27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонскиот челик жртва на американско – европските натегања

Македонскиот челик жртва на американско – европските натегања

Македонската челична индустрија веќе ги чувствува последиците од воведените извозни квоти кои се резултат на американско – европската трговска војна.

Арцелор Митал Скопје со нов газда

Арцелор Митал Скопје од 1 јули има нов сопственик – Либерти Хаус од Велика Британија. Скопските погони беа дел од пакетот на 5 единици кои групацијата Арцелор Митал ги продаде.

Во следните 100 дена треба да заврши процесот на трансформација и институционални промени за прилагодување кон новата сопственичка структура.

„Оваа фаза во историјата на нашата компанија отвара нова можност не само за продолжување на производството на челик и ширење кон други пазари, туку и за развој и модернизација на компанијата како и внес на нови искуства и видици“ велат од Арцелор Митал.

Либерти Хаус е меѓународна групација со седиште во Велика Британија, специјализирана за производство на челик и алуминиум, како и за важни трговски операции со суровини и рециклирање на метал. Либерти Хаус има свои капацитетине не само во Велика Британија туку и во САД и Австралија како и во многу други земји.

Арцелор Митал последните неколку години работи со загуба. Компанијата во првото полугодие прокнижила загуба од 3.8 милиони евра што е поголема во однос на лани кога минусот бил 1.6 милиони евра.

Во првите шест месеци од годинава приходите биле 54.6 милиони евра што претставува раст од 2% во однос на истиот период лани.

Намалени приход и профит на Макстил

Макстил Скопје остварил приходи од 42 милиони евра во првите шест месеци од годинава што е за околу 13% помалку во однос на истиот период лани.

Во првото полугодие профитот бил 19.674 евра и е за 33% помал во однос на минатата година.

„Се уште е присутна загриженоста заради количинските ограничувања на увозот на челичните  производи на пазарите на земјите членки на ЕУ, што може да претставува сериозен лимитирачки фактор заради можното исцрпување на глобалните квоти во последниот квартал, како и високата царинска заштита на американската администрација за увозот на челични производи“, се наведува во образложението на финансискиот извештај на Макстил објавено преку Македонската берза.

Американско – европската трговска војна удри врз македонскиот челик

Слабите економски резултати на челичарниците се поради американско – европската трговска војна.

Европската Унија како одговор на мерките на Доналд Трамп воведе квоти за увоз кои важат и за Македонија.

Од февруари годинава треба да се плаќа 25% царина за извозот кој ги надминува определените количини.

Алтернатива за овој пазар нема каде би се пренасочил пласманот на производите, но затворање на фабриките и отпуштања нема да има. Ќе работат со зголемени фиксни трошоци, намалена конкурентност на производот, но и неможност на договарања на долг рок.

Загубите годишно се проценуваат на 150 – 160 милиони евра.

Челикот е значајна извозна сировина

Учеството на оваа индустрија во БДП е 5.7%, а нејзиното учеството во нето извозот е 12 до 13%. Лани извозот надмина 800 милиони евра.

Челичната индустрија во моментов директно вработува околу 3 илјади луѓе.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП