19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе бара управител за минималец од 14.500 денари – порастот на минималната...

Се бара управител за минималец од 14.500 денари – порастот на минималната направи „урамниловка“ во платите

Ревизор, економист, сметководител, информатичар, геодетски техничар, медицински лица, проект менаџер, фармацевт, па дури и управител – бараат македонските газди преку огласи и сите за минимална плата од 14.500 денари. Се бараат и стјуадеси за подпросечна плата од 20.000 денари исто колку што се нуди и за програмер. И додека на големо работодавците се жалат дека нема стручен кадар кој им е најпотребен, низ огласите и тоа на Агенцијата за вработување платите кои се нудат не мрднуваат од минималецот, од 14.500 денари, дури и за високообразовен стручен кадар. Исто минимална плата се нуди и за пекар, продавач, шивач, градежни работници, административци. А може да се забележи и дека во огласите доминира вработување на определено време дури и на еден месец.

Дека порастот на минималната плата предизвика „урамниловка“ на платите во приватниот сектор, односно не ја одврте спиралата и не предизвика пораст на другите плати забележува и Институтот „Finance Think“. Анализата покажала дека порастот на платите во приватниот сектор повисоки од минималната плата се многу малку или воопшто не е воден од притисокот што го создава минималната плата. Велат, со тоа настанало концентрирање на платите околу новото ниво на минималната плата, при што помалку продуктивните работници се изедначиле со попродуктивните работници.

Анализата на „Finance Think“ покажува дека  просечната плата во 2019 година пораснала за 3.9% на годишно ниво, и изнесува 25.213 денари. Овој раст е понизок од растот во 2018 година, кога просечната плата порасна за 5.9%, но споредено со периодот 2010-2017, кога просечниот раст на платите изнесувал 1.8% годишно, растот во последните две години значително забрза. Забрзувањето на растот на платите според „Finance Think“ се должи на неколку фактори:

Порастот на минималната плата во септември 2017 година, од 10.080 денари (и 9.690 денари во три сектори) на 12.000 денари, односно зголемување од 19%, усогласувањето до 12.507 денари (4.2%) во 2018 година и порастот на 14.500 денари (15.9%) во ноември 2019, или кумулативен пораст од 43.8%.

-Порастот на платите во јавниот сектор, и тоа, кумулативен тригодишен раст 2016-2019, во јавната управа и одбраната од 7.7%, во образованието од 10.8% и во социјалната заштита од 19.7%.

-Порастот на платите во приватниот сектор, предизвикан од подобрувањето на состојбата на пазарот на труд, преку намалување на невработеноста и засилувањето на оскудноста на бараните вештини коишто работодавците се` потешко ги наоѓаат на пазарот.

Според анализата, како одговор на ваквата концентрација на платите околу новото ниво на минималната плата, владата започна да го субвенционира порастот на платите, преку преземање на даночниот товар од социјалните придонеси при пораст на плата во опсег од 600 до 6.000 денари. Ваквата мерка беше воведена паралелно со порастот на минималната плата на 14.500 денари.

Според проекциите на Finance Think, оваа мерка ќе ја поддржи формализацијата на „платата во плико“, чиј вкупен ефект се проценува дека ќе додаде околу 750 денари на просечната плата. Првичните пресметки покажуваат дека мерката за субвенционирање на платите, на својот почеток во ноември 2019 година, придонела кон пораст на просечната плата во рангот од 100 до 200 денари“, покажала ализата.

А последниот податок на Државниот завод за статистика покажува дека просечната нето плата исплатена по вработен во декември 2019 година изнесува 26.836 денари. Според објавените податоци просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември 2019 година, во однос на декември 2018 година, бележи раст од 4,1 отсто, а зголемувањето се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите транспорт и складирање за 12,4 отсто, објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 12 отсто и градежништво за 11,9 отсто. Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите стручни, научни и технички дејности за 9,3 отсто, информации и комуникации за 8,4 отсто и објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 6,8 отсто. Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во декември 2019 година, пак изнесува 39 932 денари.

На програмерите за само еден месец платата им пораснала за 4.469 илјади денари. Односно, во декември годинава тие земале плата од 96.332 денари, што е многу повеќе од 91.863 денари, колку што во ноември годинава земале во дејноста комјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности. Плати од 70.162 денари земаат и во воздухопловниот транспорт, односно контролорите на летање. Плата од 69.911 денари во просек земаат вработените во дејноста производство на основни фармацевстки производи.

Во финансиски и услужни дејности пак просекот на платите е 65.885 денари, а во телекомуникацисискиот бизнис просечната плата е 62.066 денари.

Најниски пак се платите во кожарската индустрија, каде просекот се движи околу 16.000 денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП