МАКЕДОНИЈА

Растат трошоците за живот: Синдикалната минимална кошница во ноември 70.827 денари

Граѓаните во земјава се соочуваат со нов бран на зголемување на месечните трошоци. Најновите пресметки на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) покажуваат дека вредноста на синдикалната минимална кошница за ноември 2026 година достигна 70.827 денари. Ова претставува раст од 469 денари во споредба со претходниот месец, кога за покривање на основните потреби беа неопходни 70.358 денари.

Дополнителен товар врз семејниот буџет имаат домаќинствата кои не поседуваат сопствен дом. Според синдикалните анализи, доколку во пресметките се вклучи и киријата за изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните минимални трошоци се искачуваат на дури 86.202 денари.

Структурата на трошоците покажува дека најголем дел од семејниот буџет и натаму се одлева за обезбедување на основната егзистенција. За храна и пијалаци, едно просечно домаќинство во ноември треба да издвои 25.902 денари. Покрај трошоците за исхрана, значаен удел во месечните трошоци имаат и редовните режиски сметки (за оние со сопствен стан) кои изнесуваат 6.379 денари, како и трошоците за превоз за кои се потребни 5.105 денари.

За комуникации на едно четиричлено семејство во февруари годинава му биле неопходни 3.677 денари, за рекреација и култура 6.592 денари, за образование 7.192 денари, за ресторани и хотели 4.291 денари, а за останати стоки и услуги 1.100 денари.

Ваквите бројки повторно го отвораат прашањето за куповната моќ на работниците и усогласувањето на платите со реалните трошоци за живот, особено во пресрет на зимскиот период кога трошоците за енергија традиционално растат.