21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: индустријата во негатива – долгорочен тренд или моментален пад

Анализа: индустријата во негатива – долгорочен тренд или моментален пад

По повеќе од една година Државниот завод за статистика за прв пат измери пад на индустриското производство, а голема негатива има преработувачката индустрија која е еден од најзначајните сектори од чии перформанси зависат вкупните економски активности. Компаниите и надлежните остануваат умерени оптимисти, а се најавуваат и мерки за поддршка.

Пад на индустриското производство

Индустриското производство се намалило за 2.7% за една година, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Во јуни 2019-та во однос на истиот месец од 2018-та има пад од 6.7% кај преработувачката индустрија, од 10.1% кај нетрајните производи за широка потрошувачка, од 3.1% кај капиталните производи, од 4.7% кај интермедијарните производи. Од друга страна раст оствариле секторите енергија за 29.9%, рударство и вадење камен за 5.2% и трајни производи за широка потрошувачка за 2.6%.

Најдраматичен пад има кај производството на метали и фабрикувани метали од 30.6% односно од 58.7%. Во голема негатива се и секторите производство на кожа и кожни производи од 34% и преработка на дрво и производи од дрво од 25.2%.

Падот на индустриското производство доаѓа по повеќе од едногодишен континуиран раст кој во мај изнесуваше 1.2%, во април 5.5%, во март 7.5%, во февруари 7.3%, во јануари 12.0%, во декември 7.9%, во ноември 4.9%, во октомври 6.4%, во септември 4.5%, во август 2.1%, во јули 8.4%, во јуни 12.1%.

Значајна негатива кај преработувачката индустрија

Кај преработувачката индустрија која е најзначаен сектор е измерен вкупен пад од 6.7%, а намалување има кај речиси сите потсектори.

„Намалувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: производство на прехранбени производи, производство на пијалаци, производство на тутунски производи, производство на облека, производство на кожа и слични производи од кожа, производство на метали, производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и производство на компјутерски, електронски и оптички производи“ се наведува во соопштението од Државниот завод за статистика.

Според официјалните статистики преработувачката индустрија учествува со 12.2% од вкупните економски активности односно од БДП (2016 година), вработува 19% од работната сила, учествува со 10% во бројот на активни компании, а најголем дел од извозот или 87% се создава кај компаниите од индустријата.

Речиси 40% од вкупните странски инвестиции во државата се во преработувачка индустрија, од кои 75% се концентрирани во три сектори и тоа: транспорт и опрема, основни и преработени материјали и преработка на храна.

Намален и бројот на работници

Негативниот тренд се одразува и на бројот на вработени во индустријата кој во мај 2019-та бил помал за 2.5% во однос на истиот месец од 2018-та.

За една година бројот на работници кај секторот рударство и вадење камен е намален за 1.0%, кај преработувачката индустрија за 2.7%, кај енергија за 1.2%, кај интермедијарни производи за 1.4%, кај трајни производи за широка потрошувачка за 5.8%, кај нетрајни производи за широка потрошувачка за 5.0%.

Зголемување на бројот на вработени има единствено кај капиталните производи и тоа за 2.4%.

Менаџерите се умерени оптимисти

И покрај релативно неповолните статистички податоци менаџерите од секторот преработувачка индустрија се умерени оптимисти.

Индикаторот на доверба е зголемен за 1.5 процентни поени во јуни 2019-та во однос на јуни 2018-та.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во јуни 2019, во однос на мај 2019 година, е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се зголемени во однос на мај 2019 година.

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во јуни 2019-та е поповолна во однос на претходниот месец, а поповолна е и во однос на јуни 2018-та.

Менаџерите очекуваат зголемување на бројот на вработени во наредните три месеци.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во јуни 2019 година изнесува 69.9 % од нормалното искористување.

Најголемо влијание врз огрничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 26.2%, недоволната странска побарувачка со 15.6%, недоволната домашна побарувачка со 14.4% и неизвесното економско опкружување со 11.9%.

Низа проблеми за индустриските капацитети

Иако анкетата на ДЗС покажува умерен оптимизам, менаџерите се жалат на повеќе проблеми – од слабата продуктивност на работниците до застарената технологија и притисокот што го прави зголемената минимална плата.

„Нашите работници се помалку продуктивни од нивните колеги во регионот. Еве со прост пример – во Бугарија или во Грција за 8 часа еден работник шие 15 до 16 кошули а кај нас едвај 7 до 8“ вели сопственик на текстилен погон од источниот дел на државава.

Бизнисмените велат дека ниската продуктивност е комбинација на повеќе фактори – застарена технологија, ниски квалификации но и самиот менталитет на луѓето.

„Не секогаш е проблемот кај работниците. Ние треба да им обезбедиме полуавтоматски машини со кои драстично би се забрзала работата, но тоа чини сериозни пари кои во моментов ги немаме“ објаснува сопственикот на погон од истокот.

Но, сериозен проблем се и недоволните квалификации кои ги имаат работниците.

„Нам ни требаат месеци за да обучиме нов работник, буквално месеци. За тоа време тој е речиси неупотреблив. Често се случува по обуката да си замине, тоа е огромна штета за нас“ вели сопственикот на погон.

Премиерот очекува подобри економски перформанси

Премиерот, пак, денеска изјави дека очекува подобри економски перформанси.

„Ако финансиските перформанси продолжат вака како што сега се случуваат во буџетот, веруваме дека доаѓа едно благопријатно време за сите граѓани. Ако веќе донесовме крупни историски, чувствителни одлуки, сега наша задача треба да биде сите граѓани буквално да почувствуваат благодет од придобивките на интеграциите, кои носат и нови економски перформанси за државата“ изјави премиерот Зоран Заев.

Премиерот не ги коментираше најновите трендови во индустријата, но потсети дека од 1 септември ќе има зголемување на платите за 5% кај целата јавна администрација.

Државата најавува мерки за поддршка

Државата преку сет мерки најавува дека ќе работи на поттикнување на специјализацијата, дигитализацијата и интернационализацијата на индустријата.

Владата во моментов работи на нова Стратегија за паметна специјализација која треба да биде готова во 2020-та година. Нејзина цел е зголемување на соработката меѓу јавниот, бизнис и научно-истражувачкиот и иновативен сектор, стимулирање на приватните инвестиции во истражување и иновации, пристап до европските структурни и инвестициски фондови, пристап до фондови за истражување, инструменти за технолошки иновации и трансфер на технологии.

Контрадикторни долгорочни трендови

Долгорочните трендови на секторот покажуваат до некаде контрадикторни тенденции – во периодот од почетокот на 2013-та до крајот на 2015-та опаднал бројот на активни компании, се намалила потрошувачката на енергија, а се зголемил бројот на вработени како и обемот на производство.

Според последната публикација на ДЗС во 2013-та во секторот имало вкупно 8.214 деловни субјекти, во 2014-та 8.006, а во 2015-та 7.972.

Лани во секторот преработувачка индустрија биле основани 675 компании а биле затворени 652.

Анализите на статистичарите покажуваат и дека од година во година индустријата користи се помалку енергија. Во 2012-та вкупната финална потрошувачка била 580.214.000 toe, а во 2014-та 515.193.000 toe.

Потрошувачката на електрична енергија е речиси непроменета, на јаглен и на нафта постојано опаѓа, а на природен гас и на биомаса има благ пораст.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП