8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: сите македонски министри за финансии – кој сè досега ги чуваше...

Анализа: сите македонски министри за финансии – кој сè досега ги чуваше државните пари?

Премиерот ја предлага основачката на Grouper, Нина Ангеловска, за министерка за финансии. Таа има 30 години, но сепак не е најмладиот кој би седнал во оваа фотелја. Таа титула ја има Никола Груевски кој со секторот почна да раководи кога беше една година помлад од неа.

Која е Нина Ангеловска?

Во 2011 година, на 21 годишна возраст Ангеловска победи на натпревар за најиновативен бизнис план и неколку месеци подоцна го лансираше Grouper, првиот сервис за групно купување во Македонија кога само 1% од Македонците купувале онлајн. Grouper денес има повеќе од 2500 соработници и над 170.000 регистрирани корисници.

Нина е доктор на науки по менаџмент, говорник на многу настани, предавач, тренер и консултант во полето на маркетинг и е-трговија.

Во 2010-та  дипломирала на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје како студент на генерација.

Во 2016 година Ангеловска беше препознаена како една од 100 жени основачи во Европа од страна на германскиот магазин TheHundert.

Таа е добитник на наградата Forbes under 30 и доктор на науки на УКИМ.

Ангеловска: понудата ја гледам како шанса да бидам предводник на промени

Откако премиерот најави дека ќе предложи за нов чувар на државната каса таа се огласи на социјалната мрежа Facebook.

„По речиси 10 години домашно и интернационално искуство и значителна меѓународна препознаеност на мојата напорна работа и придонес, чест ми е што моето знаење, потенцијал и ентузијазам за промени, се препознаени да бидат ставени во функција на прогресот на нашата држава. А честа е уште поголема затоа што основaта е целосно непартиска. Понудата ја гледам како шанса, да бидам предводник на промени во земјата во која ја планирам и својата иднина“ пишува Ангеловска на Facebook.

Кој беше во игра за наследник на Тевдовски?

Во игра за министер за финансии беа спомнувани Татјана Штерјова од Стопанската комора и гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска. Но и двете ги отфлија ваквите тврдења.

„Во врска со споменувањето на моето име во медиумските објави поврзани со функцијата министер за финансии, Ве известувам дека информациите не се точни. Како гувернерка на Народната банка, секојдневно, во целост сум посветена на професионалните предизвици во централнобанкарската сфера“ рече Ангеловска – Бежоска.

Позицијата празна веќе два месеца

Фотелјата во министерството е празна веќе два месеци односно откако премиерот Зоран Заев во таканаречената „операција метла“ го разреши професорот Драган Тевдовски.

Првиот човек на Владата сакаше сам да раководи со финансиите, но Антикорупциската комисија укажа дека функциите се неспоиви.

„Уставот и Законот за Влада дозволуваат премиерот да е и министер, но кога е отворена дилемата и дебатата во јавноста треба да ги слушаме Државната комисија за спречување корупција и опозицијата и експертите во јавноста“ изјави тогаш Заев.

Во меѓувреме работите ги извршуваше заменичката министер Ширет Елези, но како што во неколку наврати изјави премиерот тој де факто раководи со секторот.

Кој сè досега седеше во фотелјата во Финансии?

Најдолго на функцијата министер за финансии беше Зоран Ставрески кој во фотелјата седеше од јули 2009-та до јуни 2016-та или вкупно 2.534 дена.

Втор по должина на мандатот е неговиот претходник, Трајко Славески, кој со секторот раководеше од август 2006-та до јули 2009-та или вкупно 1.049 дена.

Никола Груевски со Финансии раководеше 1.040 дена односно од декември 1999-та до ноември 2002-та.

Никола Поповски беше министер од ноември 2003-та до август 2006-та или вкупно 1.040 дена.

Таки Фити во оваа фотелја седеше 1.009 дена односно од февруари 1996-та до ноември 1998-ма.

Џевдет Хајредини бил министер 837 дена или од септември 1992-та до декември 1994-та.

Драган Тевдовски на чело на оваа институција беше 756 дена или од јуни 2017-та до јуни 2019-та.

Методија Тошевски кој бил првиот министер за финансии во независна Македонија како дел од експертската Влада на функцијата бил 534 дена односно од март 1991-та до септември 1992-та.

Јане Миљоски функцијата ја извршувал вкупно 430 дена односно од декември 1994-та до февруари 1996-та.

Борис Стојменов во оваа институција бил 394 дена односно од ноември 1998-та до декември 1999-та.

Петар Гошев функцијата ја извршувал 372 дена односно од ноември 2002-та до ноември 2003-та.

Кирил Миноски најкратко раководел со оваа институција, 351 ден и тоа од јуни 2016-та до јуни 2017-та.

Мисија и визија на Министерството за финансии

Министерството за финансии раководи со сите државни пари, тоа е институција која го креира и предлага буџетот односно одредува кој ќе добие колкав дел од колачот.

На интернет сајтот на Министерството за финансии пишува дека нивната мисија е преку успешно управување со јавните финансии да се постигне повисок економски раст и подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, а дека визијата е со реализација на прогресивни идеи од својот домен да придонесе за зајакнување на функционалната пазарна економија која се темели на знаење, иновации и одржлив развој.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП