Парите стојат на сметка, каматата од обичното штедење често е скромна, а цените во продавниците не мируваат. За граѓаните што успеале да заштедат некој денар, повторно се отвора прашањето дали парите да останат во банка или да се вложат на друго место. Една од можностите се државните обврзници, преку кои граѓаните практично ѝ позајмуваат пари на државата, а за возврат добиваат однапред утврдена камата.
Министерството за финансии на во средата го објави проспектот за четвртата емисија граѓански обврзници, со годишна каматна стапка од 4,6 отсто и рок на достасување од две години. Заинтересираните граѓани можат да ги запишат обврзниците преку деловните банки најдоцна до 1 декември, додека аукцијата е закажана за 3 декември 2026 година.
Најмалата сума што може да се вложи изнесува 10.000 денари, колку што е номиналната вредност на една обврзница. Државата со проспектот предвидела емисија во износ од 100 милиони денари, односно приближно 1,6 милиони евра.
Но, што значи ова за обичниот граѓанин и колку пари навистина може да заработи?
Ако некој одлучи да вложи 100.000 денари, годишната камата од 4,6 отсто ќе му донесе 4.600 денари. За две години, вкупниот каматен приход ќе изнесува 9.200 денари. Со враќањето на почетно вложените пари, граѓанинот вкупно ќе добие 109.200 денари, од кои 9.200 денари се заработка од камата.
За граѓанин што има заштедено 50.000 денари, заработката за две години би изнесувала 4.600 денари. Ако вложи 300.000 денари, каматата ќе достигне 27.600 денари, а за половина милион денари вкупниот приход од камата би бил 46.000 денари.
Каматата се исплаќа годишно, додека главницата се враќа по истекот на рокот. Тоа значи дека граѓаните не мора да чекаат до последниот ден за да го добијат целиот каматен приход.
Новата понуда е нешто поповолна од претходната, трета емисија граѓански обврзници, која беше реализирана во декември 2025 година. Тогаш државата понуди годишна камата од 4,5 отсто, исто така со рок на достасување од две години.
Разликата на прв поглед е мала, само 0,1 процентен поен. За вложени 100.000 денари, тоа значи дополнителни 100 денари годишно, односно 200 денари повеќе за две години.
Интересот за ваквиот начин на вложување не е нов. Првата емисија граѓански обврзници беше реализирана во јули 2023 година, во вредност од 23,5 милиони евра, а втората во ноември истата година, во износ од 17,6 милиони евра. Третата емисија, од декември 2025 година, достигна приближно 33 милиони евра.
Според Министерството за финансии, обврзниците од првата и втората емисија, заедно со каматата, веќе се исплатени во целост.
За разлика од класичното банкарско штедење, кај кое каматата зависи од банката, видот на депозитот и рокот на орочување, граѓанските обврзници имаат фиксна камата утврдена при нивното издавање. Граѓанинот однапред знае колкав приход треба да добие доколку ги задржи обврзниците до достасувањето и државата ги исполни своите обврски.
Сепак, повисоката камата не значи дека секој што има заштеда треба веднаш да ја вложи во обврзници.
Едно од најважните прашања е дали парите ќе му затребаат пред истекот на рокот. Обврзниците може да се продаваат и пред достасувањето, но нивната продажба зависи од интересот на купувачите и од пазарната цена. Ако граѓанинот мора предвреме да ги продаде, постои можност да добие помалку пари од вложените.
Вториот ризик е инфлацијата. Иако каматата од 4,6 отсто носи номинална заработка, вистинската вредност на парите ќе зависи од тоа колку ќе поскапат производите и услугите во наредните две години. Ако цените растат побрзо од приносот, заштедата може да изгуби дел од својата куповна моќ.
Треба да се има предвид и дека државните обврзници не се исто што и банкарски депозит. Тие не се опфатени со системот за осигурување на банкарските депозити, а иако се сметаат за релативно сигурен финансиски инструмент, постои ризик поврзан со способноста на државата навремено да ги исполни своите обврски.
За граѓаните што сакаат да учествуваат во новата емисија, постапката започнува во деловна банка. Таму се поднесува барање за запишување обврзници и се обезбедуваат средствата за вложување, согласно условите на банката. Пред уплатата треба да се проверат и евентуалните банкарски провизии и другите трошоци.
Новата емисија доаѓа во период кога секој дополнителен приход е добредојден за домашниот буџет. За некого 9.200 денари за две години можеби не се голема заработка, но за друг тоа се пари што инаку би останале на трансакциска сметка без значителен принос.
Сепак, пресметката е едно, а одлуката за вложување нешто друго. Пред да ги позајмат своите заштеди на државата, граѓаните треба да проценат дали можат да се откажат од тие пари во наредните две години и дали понудената камата им одговара повеќе од условите што ги нудат банките.
Б.З.М.