МАКЕДОНИЈА

Речиси половина од македонската економија се врти во Скопје

Македонската економија продолжува да се развива со длабока регионална нееднаквост. Скопскиот Регион сам создава речиси половина од вкупното богатство во државата, додека Североисточниот Регион останува на самото економско дно со удел помал од пет проценти, покажуваат најновите претходни податоци за 2025 година што денеска ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според официјалната статистика, во текот на минатата 2025 година, Скопскиот Регион учествувал со дури 47,1 отсто во вкупниот бруто-домашен производ (БДП) на Република Македонија. На спротивниот крај од табелата се наоѓа Североисточниот Регион, чиј придонес во националниот БДП изнесува скромни 4,4 отсто – разлика од повеќе од десет пати меѓу најразвиениот и најмалку развиениот регион во земјата.

Само два региона над просекот, останатите шест заостануваат

Економската централизација уште појасно се отсликува кога економската активност ќе се измери по жител.

Податоците на ДЗС откриваат дека единствено два од вкупно осумте плански региони успеале да надминат републичкиот просек на БДП по жител во 2025 година:

-Скопскиот Регион е убедливо на врвот со индекс од 140,9 (односно за над 40 отсто повисок БДП по жител од националниот просек).

-Југоисточниот Регион, кој е единствениот друг регион над просечната линија со индекс од 103,1.

Сите останати шест региони во државата имаат бруто-домашен производ по жител под просекот на Македонија, што повторно го отвора прашањето за ефективноста на политиките за рамномерен регионален развој.

Слична е сликата и кај капиталните вложувања. Во 2025 година, 45,2 отсто од сите бруто-инвестиции во основни средства во државата завршиле во Скопскиот Регион, потврдувајќи дека главниот град останува главен магнет за бизнисот и инфраструктурните зафати.

Сепак, кога се анализира динамиката на растот во однос на 2024 година, позитивните поместувања доаѓаат од внатрешноста на земјата:

-Југозападниот Регион остварил највисока стапка на економски раст, зголемувајќи го својот БДП за 11,0 отсто на годишно ниво.

-Полошкиот Регион е апсолутен рекордер кај динамиката на вложувањата, со скок на бруто-инвестициите во основни средства од дури 39,9 отсто во споредба со претходната година.

Овие бројки покажуваат дека иако помалите региони забрзано инвестираат и растат, огромниот јаз со Скопје сè уште ја држи македонската економија силно концентрирана во еден центар.