24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИндустрија: зголемување на производството, намалување на вработеноста?

Индустрија: зголемување на производството, намалување на вработеноста?

Најновите статистички податоци покажуваат пад на бројот на работници во индустријата и раст на индустриското производство. Дали овие на прв поглед контрадикторни податоци значат подобрување на продуктивноста?

Пад на бројот на работници во индустријата

Бројот на работници во индустријата е намален за 2.5% за една година. Пад има во речиси сите сектори во јули 2019-та во однос на истиот месец од 2018-та.

Намалување од 1.2% кај секторот енергија. Од 2.8% кај интермедијарни производи, од 4..3% кај  трајни производи, од 5.6% кај нетрајни производи, од 2.1% кај рударство и вадење камен, од 2.6% кај преработувачка индустрија, 0.3% кај снабдување со електрична енергија, пареа и гас.

Единствено зголемување на бројот на работници има во секторот капитални производи и тоа за 6.3%.

Раст на индустриското производство

И додека Државната статистика мери намалување на бројот на работници во индустријата истовремено бележи и раст на индустриското производство и тоа за 5.8%.

Најголем раст од фантастични 53.9% има кај секторот енергија, потоа од дури 51.8% кај снабдување со електрична енергија, пареа и гас, од 12.5% кај капитални производи, од 16.9% кај трајни производи, од 15.7% кај рударство и вадење камен.

Производството кај преработувачката индустрија е непроменето, а кај секторот нетрајни производи има пад од 5.2%.

Минатиот месец имаше пад на индустриското производство од 2.7%, прв пат по едно годишен раст кој во мај изнесуваше 1.2%, во април 5.5%, во март 7.5%, во февруари 7.3%, во јануари 12.0%, во декември 7.9%, во ноември 4.9%, во октомври 6.4%, во септември 4.5%, во август 2.1%, во јули 8.4%, во јуни 12.1%.

Контрадикторни податоци

Намалениот број на работници а зголеменото производство би значело дека македонските компании успеала да ја зголемат својата продуктивност односно дека еден работник почнал да создава поголема додадена вредност, но дали е така?

„Овие податоци не се доволни за да извлечеме таков заклучок, треба да се почекаат конкретните бројки и за продуктивноста“ вели Никола Божиновски, економист. „Растот и не е толку охрабрувачки ако се земе предвид дека во него најмногу учествуваат енергетските сектори чие производство варира и во однос на хидролошките услови. Кај капиталните производи има раст и на бројот на вработени и на производството“ смета тој.

И долгорочните трендови на секторот покажуваат до некаде контрадикторни тенденции – во периодот од почетокот на 2013-та до крајот на 2015-та опаднал бројот на активни компании, се намалила потрошувачката на енергија, а се зголемил бројот на вработени како и обемот на производство.

Според последната публикација на ДЗС во 2013-та во секторот имало вкупно 8.214 деловни субјекти, во 2014-та 8.006, а во 2015-та 7.972.

Лани во секторот преработувачка индустрија биле основани 675 компании а биле затворени 652.

Анализите на статистичарите покажуваат и дека од година во година индустријата користи се помалку енергија. Во 2012-та вкупната финална потрошувачка била 580.214.000 toe, а во 2014-та 515.193.000 toe.

Потрошувачката на електрична енергија е речиси непроменета, на јаглен и на нафта постојано опаѓа, а на природен гас и на биомаса има благ пораст.

Низа проблеми за индустриските капацитети

Mенаџерите се жалат на повеќе проблеми – од слабата продуктивност на работниците до застарената технологија и притисокот што го прави зголемената минимална плата.

„Нашите работници се помалку продуктивни од нивните колеги во регионот. Еве со прост пример – во Бугарија или во Грција за 8 часа еден работник шие 15 до 16 кошули а кај нас едвај 7 до 8“ вели сопственик на текстилен погон од источниот дел на државава.

Бизнисмените велат дека ниската продуктивност е комбинација на повеќе фактори – застарена технологија, ниски квалификации но и самиот менталитет на луѓето.

„Не секогаш е проблемот кај работниците. Ние треба да им обезбедиме полуавтоматски машини со кои драстично би се забрзала работата, но тоа чини сериозни пари кои во моментов ги немаме“ објаснува сопственикот на погон од истокот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП