29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРекордни цени на пиперките – ајварот станува луксуз

Рекордни цени на пиперките – ајварот станува луксуз

Тегла домашен ајвар годинава ќе чини барем десет денари повеќе од лани. Ова го покажуваат пресметките на денар.мк според актуелните цени на пиперката. Земјоделците велат дека не очекуваат поевтинување во екот на сезоната која почнува од септември.

Откупната цена достигна 29 денари

Откупната цена на пиперките во моментот изнесува 29 денари. За ова информираше премиерот Зоран Заев кој на својот Facebook профил напиша дека ова значи повеќе пари за земјоделците и повеќе пари за сите.

„За 93% е зголемена откупната цена на пиперката, од 15 денари во јули 2015-та година на 29 денари за килограм оваа година. Земјоделците и производството на храна се наш приоритет! Ги зголемуваме приходите кај земјоделците со растот на откупната цена на земјоделските производи“ напиша премиерот на социјалната мрежа.

Сепак, поскапите пиперки можеби се добра вест за земјоделците, но не и за сите граѓани, особено не за оние кои прават зимница.

Градинарите очекуваат високи цени

Производителите на пиперки очекуваат високите цени да останат. Годинава во струмичко се очекува да се наберат 20 до 25 илјади тони ајварка, а од цела Македонија околу 45 до 50 илјади тони.

„Родот е со доста добар квалитет, подобар и од лани. Невремето кое го зафати овој крај во јуни за среќа не предизвика големи штети по пиперките“ вели производител од струмичко.

Земјоделците велат дека оваа цена на пиперката е логична со оглед на големите трошоци за производство и дека пазарот е оној кој утврдува колку ќе чини килограм.

„30 денари можеби е многу за купувачите, но за нас продавачите е и малку. Поскапа е нафтата, поскапо е се. Трудот веќе никој не ни го цени“ вели производител од струмичко.

Тегла домашен ајвар чини околу 80 денари, 10 денари повеќе од лани

И покрај поскапите пиперки домашниот ајвар секако останува најевтината варијанта, ако не се земе предвид работната рака односно вложениот труд.

Пресметките на денар.мк покажуваат дека една тегла годинава ќе чини 80 денари. До оваа сума се доаѓа кога се ќе собере.

Ако килограм пиперки чини 30 денари, а дозата е 50 килограми; само за главната состојка се потребни 1.500 денари. На оваа количина пиперки се потребни околу 20 модри патлиџани кои би чинеле 200 денари. За зејтин треба да се одвојат околу 350 денари колку што чинат 5 литри. Оттука вкупните трошоци надминуваат 2.000 денари. Од 50 килограми пиперки во просек се добиваат околу 25 тегли ајвар, што значи дека една тегла ќе ве чини 80 денари.

Според ланските цени на пиперката пресметката покажуваше дека тогаш тегла ајвар чинела 70 денари.

Традицијата на правење ајвар полека изумира

Иако домашниот е поевтин од купечкиот, традицијата на правење ајвар полека се напушта. Се помалку домаќинки се нафаќаат на мачната процедура – печење, лупење, мелење, пржење на пиперките. Најголем дел од семејствата веќе почнаа да купуваат готов ајвар.

Индустрискиот ајвар последниве години има многу подобар вкус од порано. Но, паралелно со подобрувањето на рецептот растеа и цените. Тегла во маркетите сега се продава од 130 па и над 300 денари. Има и поевтин, но тој навистина не се мери со домашниот.

Токму „домашниот вкус“ е главниот адут и на оние кои заработуваат од правење зимница. Ја прават сами, а потоа ја продаваат или со директни препораки или преку интернет огласите. Цените за ваков домашен ајвар се движат од 220 па и до 350 денари.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП