20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРебаланс на буџетот: социјала на максимум, развој на минимум

Ребаланс на буџетот: социјала на максимум, развој на минимум

Сѐ повеќе социјален, сѐ помалку развоен. Ребалансот на буџетот помина на владина седница и чека одобрување и од пратениците. Со него се предвидени помалку пари за инфраструктура а повеќе за плати и субвенции.

Што предвидува ребалансот?

Со ребалансот Владата направи нагорна корекција за економскиот раст, од 3.2 на 3.5%.

Вкупните расходи се проектирани на 3 милијарди и 712 милиони евра што е за 4 милиони евра помалку од оригиналниот план за годинава.

Вкупните приходи сега се поставени на 3 милијарди и 423 милиони евра што е за 5 милиони евра помалку од предвиденото со првичниот буџет.

Со ова буџетскиот дефицит останува ист – 2.5% од БДП односно 287.8 милиони евра.

Големите разлики доаѓаат во структурата на трошоците. Со ребалансот капиталните инвестиции односно парите наменети за инфраструктура се кратат за 50 милиони евра односно од 420 на 370 милиони. Ова не е изненадување ако се земе предвид дека нивната реализација беше катастрофална – во првите седум месеци од годинава биле потрошени само 24.5% од парите планирани за цела година.

Сега се крати речиси на сите ставки од капиталните расходи. Најголемо кратење има во делот на железницата, а се одлага и реализацијата на неколку проекти во образованието, водоснабдувачките системи, справувањето со отпадните води, коридорот 10, руралниот развој. Помалку пари има и за градба на училишта, факултети како и за болниците во Кичево и Штип.

Од друга страна предвидени се повеќе пари за социјални трансфери и субвенции.

Обезбедени се пари за новиот проект за субвенционирање на придонеси за покачување на платите на вработените за 6000 ден.

И за активните политики и мерки за вработување има повеќе планирани пари.

Обезбедени се дополнителни средства како директна поддршка во земјоделството.

Со ребалансот се предвидени и средства за проектот Мој ДДВ кој започна во јуни годинава, со кој 15% од платеното ДДВ се враќа на граѓаните.

Средства се предвидени и за владината намера целосно да ги откупи акциите од Макпетрол во гасоводниот систем ГАМА, со што таа би станала стоотстотен сопственик, за што уште се водат преговори.

Влада: останува развојната компонента

И покрај ваквите кратења во инфраструктурните проекти од Владата велат дека останала развојната компонента на буџетот.

„Развојната компонента на Буџетот е нагласена и со овој ребаланс“ изјави премиерот при презентацијата на ребалансот. „Со ребалансот ќе следува распределбата на уште повеќе пари кај граѓаните, директно вложување во потребите и потенцијалите на луѓето и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање на нови работни места и исплати на повисоки плати во приватниот сектор и за севкупните работници во нашата земја“ додаде Зоран Заев.

Ребалансот на буџетот беше промовиран на вториот работен ден за новата министерка за финансии Нина Ангеловска која немаше многу време да го разгледа или да интервенира во него но даде поддршка за новата пресметка.

„Преку спроведување на вистински фискални политики преку  Буџетот, Владата има за цел да понуди подобри услуги кон граѓаните, да го поддржи стопанството и економскиот раст што сето ќе резултира со повисок животен стандард и подобар живот за граѓаните“ изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.

Опозиција: продлабочување наместо решавање на проблемите

Од друга страна во опозицијата сметаат дека ребалансот наместо да ги решава ги продлабочува проблемите во стопанството.

„Касата се полни, но парите не се трошат за развој и не се трошат за капитални инвестиции. Не дека не знаат, тоа е точно дека не знаат како се води проект менаџер, туку парите коишто вие граѓаните и компаниите ги плаќаат и го полнат буџетот се трошат за погрешните и популистички политики на оваа влада којашто го приватизираше вашиот државен буџет“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Бизнисмени и експерти: мора да се вложува во инфраструктурата

Бизнисмените порачуваат дека за долгорочен и одржлив раст капиталните инвестиции мора да бидат и да останат приоритет но за жал секогаш најмногу се крати токму оттаму.

„Капиталните инвестиции се значаен сегмент за развојот на економијата, особено оние предвидени за градба во делот на инфраструктурата, бидејќи го олеснуваат протокот на стоки и поврзаноста во и вон границите на Македонија и истите потребно е да бидат приоритет во сите идни планирања“ изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.

Дел од експертите уште погласни и подиректни – нам не ни треба Дедо Мраз да ни дели субвенции, смета првиот човек на Центарот за економски анализи Марјан Николов.

„ Ве молам, не пумпајте го буџетот за да потоа вие ни делите пари. Нам не ни требаат Дедо Мразовци. Поефикасно е да секоја фирма и семејство сами си одлучат за потрошувачка или штедење на сопствениот расположив доход. Вам ви е оставена наједноставната работа. Направете амбиент“ вели Николов.

„Со поткуп на младите преку разни субвенции и трансфери нема да ги задржите туку со градење на амбиент за исполнување на сопствени идеи без ваша интервенција во трансцедентен занес дека треба да бидеме понизно благодарни за она што од наши пари ќе ни го трансферирате“ објаснува тој.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП