На речиси две недели од новата, 2020-та година, плановите за дочек би требало да се во завршна фаза. Има многу опции – дома, кафеана, дискотека или на пат. Сепак, се зависи од домашниот буџет.
Кафулињата, кафеаните, рестораните и дискотеките веќе ги подготвија новогодишните понуди. Цените се горе долу исти како и претходните години, се движат од 1.000 до 6.000 денари во зависност од тоа што се е вклучено како и од атрактивноста на самиот локал.
„Почнавме да примаме резервации. Нудиме неограничено пиење и грицки и закуски, а цената е иста како и лани, 1.000 денари за стоење и 1.500 денари за сепаре“, вели сопственик на кафуле во Дебар Маало.
Оние што имаат повеќе пари, но и повеќе слободно време најчесто се одлучуваат празниците да ги поминат надвор. И оваа година најбарани дестинации се зимските центри во соседството.
„Банско и Копаоник се најбарани дестинации. Цените се релативно достапни, сместување во хотел со 4 ѕвездички е околу 50 евра по човек од вечер, а дочекот се плаќа дополнително. Во понудата влегува бесплатно користење на спа и базен, а најчесто обезбедуваме и попуст за ски картите“, велат во една од туристичките агенции.
Освен зимските центри за македонските туристи интересни дестинации за дочек на Новата Година се Белград, Будва, Истанбул, Прага, Венеција, Виена кои најчесто се со автобуски превоз и се подостапни. Од дестинациите кои се со авионски превоз предничат Рим, Париз и Дубаи.
И оние кои ќе останат дома ќе потрошат значителна сума – ќе треба да готват или да купат храна, да земат и нешто за пиење.
Не може прецизно да се пресмета колку вкупно чинат предновогодишните и новогодишните активности. Но, доколку се претпостави дека едно семејство во просек троши по околу стотина евра, а во земјава има 500 илјади домаќинства се доаѓа до сума од околу 60 милиони евра. Секако, има многумина кои трошат повеќе и многумина кои трошат помалку, ова се само претпоставени просечни суми.
Дека сепак за празниците се троши повеќе покажуваат и податоците од банките според кои секоја година во просек во декември од трансакциските сметки и платежните картички се повлекуваат по околу 30 милиони евра повеќе од просекот во другите месеци од годината.
К. Н.