17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСиромаштијата допрва ќе си го земе својот данок

Сиромаштијата допрва ќе си го земе својот данок

Здравствената криза не само во земјава туку и насекаде низ светот затвори милиони работни места. И по завршувањето на пандемијата експертите и многу влади на држави веќе објавија дека огромен број на граѓани ќе останат без својата работа. Кризата на економски план допрва ќе се продлабочува, а со неа ќе расте и бројот на лица кои живеат во сиромаштија.

Од Платформата за борба против сиромаштијата велат дека кога зборуваме за сиромаштија најчесто фокус ни се граѓаните чии приходи се под официјалната линија на сиромаштија и имаат недостаток на финансии со кои може да ги задоволат своите основни потреби. Она што е поголем проблем, е процентот на граѓани кои живеат во ризик од сиромаштија, а кој изнесува нешто над 40 отсто. Во услови на ваква пандемија и економска криза голема е веројатноста дека голем дел од граѓаните кои биле во ризик од сиромаштија, со трошење на својата заштеда, не остварување на нов приход, или намалување на економската активност на членовите на домаќинствата како што се престанување со работа или губење на работата, процентот на сиромашни ќе го замени процентот на граѓани во ризик од сиромаштија. Ова би се случило во услови кога не би била понудена дополнителна поддршка или не би се преземале социо-економски мерки. Од платформата за борба против сиромаштијата велат дека не може да прогнозираат во моментов колкава ќе биде стапката на сиромаштија по завршувањето на пандемијата.

„Не би можела точно да кажам, но сакам да споделам два параметри од кои е евидентно дека станува збор за сериозна бројка на директно погодени лица кои е веројатно да се соочат со сиромаштија, во овие месеци, но и по пандемијата. Од разговори со хуманитарните организации, кои редовно со години наназад работат и помагаат на граѓани со искуство или во ризик од сиромаштија, имам сознанија дека бројката на баратели на помош е зголемен за триесетина проценти. Станува збор за нови лица кои сега за прв пат им се имаат обратено. Од друга страна, ако се препрочитаат соопштенијата на Владата, тие споменуваат 20.000 нови домаќинства од неформална економија, а кои би побарале брз влез во системот на социјална заштита за месец април и мај.  Само за споредба, во моментов веќе има околу 30.000 постоечки корисници, што укажува на застрашувачки факт дека бројката на граѓани со потреба од поддршка без малку се дуплира“, вели за Денар Билјана Дуковска која со години работи на решавање на проблемите на сиромашните лица.

Најдобар пристап за превенција и намалување на сиромаштија е оној заснован на почитување на човековите права, па оттука најважно е да се внимава да не се продлабочуваат и така постоечките нееднаквости, во сите сфери, но и да не се кројат мерки за „просечен граѓанин“ туку тие да целат кон специфични групи и нивните состојби, сметаат познавачите на состојбите со сиромаштијата.  Најранливите категории на граѓани секако треба да се приоритетни, но подеднакво е важно да се превенира создавање на нови сиромашни. Според Дуковска важна е навремена реакција пред да се појави ризикот од вирусот, првенствено да се осигура дека сите граѓани имаат пристап до чиста вода како предуслов за миење раце и можност да ги следат сите совети за превентивно и заштитно дејство, но и да се обезбеди бесплатна превенција и хигиенски производи, за лицата кои имаат потреба, а не се во можност самите да обезбедат. Еве што мислат од оваа невладина организација околу понудените мерки од страна на владата.

„Впечатокот е дека Владата не изреагира доволно брзо со превентивните мерки и иако економските мерки нудат опфат на сите граѓани во ризик, заради административни бариери со кои се соочуваат граѓаните, реализацијата не е на очекуваното ниво. Изразуваме задоволство што Владата преку адаптирање на користењето на гарантираната минимална помош, дозволува брз влез во системот на социјална заштита за домаќинствата кои остануваат без приходи. Исто така охрабрувачки е тоа што не се заборавени и граѓаните од неформалната економија, но и оние кои привремено или трајно изгубиле работа заради влијанието на вирусот„, додава Дуковска.

Активистот за работнички права, Здравко Савески за Денар вели дека, здравствената криза создаде голем економски застој и, следствено, големо економско нарушување. Веќе од меѓународните економски институции се зборува за криза од обем кој ќе ја надмине Големата рецесија од 2008 и која ќе биде најголема од Големата депресија. Савески смета дека големи ќе бидат економските турбуленции и во Македонија, како поради ендогени така и поради егзогени причини. И она што најверојатно ќе следи ќе биде таков економски удар каков што Македонија не доживеала од почетокот на приватизацијата, значи во последните 30 години.

„Во услови на криза, кога сите лостови на власта се во рацете на капиталистичката класа, решавањето на кризата се бара во спроведување на т.н. мерки за штедење, кои секогаш најмногу ги погодуваат работниците и сиромашните. Работниците и сиромашните треба да го имаат предвид ова искуство и да знаат дека тие ќе бидат оние што ќе платат за кризата, ако нешто самите не преземат. Бидејќи уште фокусот е на здравствениот аспект на кризата, уште не се обрнува внимание на економските последици. И некако се мисли дека само за некоја нијанса ќе стане полошо. За жал, мислам дека многумина работници и сиромашни ги чека таков пад во животниот стандард за кој не ни биле свесни дека е можно. За да не дојде до тоа, мора организирање и борба. Тоа не е она што го сакаат работниците во Македонија, но се плашам дека ако чекаат некој друг да им помогне, дека економската криза ќе се решава на нивни грб“, вели Здравко Савески.

Вирусот Корона, кој беше прогласен за пандемија на 11 март 2020 година од страна на Светската здравствена организација, пропорционално најтешко ги погодува најсиромашните и најранливите луѓе и нивните семејства во Европа и пошироко. Во споредба со другите групи во нашите општества и економии, вирусот Корона и мерките за негово ублажување имаат потешки и поштетни ефекти врз работниците со ниска плата или приход и нивните семејства. Поточно, оние кои се во атипична работа или на несигурни работни места или пак со работни места со низок квалитет како и оние граѓани кои се невработени или зависат од гарантирана минимална помош.

Инаку, последниот официјален извештај на Државниот завод за статистика за стапката на сиромаштија во земјава е објавен на крајот на ланската година. А податоците пак се однесуваат за 2018 година. Имено, во извештајот стои дека во Македонија 21 отсто од граѓаните живеат во сиромаштија. Тоа значи дека секој петти жител живее тешко, и со голема мака ги набавува основните намирници. Според типот на домаќинства, стапката на сиромаштијата на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2018 година е 22%. Стапката пак на сиромашни пензионери е 7.9 %. Во анализата стои и дека дури 50 отсто од семејствата со три или повеќе деца живеат во сиромаштија. Дополнително во анализата на статистика стои дека дури девет отсто од вработените лица се сиромашни, а невработени сиромашни лица се близу 40 отсто. Коефициентот на Џини индексот, кој претставува мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите изнесува 31.9 %

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП