МАКЕДОНИЈА

Македонците со најниски плати во поранешна Југославија, Словенците заработуваат повеќе од двојно

Две просечни македонски плати не се доволни за да се достигне една словенечка. Македонските работници месечно заработуваат околу 800 евра, Словенците речиси 1.700 евра, а Хрватите повеќе од 1.500 евра. Прагот од 1.000 евра го достигнаа и Србија и Црна Гора, а дури и Босна и Херцеговина има повисока просечна заработувачка од Македонија.

Најновите податоци на статистичките институции во државите од поранешна Југославија покажуваат дека Македонија и натаму се наоѓа на дното на регионалната листа според висината на просечната нето-плата.

Според Државниот завод за статистика, просечната месечна нето-плата во Македонија во септември годинава изнесувала 49.141 денар, односно околу 799 евра. Во споредба со истиот месец минатата година, таа е повисока за 8,1 отсто.

Најголем годишен раст на платите е регистриран во дејностите поврзани со снабдување со вода и управување со отпад, административните и помошните услужни дејности и трговијата.

И покрај зголемувањето, македонската просечна плата сè уште е далеку од регионалниот врв.

Словенците заработуваат по 104.500 денари месечно

Највисока просечна нето-плата има Словенија, каде што во септември вработените во правни лица добиле во просек по 1.698,84 евра, односно околу 104.500 денари.

На второто место е Хрватска, каде што според податоците објавени на 23 ноември, просечната септемвриска нето-плата изнесувала 1.543 евра, или околу 95.000 денари.

Во однос на истиот месец минатата година, хрватските плати номинално пораснале за 6 отсто, но реалниот раст, кога ќе се пресмета инфлацијата, изнесувал само 1,2 отсто.

Црна Гора е на третото место со просечна нето-плата од 1.043 евра во септември, додека во Србија, според последните достапни податоци за август, просечната заработувачка изнесувала 117.282 динари, односно околу 1.000 евра.

Пред Македонија е и Босна и Херцеговина, каде што просечната септемвриска нето-плата достигнала 1.733 конвертибилни марки, односно околу 886 евра.

Во споредба со истиот месец лани, платите во Босна и Херцеговина пораснале за 9,3 отсто, додека во Србија во август е забележан годишен номинален раст од 11,1 отсто.

Македонскиот работник, според последните достапни бројки, месечно заработува околу 5.350 денари помалку од босанскиот, 12.400 денари помалку од српскиот и околу 15.000 денари помалку од црногорскиот работник.

Просечната плата не е плата на просечниот работник

При споредбата на заработувачката, економистите прават разлика меѓу просечната и медијалната плата. Втората покажува колку заработуваат работниците што се наоѓаат на средината на скалата на примања.

Добар пример за тоа е Србија. Иако просечната плата таму изнесува околу 1.000 евра, половина од вработените заработуваат најмногу 795 евра.

„Медијалната нето-плата за август 2026 година изнесуваше 93.325 динари“, соопшти српскиот Завод за статистика.

Големи разлики во заработувачката има и меѓу различните професии. Во Хрватска, на пример, вработените во воздушниот транспорт во септември заработувале во просек по 2.431 евро, додека оние во производството на облека добивале по 1.004 евра.

Во Словенија, пак, просечната плата во угостителството и сместувачките капацитети изнесувала околу 1.279 евра.

На македонско семејство му требаат речиси 71.000 денари месечно

Висината на платата, сепак, не е единствениот показател за животниот стандард. За да се направи целосна споредба меѓу државите, потребно е да се земат предвид и цените на храната, кириите, сметките за струја, превозот и останатите трошоци.

Според најновите пресметки на Сојузот на синдикатите на Македонија, за покривање на минималните месечни потреби на едно четиричлено семејство во ноември се потребни 70.827 денари.

„Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец ноември 2026 година изнесува 70.827 денари“, соопштија од ССМ.

Во однос на октомври, кошницата поскапела за 469 денари.

На семејство што располага со само една просечна македонска плата му недостигаат 21.686 денари за да ги покрие овие трошоци.

За македонската просечна заработувачка да го достигне сегашниот просек во Црна Гора, би требало да се зголеми за околу 30 отсто. За да се израмни со хрватската, потребно е зголемување од околу 93 отсто, а за да ја достигне словенечката, би требало да порасне за повеќе од 112 отсто.

И тоа под услов платите во овие земји во меѓувреме да не пораснат.

Б.З.М.