Руинирани и празни дуќани, запустени и валкани ходници. Вака изгледаат најголем дел од маалските трговски центри кои до пред десетина година работеа турбо. Ним им пресудија новите молови по светски стандарди.
City mall, Ramstore, Capitol, Vero Jumbo и најновиот аутлет парк Point остваруваат над 90% од пазарниот удел во главниот град.
„Ваквиот тренд ќе продолжи. Со отворањето на новите трговски центри кои во моментов се градат дури и дел од овие кои сега работат одлично ќе спласнат“, вели Андреј Симоновски, консултант за недвижности. „Тоа е нормален тренд, секој нов објект има нови и дополнителни содржини, поголем избор и некоја додадена вредност па ги привлекува муштериите. Нашиот пазар е мал и со ограничена куповна моќ па не може да поддржи голем број на трговски центри“ објаснува тој.
Во 90-те маалските трговски центри никнуваа буквално на секаде, но сега најголем дел од нив или зјаат празни или просториите се пренаменети во канцеларии, фризерници и секако неизбежните спортски обложувалници. Во нив речиси и да нема бутици и слични продавници.
„Купувачите сакаат да најдат се на едно место и сето тоа да биде добро организирано и одлично спакувано. Тоа го нема во овие трговски центри“ вели Симоновски.
Токму слабата организираност им пресуди на овие објекти – големиот број сопственици на поединечните дуќани не можат да се организираат за добро одржување на заедничките простории како и за организирање на атрактивни настани и промоции.
„Современиот концепт на мол подразбира комплетна понуда, муштеријата да може да мине цел ден таму и да не му затреба ништо. Токму затоа кај нив има од супермаркет и аптека до ресторани и кафулиња, игротеки и места за забава и се разбира огромен избор на продавници кои нудат се“ вели Симоновски.
Токму поради ова старите продажни места како Олимпико, Алуминка, Скопјанка, Чаирчанка, оној кај трите кули во Карпош 4 потсетуваат како сцена од пост апокалиптичен филм, особено навечер.
Состојбата е малку подобра во Буњаковец, Бисер, Лептокарија и Беверли Хилс но и овде е далеку од „златното време“ пред една до две децении.
„Градскиот трговски центар е сосема друга приказна. Тој се уште до некаде успева да се избори со конкуренцијата пред се поради атрактивноста на локацијата. Но и овде релативно работи само приземјето кое се користи како пешачки коридор, на катовите и во подрумот состојбата е далеку од сјајна“ објаснува Симоновски.
Закупнините на малопродажниот простор во главниот град бележат намалување изминативе неколку години, иако премиум локациите се уште држат цена. Квадратен метар на премиум локација во трговските центри чини и над 40 евра, во центрите во населбите достигнува 10 до 15 евра, додека на главните пешачки зони над 30 евра.
Во следните три до пет години се очекува ново раздвижување на пазарот со отворањето на новите трговски центри кои се во фаза на градба – молот во склоп на Џевахир во Аеродром, проектот Diamond кој се прави зад старата железничка станица, East Gate кај Скопскиот саем и неколку помали проекти.
К. Н.