8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПазар на алкохол – во Македонија пивото е број еден

Пазар на алкохол – во Македонија пивото е број еден

Празниците се период кога се зголемува потрошувачката на алкохол. Што најмногу се пие во земјава и колку тежи пазарот?

Пиво, вино или жестоко?

Пивото е број еден алкохолен пијалак во земјава. Ова го покажуваат податоците и на домашната статистика и на меѓународните организации.

Според Државниот завод за статистика секој возрасен граѓанин на земјава во просек годишно консумира по 10 литри пиво, 1.7 литри вино и 0.7 литри жестоки пијалаци покажува анализата „Потрошувачката на домаќинствата“.

Според Светската здравствена организација во земјава се пијат по 5.7 литри алкохол: 50% пиво, 40% вино, а само 10% жестоки пијалаци.

Институтот за вино од Калифорнија тврди дека во земјава се пијат по 42 литри вино, а според годишните извештаи на пиварниците се трошат по околу 27 литри пиво.

Разликата во податоците се должи на методологијата, ДЗС не ги зема во предвид домашното вино и ракија, Институтот за вино и СЗО се повикуваат на анкети.

Топ 10 земји по консумација на алкохол

Според Светската здравствена организација топ 10 земји според потрошувачката на алкохол по глава на жител се: Молдавија со 17.4 литри, Белорусија со 17.1, Литванија со 16.2, Русија со 14.5, Чешка со 14.1, Црна Гора со 13.3, Романија со 12.9, Србија со 12.9, Австралија со 12.6 и Словачка со 12.5 литри.

Во истиот извештај Македонија е на 99 место со годишна потрошувачка од 5.7 литри.

Од друга страна најмалку алкохол се пие во Пакистан, Либија, Бангладеш, Сомалија и Авганистан, по помалку од 0.1 литар по жител.

Долга традиција на производство

Традицијата на производство на пиво е релативно долга. Првите пиварници, Скопската и Прилепската, биле отворени истата 1924-та година. Освен домашните брендови Скопско и Златен даб овде се прават и Амстел и Хајнекен. И двете фабрики постојано ја шират палетата на производи кои ги нудат.

Виното има уште подолга историја, се произведувало на овие простори уште во времето на Римската Империја. Денес во Македонија има околу 90 регистрирани винарии. Годишно произведуваат по околу 100 милиони литри вино и многу помалку ракија.

Македонија повеќе извезува отколку што увезува алкохол, но тоа пред се се должи на виното. Од друга страна речиси 100% од жестоките пијалаци доаѓаат од увоз.

„Македонците имаат уникатен вкус и специфични барања. Обоените пијалаци како коњак, вињак, бренди, виски се побарани од белите жестоки пијалаци како вотка, џин, текила. Во главно ги следиме светските трендови, коктелите кои се микс на повеќе пијалаци се се попопуларни… Во поглед на ценовната сегментација, најзастапени се производите со најниски цени. Консумацијата е најголема во дискотеките и во ноќните клубови, а помалку во кафулињата. Дистрибуцијата се одвива преку локални дилери “ велат во еден од водечките увозници на алкохол во земјава.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП