Граѓаните од денеска до 9 јули во експозитурите на НЛБ Тутунска банка ќе може да се информираат за предностите и за нивните права и обврски произлезени од пензиската реформа во Задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб).
Ова го овозможува едукативната кампања „Отворени денови на НЛБ Нов пензиски фонд“ што почна да се реализира од денеска низ Македонија.
Давор Вукадиновиќ, претседател на Управен одбор на НЛБ Нов пензиски фонд на денешната средба со медиумите информира дека задолжителните пензиски фондови имаат над 330 илјади членови и средства во висина од над 23 милијарди денари или 380 милиони евра, што претставува 5 отсто од БДП.
– Доброволните пензиски фондови денес имаат повеќе од 17 илјади членови и управуваат со средства во висина од 230 милиони денари, рече Вукадиновиќ.
И покрај тоа што, како што рече, првата уплата на придонеси во Задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување во Македонија се случи пред 7,5 години, има потреба од дополнителна едукација на населението за ефектите на пензиската реформа, како и за правата на сите вработени, што ги нуди оваа реформа.
– Нашите очекувања се дека преку оваа едукативна кампања ќе успееме да ја зголемиме свесноста на населението за пензиската реформа и за сите предности што ги нуди, рече Вукадиновиќ.