8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Македонија има над 14 илјади слободни работни места – каде е...

Во Македонија има над 14 илјади слободни работни места – каде е проблемот?

Над 14 илјади слободни работни места! Во Македонија никогаш немало повеќе активни огласи за вработување. Компаниите бараат секаков кадар – од хигиеничари и продавачи до лекари и програмери. Сепак, стапката на невработеност останува висока, 17.5%.

За вистинска борба со невработеноста мора да се испеглаат разликите меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд, сметаат експертите. Според нив проблемот се состои во два дела – недоволни квалификации на невработените, но и отсуство на желба да се работи во одредени сектори.

„На нашите компании им требаат стручни кадри, пред се технички. Најголема потреба во моментов има за работници во фабричките понуди. Најголем дел од фирмите, пред се странските инвеститори нудат обуки и доквалификации но невработените едноставно не се заинтересирани. Проблемот не е толку во платите, тие се релативно високи. Проблемот пред се е во предрасудите кон одредени струки и професии“, смета економистот Петар Стојановски.

Капацитетите во преработувачката индустрија нудат плати над просечните – тие надминуваат 30 илјади денари, а достигнуваат и над 40 илјади кај дел од странските инвеститори.

„Ние како држава, како општество треба да сфатиме дека не треба да се срамиме од чесната работа, од чесната заработувачка. Родителите уште од мали инсистираат дека децата треба да се запишат и да завршат факултет иако можеби и немаат потенцијал за тоа. Потоа, кога ќе дипломираат нема да можат да најдат работа“, објаснува Стојановски.

Токму инсистирањето да се заврши факултет по секоја цена создава и парадокси – во огласите за работа може да се види дека се бараат економисти, правници па дури и лекари за плата од 15 до 20 илјади денари, а за продавачи или општи работници се нудат 20 до 30 илјади денари.

Бизнисмените со години предупредуваат дека се потешко доаѓаат до квалификуван кадар, дека пазарот на труд не е прилагоден на нивните потреби.

„Може да се направат реформи за кои не треба долго време и пари, како формализирање на алтернативни форми на вработување –  фриленсинг, онлајн работење или работа на далечина, со што би се охрабриле младите да остануваат тука и да работат, а исто време, да бидат заштитени“, изјави неодамна претседателката на АМЧАМ, Дијана Десподов.

Анализата на Агенцијата за вработување покажува дека на пазарот на труд најмногу се бараат работници со средно образование.

Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.

Средното стручно образование треба да испорача: шивачки, бравари, столари, заварувачи, армирачи, лимари, повеќе профили на градежни работници, металостругари, монтери, автомеханичари, електроинсталатери, преработувачи на овошје и на зеленчук за потребите на преработувачката индустрија.

Побарувачката на високо образован кадар ќе биде најголема во дејноста информации и комуникации каде според искажаните потреби на работодавачите се очекува дека речиси 80% од вработувања во оваа дејност ќе бидат за лица со високо образование.

Од оние со завршено високо образование се бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.

Речиси во сите останати дејности, најголема е побарувачката на кадар со средно образование, а меѓу нив посебно се издвојуваат преработувачката индустрија и дејноста трговија на големо и трговија на мало, каде 61.0%, односно 58.5% од вкупните вработувања во овие дејности ќе бидат за лица со средно образование.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП