27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПензиите ќе растат - дупката во ПИОМ алармантно се зголемува

Пензиите ќе растат – дупката во ПИОМ алармантно се зголемува

Една милијарда евра за исплата на пензиите на 320.000 пензионери во наредната 2020 година проектираше Владата во Буџетот. Околу 50 милиони евра ќе чини покачувањето на пензиите кое го најави премиерот Зоран Заев. Од 700 до 730 денари ќе добијат сите пензионери на сметка, а плус 120 до 180 денари ќе им биде исплатено од порамнувањето на пензиите, со што вкупно пензиите ќе пораснат од 850 до 900 денари.

Премиерот  Заев вели ова не е предизборен поткуп на гласови, туку инвестиција во човечкиот капитал. Пензионерите одработиле и редно е да ги почувствуваат бенефициите од тоа што на економијата и оди добро. Просечната плата пораснала за 2.297 денари, а минималната за 5.500 денари, па според Заев треба да пораснат и пензиите. Но, дури половината од парите наменети за пензии до година или околу половина милијарда евра ќе се сервисираат од Буџетот, односно ќе ги покриваат граѓаните. Но, премиерот не гледа ризик во тоа што дупката во ПИОМ секоја година се продлабочува, бидејќи во Буџетот за 2020 година е проектирано да расте и вработеноста и платите.

Се ниша стабилноста на Фондот за ПИОМ

Со вештачкото зголемување на пензиите, практично како да се урива заложбата за стабилизација на државниот пензиски систем, спроведен лани со пензиската реформа на министерката за труд Мила Царовска. Ваквите ад хок мерки пак кои ги практикуваше претходната Влада, постојано беа на удар на Светска банка, која дури и предлагаше зголемување на старосната граница за пензионирање за да се санира дупката во Фондот за ПИОМ, која од година во година се повеќе растеше.

И за инстититутот за економски анализи „Фајнанс тинк“, покачувањето на пензиите надвор од законски утврдениот рок би значел ризик за повторен раст на дефицитот.

„На ваков начин, Владата треба да испрати порака за доследна имплементација на пензиската реформа и да се избегне било какво ад хок зголемување на пензиите. Затоа што од друга страна, на таков начин се зголемуваат и се креираат очекувањата кај пензионерите и преку едно вакво ад хок решение, повисоко зголемување од законски утвредниот максимум може да не ги постигнеме ефектите кои што беа очекувани со пензиската реформа. Односно ова може да значи дека дефицитот на пензискиот систем може и понатаму да стагнира или пак да се доведе повторно во негативни ефекти, односно раст на дефицитот“ – велат од Институтот.

Владините проекции контра тие на Фондот

Бројките се косат дури и со Фискалната стратегија што си ја испланирал самиот Фонд за 2020-2022 година. Така, во неа стои дека за 2020 година за  исплата на пензии за 327.125 пензионери се проектирани околу 946 милиони евра, а не 1 милијарда евра колку што пресмета Владата. Сумата од 1 милијарда евра пак Фондот ја проектирал дури за 2022 година за исплата на 337.278 пензионери.

 

Расходи за пензии                                                                            Број на пензионери

2020 година                      945 886 179 евра                                    327 125

2021 година                      980 016 260  евра                                   332 163

2022 година                      1.019.284.553  евра                               337.278

Извор: Фонд за ПИОМ

Фискална стратегија 2020-2022

Црни сценарија за идните пензионери

Актуарскиот извештај пак кој последно го изработи ПИОМ во далечната 2014 година, за евентуалните оптимистички и песимистички сценарија на состојбите во Фонот за пензиско, покажува дека црните сценарија кои ги предвиделе експертите се пробиени уште сега. Така, со тој извештај трошоците за пензии во 2020-та година во најцрното сценаро би требало да изнесуваат 816 милиони евра, додека Владата за наредната година со проекциите од оваа бројка, проектираше дека тие ќе бидат 1 милијарда евра. Сумата од 1,1 милијарда евра требаше да се достигне дури во далечната 2030-та година. Исто е и со бројот на пензионери. Така во ивештјот стои дека во наредната година ќе има 320.000 пензионери, а Владата веќе предвиде 327.000 пензионери.

Слика1: Актуарски извештај Фонд за ПИОМ, трошоци за пензии

Слика 2: : Актуарски извештај Фонд за ПИОМ, број  на пензионери

Во Македонија има пензионери со 52.000 денари пензија

Во Македонија има пензионери со пензии од речиси 52.000 денари – покажува статистиката за септември на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Нивните месечни примања се на ниво од над две просечни плати на работник во земјава, ако се знае дека таа  изнесува околу 25.000 денари.

Заклучно со септември бројот на пензионери во земјава достигнал над 320.000 лица. Најголем дел од нив имаат старосни пензии. Но во групата на „богати“ пензионери ПИОМ регистрирал 2.663 лица чија месечна пензија изнесува од 38.634 до 51.803  денари. Надвор од овие лица со далеку повисоки пензии кои изнесуваат и до 90.000 денари се пензиите на поранешните претседатели на државата, а во повисоки пензии од 50.000 денари се и  поранешни директори, функционери од транзицијата.

Најголем дел од пензиите до 52.000 денари се старосни – 2.225, потоа инвалидски 324 и 114 лица имаат наследени семејни пензии.

Интересно е тоа што во јануари бројот на лицата со максимални пензии, кои тогаш изнесувале до 50.000 денари бил 2.138 лица, односно бројот на пензионери со максимални пензии за девет месеци- од јануари заклучно со септември се зголемил за над 550 лица.

Наспроти „богатите“ пензионери, во земјава има над 110.000 лица со пензии под 11.141 денари. Од нив 24.857 лица имаат пензија до  8.971 денари, а 87.865 се во распонот од 8.971 денари до 11.141 денари. Просечната пензија пак во земјава за септември изнесувала 14.598 денари.

Ф.А.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП