Милијарди евра од граѓаните за претурање од “шупливо во празно“, за затворање дупки и за исполнување на желби и ветувања, а грантови и заеми за “крпење“ на инфраструктурните проекти. Вака на кратко изгледа државната каса за наредната година, во која има се за секого, само не доволно предиспозиции за остварување на зацртаниот раст на БДП од 3,8 проценти. Скептици се и експертите и дел од бизнисот. Велат проекциите се надреални и тешко остварливи, посебно бидејќи наредната година е изборна година и се очекува застој на сите проекти најмалку шест месеци, до формирањето на новата влада.
3,5 милијарди евра за тековни трансфери – плати, пензии, социјала, субвенции
Владата планира да потроши 3,9 милијарди евра во 2020-та. Проектираше од граѓаните и компаниите и дел од кредитите да прибере 3,6 милијарди евра за да ги сервисира потребите на државата. Но дури 3,5 милијарди евра ќе завршат за тековни расходи – ќе се финансираат зголемените плати во јавниот сектор, зголемените пензии, социјалните надоместоци, субвенции за земјоделците и поддршката на бизнисот. Пензиите ќе тежат една милијарда евра од кои 500 милиони ќе се префрлат од Буџетот. За платите на административците ќе се потроши речиси половина милијарда евра, или 53 милиони евра повеќе од годинава. За субвенции и трансфери, пак, како што стои во предложениот буџет, треба да се издвојат 309 милиони евра, што е нешто помала сума од оваа година.
За да ги финансира трошоците, покрај задолжување од 1 милијарда евра од кое дел е за враќање на стари долгови, Владата планира од даноци и придонеси да собере 3,2 милијарди евра. Од придонеси 35 милиони евра повеќе од годинава, а само од даноците дури 123 милиони евра повеќе.
Капиталните расходи се проектирани на 383 милиони евра, што е за 14 милиони евра повеќе од годинава, но со ребалансот на Буџетот, со кого се скратија речиси 50 милиони евра од 420-те милиони евра од првично проектираните за капитални проекти. Владата сега тврди за наредната година ги проектирала на реална основа, не сакала да ги предимензионира.
Буџетскиот дефицит е проектиран 2,3 проценти од БДП или околу 283 милиони евра, а ќе се финансира со кредити.
Од планираната 1 милијарда задолжување дома и во странство, дел ќе биде за враќање на стари долгови. Но, нето домашното задолжување ќе биде 175 милиони евра, плус 200 милиони евра од континуирани државни хартии од вредност. Или вкупно нето домашното задолжување ќе изнесува 375 милиони евра. Додека нето странското задолжување ќе изнесува 121 милиони евра. Или, вкупно, во 2020-та година е планирано нето задолжување од 496 милиони евра.
Владата нема да се „стиска“
Во 2020-та година Владата планира да потроши 835 милиони евра за стоки и услуги. Бројките во Буџетот за 2020 покажуваат дека сумата е зголемена за 180 милиони евра во однос на годинава.
Стоки и услуги од секогаш е најспорна ставка за експертите, бидејќи тука влегуваат парите кои државните институции ги трошат на тендери, привремени вработувања, патни трошоци. Од оваа сума дури 608 милиони евра се планирани за договорни услуги, ставка која пораснала за 108 милиони евра во однос на годинава. Растат и парите за привремени вработувања, за 2 милиони евра. За патни и дневни расходи ќе се потрошат 15 милиони евра, или 5,3 милиони евра повеќе од сега. Сумата пак за материјали и ситен инвентар пораснала на 77,4 милиони евра, или 28 милиони евра повеќе од годинава. Државните институции планираат да купуваат и нов мебел, но и нови возила.
Гледано пак по институции најмногу пари од Буџетот за 2020-та ќе се префрлат во Министерството за финансии – Функции на државата, дури 953 милиони евра или 486 милиони повеќе од сега. Второ „најбогато“ министерство е Министерството за труд, кое до година треба да потроши речиси 800 милиони евра или 77 милиони повеќе од годинава.
За образование се проектирани 436 милиони евра или 97 милиони повеќе од годинава. МВР ќе потроши 188, одбрана 165, а здравство 116 милиони евра. Расте и буџетот на транспорт, кој изнесува 97 милиони евра, а тој на животна средина е поголем за 2,5 милиони евра, или вкупно тежи 14 милиони евра.
Рамка: Изборите ќе „тежат“ 12 милиони евра – 5,2 милиони евра ќе добијат партиите
Предвремените парламентарни избори закажани за 12 април ќе тежат најмалку 12 милиони евра. ДИК до година ќе добие 6,8 милиони евра за изборните активности. А политичките партии ќе добијат дополнителни 5,2 милиони евра преку Министерството за правда.
Во Буџетот за 2020-та се проектирани и 3,7 милиони евра за Специјалното јавно обвинителство, чија шефица Катица Јанева заврши во притвор како обвинета за случајот „Рекет“. Парите за СЈО ги побарала Јанева додека се уште ја вршела функцијата. Пари има и за рамковните вработени кои со години седат дома, а земаат плата.
С.А