2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали извршителите ќе омекнат? Речиси 80 илјади граѓани со блокирани сметки!

Дали извршителите ќе омекнат? Речиси 80 илјади граѓани со блокирани сметки!

Речиси 80 илјади граѓани имаат блокирани трансакциски сметки, бројка која подолг период е речиси непроменета. Додека извршителите наплаќаат над сто милиони евра годишно, должниците бараат државата да ги заштити од, како што велат, лихварските методи.

Константен број на блокирани сметки

Бројот на граѓани со блокирани трансакциски сметки веќе подолго време е горе долу непроменет. Според најновите податоци на Народната Банка на крајот на јуни годинава имало 79.874 граѓани и 27.703 компании со блокирани сметки. За една година нивниот број е намален за 758 односно за 1.480.

Бидејќи и граѓаните и фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки вкупниот број на блокирани сметки е многу поголем и заклучно со крајот на јуни бил 229.271.

Трендот на намалување на бројот на блокирани сметки е присутен речиси три години. Најлоша била состојбата во октомври 2016-та кога имало вкупно 273.872 од кои 219.934 на физички и 53.938 на правни лица.

Извршителите наплаќаат стотици милиони евра годишно!

Според најновиот извештај на Комората на извршители сите тие заедно во 2018-та година од граѓаните и фирмите наплатиле речиси 127 милиони евра.

Тие лани добиле над 112 илјади барања за извршување, а реализирале над 62 илјади или 55.69%.

Над 22 милиони евра биле наплатени во име на граѓани, 103 милиони евра во име на компании и само 2.3 милиони во име на државата.

Извршителите во 2017-та наплатиле рекордни 166 милиони, во 2016-та речиси 119 милиони, во 2015-та сумата надминала 107 милиони, а во 2014-та речиси 108 милиони евра.

Во последните 13 години, откако беа формирани, извршителите наплатиле вкупно 1.3 милијарди евра!

Должниците контра извршителите – работиме само за камати

Должниците бараат државата да воведе ред во наплатата. Иницијативата „Стоп за извршителите“ подолг период преку протести бараат законски измени.

Бараат да престане блокирањето на сметките, наплатата на долгот да не трае подолго од две години и да се почитува застарувањето на долговите.

„Живееме во едно неправедно и неправично општество. Тука се случува еден социјален феномен кој ги донесува луѓето во должничко ропство“ вели Ана Глигорова од иницијативата „Стоп за извршителите“. „Тој социјален феномен е девијантен. Зошто? Затоа што се работи за преголеми долгови кои се виртуелни каде што главниците се многу мали во однос на тоа што нереалното што луѓето го плаќаат. На тој начин луѓето влегуваат во должничко ропство, наместо да евалуираат како човекови битија, да се занимаваат со своето семејство, да живеат за културата, за својот духовен развој, луѓето едноставно плаќаат некакви непостоечки долгови. Оние тужат ретроактивно, а не сакаат ретроактивно да направат закони. Ако донесат нов закон за нова висина на камата, таа висина би требало да важи ретроактивно“ додава таа.

Граѓаните порачаа дека нема да се задоволат само со ветувања и бараат конкретни резултати, и посочуваат дека ќе протестираат додека надлежните не преземаат конкретни мерки.

Од Министерството за правда, пак, велат дека се разгледуваат барањата на луѓето кои протестираат, но и дека во текот на 2018 и 2019 година биле извршени 99 надзори, а од страна на министерката за правда поднесени се 26 предлози за поведување на дисциплинска постапка до Дисциплинската комисија при Комората на извршители.

„Само годинава се извршени 64 надзори од кои 24 биле вонредни по претставка од трети лица. Притоа, доставени се осум предлози за поведување на дисциплинска постапка“ велат од Министерството за правда.

Дали извршителите дополнително ќе омекнат?

Лани беа донесени измени на законот со кои се намалија трошоците во постапките пред нотарите и извршителите и тоа за најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити.

Во постапките пред нотарите овие граѓани се ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност, а нотарската награда е 10% од главниот долг, но не повеќе од 500 денари. Тоа значи ако долгот е 1.000 денари, надоместокот за нотар ќе биде 100 денари. Ако долгот е 10.000 денари, надоместокот нема да биде 1.000 денари, туку 500 денари.

Исто така за сметки за вода, смет, телефон и одржување на заеднички простории во висина до 6.000 денари нема да биде потребно учество на адвокати, како и за сметки за струја и парно до 15.000 денари. Со тоа ќе се исклучат и адвокатските трошоци за лицата кои имаат неплатени сметки до одреден износ.

Во постапката пред извршител, исто така има големо намалување на трошоците. За 16 ставки за кои порано постоеја трошоци, со новата тарифа се целосно бесплатни.

Некои ставки се намалени до 50 отсто, некои дури и повеќе од 50 отсто. На пример, налогот за извршување на трансакциска сметка на физичко лице кое порано чинеше 20 евра, со новиот тарифник ќе биде две евра за долгови до 1.000 евра и ќе се движи до шест евра за највисоките долгови.

И пред три години имаше релаксирање на работата на извршителите. Тогаш стапија во сила нови, помеки правила по кои постапуваат.

Со нив се воведе засилена контрола на работењето на самите извршители; писмена опомена пред принудна наплата; вонсудска постапка за комуналните сметки; кратење на роковите за продажба на недвижностите; но и за иселување на должниците; можност да се продаваат предмети при стечај; еднократно поднесување на барање за алиментација; електронска комуникација со државните органи.

Ова значи дека заостанатите сметки за комуналии (струја, вода, парно, телефон, каблеска) веќе не одат на нотар или на суд како до сега туку директно кај извршител. Со тоа треба да се избегнат дополнителните трошоци.

Јавните, комуналните и претпријатијата кои нудат други услуги ќе мора најпрвин да се обидат да го наплатат заостанатиот долг преку извршител, а дури потоа да почнат судска постапка. Со овие измени граѓаните ќе добијат можност да се раздолжат уште во првата фаза, кога нема дополнителни судски, банкарски и други трошоци.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП