25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИсплатлива инвестиција: сериозни заштеди со енергетска ефикасност

Исплатлива инвестиција: сериозни заштеди со енергетска ефикасност

Вложувањето во енергетска ефикасност односно не е трошок туку инвестиција која на среден а особено на долг рок резултира со сериозни заштеди.

Новите прозори и фасади, LED светлата и современите апарати за домаќинство со енергетска класа А можат да ги намалат сметките за струја и за греење и до 70%.

Експертите советуваат дека ова треба да биде прв приоритет за вложување во домовите особено ако се земе предвид очекуваниот нагорен тренд на цените на струјата но и општо на енергенсите.

„Тоа е проста математика. На вложен денар се враќа денар уште во првите година или две. Потоа се е чиста заштеда односно заработка“ објаснува Лазар Марковски, енергетичар. „Ако се одлучите за реновирање на домот прв приоритет треба да бидат прозорците, а потоа и фасадата. За ова се исплати да се земе и кредит зашто во меѓувреме парите ги фрлате во празно. За помали вложувања како замена на светилките и дел од уредите за домаќинството не треба воопшто и да се размислува“ објаснува тој.

Со промена на само една светилка годишните трошоци за струја може да се намалат и за 10 евра, доколку во целиот дом се постават штедливи LED светилки вкупната заштеда може да достигне и до 100 евра.

Колку навистина троши светилката? Под претпоставка дека е вклучена по 5 часа на ден, за една година светилката работи вкупно 1.825 часа. За ова време класична светилка од 100 W ќе потроши околу 182 kWh што по моменталната цена од 4.44 денари изнесува околу 800 денари годишно.

LED светилка од 23 W зрачи иста светлина како обична од 100 W но годишно ќе потроши околу 42 kWh што по цената од 4.44 денари изнесува нешто над 180 денари. Оттука разликата односно заштедата е околу 620 денари што е нешто повеќе од 10 евра!

„Мора да се прави разлика меѓу штедење и енергетска ефикасност“ вели Марковски. „Штедењето на енергијата секогаш подразбира одредено одрекнување, додека енергетската ефикасност донесува зголемување на квалитетот на животот“ објаснува тој.

За вистинска заштеда потребни се поголеми инвестиции во самата куќа или стан – подобра изолација значи помала сметка.

„Ставање на топлинска изолација и прозорци е мерка која бара најголемо вложување, но е и најисплатлива. За да се врати вложеното потребни се неколку години, но на долг рок е навистина исплатливо“ вели Марковски.

Сепак, изолацијата како најефикасен начин за заштеда на енергија е застапена во само 18% од домовите – најдобро стои скопскиот регион со 29%, а најлошо пелагонискиот со нешто под 7%. 68% од куќите и становите имаат дрвени прозорци, 29% ПВЦ, а нешто над 3% алуминиумски.

Македонија троши три пати повеќе енергија од просекот во Европа. На 1.000 евра додадена вредност во земјава се вложуваат 340.5 кгне (нормализирана единица енергија), а на ниво на Унијата се вложуваат 122 кгне, покажуваат анализите во публикација „Одржлив развој“ која ја изработи Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според податоците полошо од земјава се рангирани единствено Естонија со 386.4, Србија со 441.9, Бугарија со 448.8 и Исланд со 551.5 нормализирани единици енергија.

Сепак, Македонија има позитивна тенденција – бројките секоја година се пониски во однос на претходната. Во 2014-та потрошувачката била 340.5, во 2013-та 363.7, во 2012-та 411.0, а во 2001-та дури 605.5 кгне.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП