30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФеноменот лобирање и законските регулативи во Европа и светот

Феноменот лобирање и законските регулативи во Европа и светот

Пред 80 години во САД се регистрирани првите иницијативи за нормативно регулирање на феноменот лобирање. Тоа е времето кога во 13 американски држави се одвива процес на усогласување на законодавствата и кој завршува во 1946 година, кога се донесува првиот Закон за регулирање на лобирањето на федерално ниво, познатиот Federal Regulation of Lobbying Act, со што се зацврстува обврската на сите лица и организации што се занимаваат со лобирање, задолжително да се регистрираат во Конгресот.

Американската регулатива посветена на лобирањето е со долга историја во која се испреплетуваат разни искуства, состојби, проблеми, но и афери. Првото дополнување на Законот се случува половина век подоцна, во 1995 година, кога се донесува т.н. Акт за јавно или отворено лобирање, познат како Lobbying Disclosure Act, со кој се преоѓа во систем на висока регулација и со кој се востановува строга евиденција, регистрирање и задолжително поднесување извештаи на сите лобисти професионалци што сакаат да влијаат врз членови на извршната власт или Конгресот. За да не се случуваат зачестени афери и скандали предизвикани преку процеси на лобирање (најпозната афера во американската јавност е „Афера Абрамоф“ врзана со сенаторот Џек Абрамоф, осуден на шест години затвор поради давање мито на политичари), во 2007 година Конгресот донесува нов амандман со кој се забранува во рок од две години лобирање од поранешни сенатори и други функционери од извршната власт, како и една година забрана за лобирање по завршувањето на мандатот на членови на Претставничкиот дом или Сенатот, и вработени лица во Сенатот.

Во Европа, слично како и во САД, за лобирањето како дејност и професија нема ефикасна нормативна подлога. Мотивите за регулирање на феноменот лобирање не се поврзуваат со цел да се намали моќта за креативност, ниту моќта на лобирањето како алатка за влијание врз институциите на различни нивоа. Напротив, потребата за регулирање на лобирањето како активност, професија или дејност е мотивирана од намерата на секоја држава, лобирањето да биде во согласност со релевантните закони и да придонесе во борбата против корупцијата. Во таа смисла, лобирањето регулирано со закон треба да претставува демократски исчекор, но и силен антикорупциски инструмент со кој ќе се обезбеди поголема транспарентност во работата на државните институции.

Статистички, мал е бројот на национални парламенти во Европа што донеле закон за лобирање, а некои донесениот закон, со закон го укинале. Интересен е фактот дека со регулатива за лобирање доминираат државите од Балканот, односно Северна Македонија како прва држава со законско решение од 2008 година, потоа Словенија од 2010 година, Црна Гора донесува закон во 2012 и Србија, чиј Закон за лобирање стапи во сила на 14 август 2019 година, додека законското решение за процесите на лобирање и заговарање интереси во Република Хрватска подолго време е во фиоките на хрватскиот Парламент. Според анализите врзани за соседните Бугарија и Грција, во тие држави нема индиции за брзо ставање на лобирањето во законски рамки затоа што во Бугарија првите иницијативи од 2002 година се „сечени“ во корен, а во Грција концептот на лобирање не е препознатлив за тамошното право.

Заеднички „законски“ именител

Македонскиот Закон за лобирање беше воден од желбата за зголемување на степенот на јавност при лобирање и со цел да не се врши „тајно“ лобирање со што оваа дејност која, според тогашното водство на Министерството за правда, се вршела без одредена законска рамка, би била отворена и легално практикувана од правни и физички лица. Законот за лобирање се донесува на две собраниски седници (првата со бојкот на тогашната опозиција), со прегласување и стапување во сила по автоматизам. Во актуелниот Закон за лобирање, во членот 8 јасно и недвосмислено се нагласува дека избраните и именуваните лица, кои професионално вршат функции утврдени со закон во законодавната, извршната и локалната власт, не смеат да вршат лобирање додека им трае мандатот и исто така не можат да вршат лобирање и по завршувањето на нивната функција, сè додека примаат плата во согласност со Законот. Во членот 9 од Законот се нагласува дека одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа формирани од законодавната, извршната или локалната власт и одговорно лице во организација со јавни овластувања не може да врши лобирање додека им трае мандатот, и исто така вработените лица во органите на законодавната, извршната и локалната власт не можат да вршат лобирање додека се вработени во тие органи.

Заедничкиот „законски“ именител се повторува и во законите за лобирање во балканските држави, па така во Словенја со лобирање може да се занимаваат само регистрирани лобисти, во Црна Гора е забрането со лобирање да се занимаваат јавни функционери и со нив поврзани лица, а строго се казнува предизвикување штетни последици по јавниот интерес на државата. Во Србија во законот, кој пред повеќе од еден месец оваа година стапи во сила, во членот 12 од законот јасно е посочено дека избрани, именувани или лица кои работат во органите на власта или се ангажирани од власта не може да лобираат, додека во Хрватска со предложеното решение актуелните и поранешни државни функционери, исто така, не смеат да се занимаваат со професионално лобирање. Патем, во сите законски решенија се нагласува јасната забрана, но никаде не е појаснета ниту направена дистинкција на комерцијалното со лобирање за општи цели. Или, со други зборови, недефиниран е процесот на лобирање за лични цели, ниту користење лобирачки вештини во функција на заедницата. Дотогаш и понатаму, зборот „лобирам“ најчесто ќе го изустуваат токму политичарите!

Според препораката на ГРЕКО до македонските власти, посочена во извештајот за евалуација „Спречување корупција и промоција на интегритетот кај највисоките извршни функции и органи за спроведување на законот“, потребна е промена на македонскиот Закон за лобирање и треба да се воведат правила со кои се уредува интеракцијата на лицата на кои им се доверени највисоките извршни функции со лобистите и трети лица кои сакаат да влијаат на процесот на јавно донесување одлуки. Препораката значително се отежнува или забавува со дополнителниот податок дека во Северна Македонија нема регистрирани лобисти професионалци ниту, пак, професијата лобист постои како професија во националната класификација на дејности и занимања. Во таква ситуација, лобирањето се третира како вештина или интелектуална способност, а тоа, освен што е недозволиво и незаконито, туку и потенцијална опасност за импровизации, нетранспрантност и, секако, простор за нови афери. За жал, во овој период од 2008 година до денес, освен што не се донесени подзаконските акти, не се преземани проактивни чекори ниту од Државната комисија за спречување на корупцијата – ДКСК, која шаблонски во своите извештаи редовно констатира дека Законот не е заживеан, недоволно се применува, поимот лобирање не е доволно познат и има широка сива зона на нелегално лобирање за остварување интерес на одредени групи. Обид за пополнување и заштита од нормативната празнина во земјава е направен со неодамна донесениот Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од Владата во кој е нагласен посебен дел за односи со лобисти и во кој се посочува дека носителите на извршни функции при контакти со лобисти и лоби-организации кога се цел на лобирање треба да внимаваат да не се стават во состојба на судир на интереси, да изработат записник што содржи информација за предметот на дискусијата и идентитетот на лицата кои биле присутни, да објавуваат копија од записникот на веб-страницата на институцијата со која раководат и да објавуваат информации за средби со лобисти.

Дали избраните и именуваните функционери ќе успеат да ја сочуваат и да не ја злоупотребуваат својата привилегија на брзи и слободни информации ќе покаже времето, но едно е сигурно, Законот за лобирање во Северна Македонија мора да се детоксифицира, да биде имун и ефикасен, затоа што само така се придонесува за лобирање со интегритет.

Марјан Танушевски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП