29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисмените од Влада бараат финансиска помош, не нови кредити, експертите велат мерките...

Бизнисмените од Влада бараат финансиска помош, не нови кредити, експертите велат мерките се коректни но имаат доста недостатоци

Власта со контра удар до угостителите. Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека од Угостителската комора излегле со паушална анализа и имаат намера да предизвикаат паника во јавноста и во приватниот сектор. Бектеши ги обвини угостителите дека во ова време на криза се обидуваат да изнудат уцени. Бектеши тврди дека економските мерки понудени од владата се во корист на бизнисот и биле кроени по мерка на стопанските комори. Свесно или не Бектеши на крајот на својот говор јавно им се закани на угостителите дека инспекторатот будно ќе ја следи нивната работа.  

„Многу е јасно дека сите ќе изгубиме во оваа криза. Работниците од платата, а угостителите секако од профитот. Државата исто така ќе има големи загуби. Но важно е ова да го пребродиме сите заеднички. Во угостителско – туристичкиот сектор во државата има над 30 илјади вработени. Јасно е дека дел од нив постојано се во обид да работат на црно, и постојано се креативни во изнаоѓање на решенија како да избегнат плаќање на давачки кон државата, па јас како министер за економија заеднички со инспекторите со целиот капацитет како и досега но и сега па натаму ќе продолжиме да го санкционираме таквото работење“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Угостителите остануваат на ставот дека нема да ги користат мерките на владата. Причина за тоа е како што велат, нивната селективност и дополнителното задолжување кое ќе претстои по искористувањето на дел од владините мерки. Угостителите од Владата побараа директна финансиска поддршка, а не нови кредити. На прес конференцијата на министерот Бектеши, реагираше претставникот на угостителите Мартин Ангеловски кој на социјалните мрежи напиша:

„Во нормална држава министер ќе војува со непријателот, а не со сопствениот народ кој го избрал за да му помогне кога има потреба. Кај нас наместо да помогне, се заканува. Инаку статистика бројките од нас ги црпи и не е баш умно од нив да чекаш бројки, кога прецизна бројка за една минута може агенција за вработување да ти даде. И на крај доста со манипулации. Развојна банка дава кредити, а кредити веќе имаме. Како во нормална држава помош ни требаше, а не да не дозаглавите со кредити. Новите мерки за кои зборевме, дури вчера ги објавивте, баш ме интересира јавно да кажете кој тоа од вчера до денес ги искористил?“, пишува Ангеловски.

Став за понудените мерки на владата за стопанството, Денар побара и од институтот за економски анализи Finance Think. Првиот човек на институтот Благица Петрески вели дека од аспект на цел, мерките генерално се коректно дизајнирани за моменталниот шок со кој се соочени компаниите. Дел од мерките кои се насочени за поддршка на плата на вработените имаат за цел да помогнат на оние компании кои беа оневозможени тековно да ја извршуваат својата активност поради воведените мерки. Но, од аспект на дизајн на критериуми, Петрески смета дека  мерките се оптоварени со многу ограничувачки критериуми, што не соодветствува на моменталната кризна состојба и тоа ќе го стесни бројот на компании кои се подобни за користење на мерките. Тоа пак вели таа, може да резултира со намален број на корисници, и прибегнување кон испуштање вработени, што ќе ја поткопа крајната цел.

„Пример, една од мерките, јас би ја нарекла главна, мерката за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор за исплата на плата, во изјавата за стекнување на овие средства еден од условите е финансиските средства да не се користат за исплата на плата за управителот, сопственикот, застапникот. Овој услов ги прави неподобни самовработените и голем дел од микро компании кои се со само еден или неколку вработени. А најпогодените сектори се и најранливи, гледано од аспект на број на вработени, неформално ангажирани и тоа се доминантно микро претпријатија до 10 вработени“, вели за Денар Благица Петрески која е и универзитетски професор и извршен директор на Finance Think

Експертите сметаат дека, поради релативно задоцнетата најава на мерките, операционализацијата мора да биде многу ефикасна, навремено да стигнат средствата до компаниите со минимизирање на бирократските и административни процедури, за да не се наруши ликвидноста. Еден од недостатоците на овој план сметаат дека е тоа што мерките не се придружени со план за финансирање, од кои извори ќе се финансираат овие мерки, колку средства ќе бидат потребни вкупно и по поединечна мерка. Затоа што ефектот на мерките не е ист, и треба алокацијата да биде најголема кон оние мерки со најголем ефект.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП