2 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКовид -19 нема да дозволи слободен пад на цените по вртоглавото намалување...

Ковид -19 нема да дозволи слободен пад на цените по вртоглавото намалување на вредноста на нафтата

Континуираниот пад на цената на нафтата на светските берзи придонесе и во земјава горивата да се продаваат по пониски цени кои секоја недела ги одредува Регулаторната комисија за енергетика.

Но колку намалената цена на овој енергенс може да влијае и врз финалните цени на одредени производи на граѓаните во ова време на пандемија. Главните мерења на инфацијата во земјава ги врши Народната Банка, од каде велат дека ваквата состојба со цената на нафтата на глобално ниво отвора простор за намалување на дел од производите кои се тесно поврзани со нафтата, но новонастанатата состојба со коронавирусот нема да овозможи тие да се продаваат по пониски цени поради неколку причини. Од централната банка велат дека, силниот пад на цените на нафтата на светските берзи се очекува да има директен надолен ефект врз стапката на инфлација во домашната економија преку пониските домашни цени на горивата. Исто така напоменуваат дека, овој ефект е веќе видлив – Регулаторната комисија за енергетика направи позначајно надолно прилагодување на домашните цени на нафтените деривати во изминатите две недели и секако ќе има одраз врз мартовските податоци за инфлацијата.

„Што се однесува до индиректните преносни ефекти врз цените на останатите производи и услуги, теоретски би можело да се очекува нивно намалување во услови кога нафтата е помеѓу клучните инпути во производниот процес. Треба да се има предвид дека шокот со којшто се соочуваме тековно и кој е причина за надолното прилагодување на светските цени е од неекономски карактер и дека неговото времетраење се оценува како привремено, така што веројатноста од позначајно прелевање на пониските цени на нафтата врз цените на останатите финални производи преку овој канал е тешко да се оцени. Дополнително, имајќи предвид дека енергенсите се само еден од инпутите за компаниите, коишто во тековните услови на намален обем на активност се соочуваат и со одредени фиксни трошоци, неизвесно е во колкава мера пониските цени на нафтата би се пренеле врз финалните цени на нивните производи, особено на краток рок. Секако, имајќи ги предвид вонредните околности во кои се наоѓа домашната економија не треба да се заборави и ефектот од тековните поместувања кај домашната побарувачка, којашто исто така може да има краткорочно надолно влијание врз цените. “

Компаниите од транспортниот сектор и мелничко пекарската индустрија се најзасегнатите дејности од движењето на цените на нафтата не само во земјава туку и на глобално ниво.  Побаравме став од компанија која врши јавен превоз во главниот град, од каде што ни посочија :

„Цената во Јавниот градски превоз ја утврдува Советот на Град Скопје. Но со оглед дека во јавниот превоз се практикива бенифицирана цена која не ги покрива трошоците на превозот, промените на цените на трошоците не влијаат на цената на превозот. Ова што го кажав подразбира дека цената во принцип е политичка одлука т.е приватните превозници од 01.01.2017 година се само извршители на превозот“, велат од компанијата Слобода превоз која е дел од јавниот приватен транспорт во Скопје.

Поразговаравме и со дел од такси компаниите кои се жалат дека поради обврската граѓаните да седат дома и на тој начин да се заштитат од корона вирусот работата им е намалена за околу 70 отсто. Уште ако им се намали и цената на превозот, велат дека таблите од таски возилата ќе ги фрлат во ѓубре.

Од Мелничко – пекарската индустрија пак не ни помислуваат да ги намалат цените на своите производи. Велат дека страшно се погодени од пандемијата и дека прометот им е значително намален. Со тоа биле принудени да го намалат и производството и сега тврдат дека се соочуваат со проблем како да исплатат плати и со судни маки да ги задржат работниците на своите работни места.

Од Регулаторната комисија за енергетика за Денар велат дека понатамошниот тренд на движење на берзанските цени на суровата нафта и нафтените деривати, зависи од многу глобални прашања кои го засегаат светот, почнувајќи од војната на цени помеѓу Саудиска Арабија со Русија, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави, нивната политика кон Венецуела како и појавата на корона вирусот и последиците од намалената потрошувачка со готови производи и останати фактори. Единствено релативно светло место во светските потреби од нафта и нафтени производи има Кина, каде потрошувачката почна постепено да се оправува.

„Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на секои седум дена ги утврдува највисоките малопродажни цени за одделни нафтени деривати, согласно Правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт. Методологијата која се применува за пресметување на највисоките малопродажни цени за одделни нафтени деривати, е скоро идентична кај сите земји кои се зависно увозни од сурова нафта, а принципите кои се применуваат се утврдени согласно пазарните услови (понуда-побарувачка) кои ги дефинираат светските производители на нафта и нафтени деривати. Согласно одредбите од Правилникот, основните елементи поради кои доаѓа до промени секоја недела на набавните и малопродажните цени кај одделни нафтени деривати се: движењата на берзанските цени на нафтените производи објавени на Platt’s European Marketscan, (Premum Uln 10 ppm, ULSD 10 ppm, Gasoil 0.1% и Fuel oil 1.0% , со паритет FOB Med), како и движњето на курсот на УСД $ во однос на денарот во изминатиот седумдневен период.“

Познавачите на нафтениот бизнис тврдат дека моментално светот се соочува со огромни вишоци на нафта, нарушен е целосно балансот помеѓу понудата и потрошувачката во светот, доаѓа до масовно загушување на пазарот со понуди на нафта, кое дури и со замрзнување или намалување на производството кај земјите од ОПЕК нема да може да се поправи. Ќе бидат потребни месеци за да може да се влијае глобално на залихите и да се неутрализираат моменталните губитоци. Согласно сите анализи и наредниот квартал цената на суровата нафта Brent, би била на ниво околу 20УСД $/bbl, доколку не се зголеми производството на нафта од шкрилци во Америка. Инаку цените на горивата за малопродажба неколку недели по ред се намалуваат, а најдраматичен пад беше забележан точно пред половина месец кога дизелот поевтини за шест, а 95-ка и 98-ца за седум и пол денари. Оваа недела 95-ка се  продава по 48 денари а 98-ца два денари поскапо, еден литар дизел гориво чини 46 денари.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП