2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗемјоделски маки: топло време и ниски цени – најава за протести

Земјоделски маки: топло време и ниски цени – најава за протести

За некого ќар, за некого загуба. Топлото време ги намали сметките за греење, но сериозно удри на земјоделците кои и досега се жалеа на проблеми. Земјоделските здруженија најавуваат протест за сабота – ги бараат заостанатите пари за субвенции и дополнителна поддршка од државата.

Земјоделците најавуваат протести

Шест земјоделски здруженија најавуваат голем протест за в сабота. Велат дека субвенциите за повеќе категории производители доцнат и дека општо државата не се грижи доволно за секторот.

„Ден денес немаме ни субвенции ни ништо, ни од пченка ни од ништо… Лека полека стоката се проретчи. Од кого млеко ќе купуваат, од што? И житото исто така, 8 денара е“, вели Иљо Огненовски, земјоделец од село Могила.

Тие неколку пати досега излегоа и на протести. Најкритично годинава беше за лозарите кои имаа катастрофално ниски откупни цени.

„Не можеме повеќе да издржиме. 8 денари беше смедеревката, 10 беше вранецот. Како да преживееме“, вели Златко Стојчев, претседател на Регионалното здружение на лозаро овоштари од Тиквешко.

Влада: со ребалансот повеќе пари за земјоделците

Надлежните пак велат дека субвенциите се исплаќаат навреме и дека државата помага секогаш кога има потреба за тоа. Со ребалансот на буџетот ќе имало повеќе пари за земјоделците.

„Во изминатиот период ние од тие дополнителни мерки исплативме за овоштарите односно за лозарите. Исто така се исплати и за предадено јаболко во преработувачки капацитети. Денеска на 1.130 оризопроизводители им легнаа 4.4 милиони денари како дополнителна помош“ изјави Николче Бабовски, директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Топлото време – дополнителен удар за земјоделците

Лошите временски услови ќе бидат дополнителен удар за земјоделците кои и до сега се жалеа на состојбите во секторот. Есенската сеидба не може да почне поради сувата и дехидрирана почва.

„Колку повеќе се пролонгира сеидбата толку помалку подготвени ќе влезат житата во зима. Ако зимата е со многу ниски температури, може да направи проблем. Добро ќе биде ако е блага“ вели агрометеорологот Ангелко Ангелески.

Роковите за сеење се веќе пробиени – маслодајната репа требаше да биде завршена во септември, јачменот на почетокот а пченицата на средината на октомври. Досега се насеани едвај 10% од планираното.

Дел од земјоделците велат дека состојбата е алармантна – најавените врнежи за наредната недела ќе променат многу малку зашто веќе со месеци владее сериозна суша.

„Есенската сеидба требаше да почне на Крстовден и да заврши на 26 октомври, Петковден. Во вакви услови есенските култури ќе никнат дури во март, а обично никнуваат во декември“ вели претседателот на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров. „Сеидбата доцни речиси кај сите есенски култури, а тоа е голем ризик за нивниот принос и квалитет и ќе треба повеќе ѓубре, семе, заштита… Количините пченица годинава ќе бидат многу помали во споредба со лани кога од есенската суша приносите беа преполовени. И цената е ниска. Оваа култура ќе ја снема од површините и во прилепскиот и во битолскиот дел од Пелагонија“ објаснува тој.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП