2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: помалку блокирани сметки, повеќе задолжени граѓани

Анализа: помалку блокирани сметки, повеќе задолжени граѓани

Народната Банка мери постојано намалување на бројот на блокирани сметки. Граѓаните и компаниите стануваат сѐ подисциплинирани во сервисирањето на обврските. И извршителите веќе не се она што беа – за нив има построги правила и помали награди.

Сѐ помалку блокирани сметки

Најновите податоци на Народната Банка покажуваат дека на крајот на март годинава имало 80.259 граѓани и 27.952 компании со блокирани сметки. За една година нивниот број е намален за 1.294 односно за 700.

Бидејќи и граѓаните и фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки вкупниот број на блокирани сметки е многу поголем и заклучно со крајот на март годинава бил 230.544 што е за 4.668 помалку во однос на март лани.

Трендот на намалување на бројот на блокирани сметки е присутен речиси три години. Најлоша била состојбата во октомври 2016-та кога имало вкупно 273.872 од кои 219.934 на физички и 53.938 на правни лица.

Построги правила за извршителите

Лани беа донесени измени на законот со кои се намалија трошоците во постапките пред нотарите и извршителите и тоа за најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити.

Во постапките пред нотарите овие граѓани се ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност, а нотарската награда е 10% од главниот долг, но не повеќе од 500 денари. Тоа значи ако долгот е 1.000 денари, надоместокот за нотар ќе биде 100 денари. Ако долгот е 10.000 денари, надоместокот нема да биде 1.000 денари, туку 500 денари.

Исто така за сметки за вода, смет, телефон и одржување на заеднички простории во висина до 6.000 денари нема да биде потребно учество на адвокати, како и за сметки за струја и парно до 15.000 денари. Со тоа ќе се исклучат и адвокатските трошоци за лицата кои имаат неплатени сметки до одреден износ.

Во постапката пред извршител, исто така има големо намалување на трошоците. За 16 ставки за кои порано постоеја трошоци, со новата тарифа се целосно бесплатни.

Некои ставки се намалени до 50 отсто, некои дури и повеќе од 50 отсто. На пример, налогот за извршување на трансакциска сметка на физичко лице кое порано чинеше 20 евра, со новиот тарифник ќе биде две евра за долгови до 1.000 евра и ќе се движи до шест евра за највисоките долгови.

И пред две години имаше релаксирање на работата на извршителите. Тогаш стапија во сила нови, помеки правила по кои постапуваат.

Со нив се воведе засилена контрола на работењето на самите извршители; писмена опомена пред принудна наплата; вонсудска постапка за комуналните сметки; кратење на роковите за продажба на недвижностите; но и за иселување на должниците; можност да се продаваат предмети при стечај; еднократно поднесување на барање за алиментација; електронска комуникација со државните органи.

Ова значи дека заостанатите сметки за комуналии (струја, вода, парно, телефон, каблеска) веќе не одат на нотар или на суд како до сега туку директно кај извршител. Со тоа треба да се избегнат дополнителните трошоци.

Јавните, комуналните и претпријатијата кои нудат други услуги ќе мора најпрвин да се обидат да го наплатат заостанатиот долг преку извршител, а дури потоа да почнат судска постапка. Со овие измени граѓаните ќе добијат можност да се раздолжат уште во првата фаза, кога нема дополнителни судски, банкарски и други трошоци.

Македонецот сѐ позадолжен

Македонците постојано се задолжуваат – Народната Банка мери континуиран раст на вкупните кредити, но податоците за намалувањето на бројот на блокирани сметки и на нефункционални пласмани укажуваат дека граѓаните се сѐ подисциплинирани во сервисирањето на обврските.

Банките на граѓаните во просек им одобруваат по речиси 674 илјади евра нови кредити секој ден. Вкупните долгови на домаќинствата за една година пораснале за 246 милиони евра и достигнале 2 милијарди и 592 милиони евра.

Според податоците на Народната Банка заклучно со април домаќинствата на банките и штедилниците им должат 1 милијарда и 453 милиони евра како денарски кредити и 1 милијарда и 139 милиони како кредити со девизна клаузула. Од овие пари 61.4 милиони евра се водат како сомнителни и спорни побарувања.

Оттука просечниот Македонец должи 1.249 евра и за една година се задолжил за дополнителни 118 евра.

Во април, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5.23%, со што продолжи трендот на намалување. За еден месец таа паднала за 0.03 процентни поени а за една година за 0.42.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во април била 4.71%.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор во април изнесувала 4.52%.

Кредитот може да се врати пред време

Секој корисник има право предвреме, кога сака, целосно или делумно да го врати банкарскиот потрошувачки кредит. Законот предвидува строги критериуми колку банката смее да наплати за ова.

„Често стигнуваат поплаки од граѓани. Банките наплаќаат и до 30% од целата сума на кредитот што решиле предвреме да го исплатат, а според Законот максималната ‘казна’ е 0.5 до 1 процент“ велат од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ). „Можете да се откажете од потрошувачкиот кредит во рок од 14 дена иако сте потпишале договор. Исто како кај секој производ. Ваше право е, без никаква наведена причина, во рок од 14 дена да се откажете од земањето кредит. Но, според нашата анализа, оваа ставка е многу често скриена од страна на кредиторот“ објаснуваат во ОПМ.

Граѓаните и компаниите и должат и на државата

Граѓаните и компаниите и должат и на државата. Според најновата листа на должници, Управата за јавни приходи (УЈП) заклучно со крајот на мај, побарува 145 милиони и 450 илјади по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

За еден месец вкупните побарувања се зголемиле за 3.9 милиони евра.

На последната листа повторно има јавни и државни претпријатија, приватни компании, како и физички лица.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП