29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКатастрофални капитални инвестиции - засега нема ни решение ни ребаланс

Катастрофални капитални инвестиции – засега нема ни решение ни ребаланс

Продолжува катастрофалната реализација на капиталните инвестиции. Во првите пет месеци биле потрошени само 13.74% од планираните пари за цела година. За да се оствари проекцијата реализацијата би требала да биде над 40% или три пати повеќе.

Капитални инвестиции: три пати помала реализација од планираното

Најновите податоци на Министерството за финансии покажуваат дека заклучно со мај за оваа намена биле потрошени 3 милијарди и 568 милиони денари или 58 милиони евра.

Во буџетот за инфраструктурни проекти односно за изградба на патишта, железници, водоводи, болници, училишта се предвидени 422 милиони евра.

За споредба сите останати буџетски ставки и на приходната и на расходната страна се со реализација од 30 до 40% што е и очекувано. За да се оствари целосно спроведување на планираното реализацијата на секоја ставка заклучно со петтиот месец би требала да биде околу 40%.

Вкупните приходи биле реализирани со 38.23%, а вкупните расходи со 37.46%.

Даночните приходи и придонесите имаат реализација од 38.51%, а неданочните од 41.21%.

Тековните трошоци се реализирани со 40.50%, а капиталните со само 13.74%.

Капиталните инвестиции редовно потфрлаат

Реализацијата на капиталните инвестиции минатата година изнесуваше едвај 197 милиони евра односно 65.5% од планираното со ребалансот на буџетот или помалку од половина од првичната сума од 400 милиони евра.

Реализацијата на капиталните инвестиции никогаш не е целосна, но во последните неколку години значително потфрла. Разликите обично се пеглаат со ребаланс на буџетот, но и тогаш не достигнува 100%.

Во 2018-та биле потрошени само 65.5% од планираните пари, во 2017-та 83.6%, во 2016-та 76.01%, во 2015-та 83.96%, во 2014-та 83.58%, во 2013-та 82.42%, во 2012-та 87.5%, во 2011-та 84.37%, во 2010-та 86.65%, во 2009-та 69.69%, во 2008-та 78.05%.

Капиталните инвестиции ја подобруваат инфраструктурата а со тоа и конкурентноста на целокупната економија но имаат и директно влијание преку поттикнување на градежништвото.

Ребаланс на буџетот најрано на есен

Разликите меѓу приходната и расходната страна на буџетот вообичаено се пеглаат со негов ребаланс, но премиерот кој ја презема и функцијата министер за финансии вели дека засега нема потреба за тоа. Прекројување на државната каса е можно на есен.

„Секако капиталните инвестиции се многу значајни и тие отвораат работа. Сите тие механизми кои ги имаме на располагање треба да заокружат еден процес на подиректна осетлива благосостојба за сите граѓани“ изјави премиерот Зоран Заев пред два дена кога и објави дека ќе ја преземе и дополнителната функција министер за финансии.

Премерот вели дека во следниот период главна задача ќе биде зголемување на платите и подобрување на животниот стандард.

„Откако ги решивме сите големи политички прашања на нашата земја останува да го зголемиме економскиот стандард и главна задача е раст на платите, пензиите и капиталните инвестиции за подиректна осетлива благосостојба за сите граѓани“ рече Заев.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП