19 април, 2024
ПочетнаБЕРЗАБерза-неделен преглед

Берза-неделен преглед

НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД

(24.06 – 28.06.2013)

 

 

Пад на прометот во тргувањето со акции, благ пораст на индексот МБИ-10 и намалување на вредноста на индексот МБИД, како и збогатување на сегментот на „задолжителна котација“ со новокотирани компании се главните карактеристики на неделата што останува зад нас. Вкупниот промет во редовното тргување достигна солидни 67 милиони денари, но ако се знае дека 40 милиони денари отпаднаа на промет со обврзницата од 12-тата емисија од денационализација, т.е. сите обврзници реализираа 62,3% од вкупниот промет на берзата, воочлив е слабиот интерес за тргувањето со акции. Индексот МБИ10 неделата ја заврши со пораст од +0,30%, додека пак индексот МБИД имаше неделен пад од -2,41%, пред се поради намалувањето на цената на акцијата на Раде Кончар Скопје која имаше неделен пад од -27%.

Според реализираниот промет, најтргувана беше акцијата на Алкалоид Скопје со промет од 8,7 милиони денари, ТТК банка Скопје со 4,9 милиони денари, НЛБ Тутунска банка Скопје со 2,3 милиони денари, Макпетрол Скопје со 2,2 милиони денари, Македонски телеком Скопје со 1,4 милиони и Комерцијална банка Скопје со 1 милион денари неделен промет.

На регионалните берзи индексите главно завршија во позитива, со исклучок на белградскиот Belex кој заврши со поголем минус, иако Србија доби датум за отпочнување на преговорите за пристап кон Еевропската Унија. SBI10 неделата ја заврши со пораст од +1,22%, Crobex забележа неделен раст од +0,94%, Belex имаше пад од -2,03%, додека софискиот Sofix регистрираше пораст од +1,18%.

Берзите во САД неделата ја завршија во плус, благодарејќи на добрите показатели за растот на американската економија како и одложувањето на примената на мерките за евентуално намалување на влевањето на дополнителна ликвидност за почетокот на септември. Тоа придонесе DOW JONES неделата да ја заврши со пораст од +1,71%, NASDAQ неделата ја заврши со раст од +2,48%, а S&P 500 имаше неделен раст од +2,11%. Европските берзи главно беа водени од информациите што доаѓаа од „преку океанот“, па забележаа значителен раст на крајот од неделата. . DAX забележа раст од +3,47%, FTSE 100 ја затвори неделата со раст од +3,09%, додека францускиот CAC 40 имаше пораст од +3,98%. Слични беа движењата и на азиските берзи, па така Јапонскиот NIKKEI 225 ја заврши неделата со пораст од +4,76%, додека хонгконгшкиот HANG-SENG имаше раст од +3,21%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП