3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПет години стаж за 1.400 евра - граѓаните ќе можат сами да...

Пет години стаж за 1.400 евра – граѓаните ќе можат сами да си ги пополнат „дупките“ во стажот

Граѓаните кои имаат „дупки“ во стажот, од 18 март годинава ќе можат да сами да си го докупат и за тоа да си платат во Фондот за пензиско, но ова ќе важи само за оние на кои им фали стаж до крајот на 2008 година.

Со дополнувањата на Законот за пензиско кои поминаа во Собрание и веќе се објавени во „Службен весник“ десетици илјади граѓани во земјава ќе можат сами да си откупат дел од стажот кој им фали, кој фирмите кои се ликвидирани со години не им го внеле и платиле во ПИОМ и поради што не можат да остварат право на пензија, или ќе имаат пониски пензии. Еден месец стаж, граѓаните ќе ги чини околу 1.400 денари. А пример ако на некој иден пензионер, од фирмата не му се уплатени 5 години стаж во ПИОМ, тој ќе може да си го откупи за околу 1.400 евра. Од ПИОМ за „Денар“ објаснуваат дека ова важи само за осигуреници кои биле во редовен работен однос и биле пријавен во задолжително социјално осигурување, а обврзникот за пресметка и плаќање на придонес не го платил придонесот.

„Во овие случаи, со законот се дава можност осигуреникот да може самиот за себе да изврши плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Плаќањето на придонесот ќе се однесува за оној период за кој осигуреникот поднесува барање за плаќање на придонес, под услов да бил пријавен во задолжително социјално осигурување. Основицата за пресметка и плаќање на придонесот изнесува 20% од просечната плата за претходната година од годината во која е поднесено барањето за плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување, објавена од Државниот завод за статистика. Плаќањето на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување може да го извршат и членовите на семејството заради остварување право на семејна пензија“, објаснуваат од Фондот за ПИОМ.

По поднесеното барање, Фондот проверува дали се исполнети условите за да донесе решение со кое осигуреникот или неговото семејство ќе можат да си го платат стажот. Условите се следни:

Осигуреникот да бил пријавен во задолжително социјално осигурување, што се утврдува од податоците во матичната евиденција на Фондот со претходно воспоставена пријава за почеток и престанок на осигурувањето утврдена во матичната евиденција на Фондот, потоа придонесот за периодот за кој осигуреникот бил пријавен во задолжително социјално осигурување не е платен, односно не е целосно платен, што се утврдува со записник на Фондот и обврзникот за плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување е во стечај, а осигуреникот е одјавен од осигурување, или обврзникот е избришан од регистрите кои се водат при Централниот регистар“, објаснуваат од ПИОМ.

Слична ваква можност беше донесена и во 2015 година, но тогаш ретко кој граѓанин ја искористи. Од Фондот велат тоа било затоа што претходното законско решение за докуп на стаж од 2015 година, имало ограничено важење од една година, за разлика од ова законско решение кое нема ограничување во важењето.

Законот стапува во сила на 18 февруари годинава, а ќе започне да се применува по еден месец, односно од 18 март, бидејќи во рок од 30 дена Министерството за труд и социјална политика, треба да ја дефинира формата и содржината на барањето. Претпоставките се дека има околу 60.000 граѓани кои би можеле да ја искористат оваа можност. Тука влегуваат и oние граѓани кои ги пронајде ревизијата во ПИОМ, кои веќе имаат возраст за пензија, но им недостасуваат години стаж, кои ги нема ниту во евиденцијата на ПИОМ бидејќи фирмите кои се ликвидирани не ги пријавиле ниту ги уплатиле придонесите. Државниот завод за ревизија пресмета дека вакви случаи ги има над 4.000 во моментов, но потенцираше дека бројот на „оштетени“ граѓани ќе расте.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП