева смета дека текстилната индустрија допрва ќе има загуби бидејќи сега иако со намалени или откажани нарачки, сепак произведуваат заштитна опрема за странство. Но, не се знае како ова со вирусот ќе влијае врз странските брендови, дали модната индустрија ќе има големи финансиски импликации поради мерките во државите каде се наоѓаат. Голем број на граѓански здруженија низ Европа слични на „Гласен текстилец“, бараат поддршка за вработените во синџирот на производство бидејќи сметаат дека брендовите имаат одговорност кон оние кои ја прават нивната мода, а тоа се вработените.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП